Сурогат мајки како живи машини, раѓаат под бомби, а нивната и судбината на бебињата е неизвесна

Мајки под гранати и сирени родиле 390 деца во Киев, но за жал, бебињата кои ги родиле сурогат мајки не можат да дојдат до своите родители. Нешто слично се случуваше и пред две години кога границите беа затворени заради короната, но тогаш барем имаше мир

967

Пред две години, светските медиуми објавија дека во Киев, Украина, во еден хотел се наоѓаат речиси 50 сурогат-бебиња чии родители од Велика Британија, од САД, од Италија, од Германија, од Романија и од други земји не можат да дојдат да си ги земат затоа што границите се затворени поради ковид-19.

Сега, две години подоцна, ситуацијата е уште потешка. Додека Украина крвари, додека луѓето гинат, а народот бега од ужасите на војната, се раѓаат нови животи во засолништата, подрумите и метрото. За време на руската инвазија на Украина, во нејзиниот главен град се родени 390 бебиња, соопшти Министерството за здравство на градот Киев.

„Ова се сосема нови жители на Киев кои се родени во осум дена војна! Досега се родени 390-199 момчиња и 191 девојче, но ние сме подготвени да ги запознаеме и следните! Децата во главниот град се родени за да живеат, да ја создаваат иднината на Украина! Нека се здрави и среќни и нека растат под мирно небо и светло сонце“, се наведува во соопштението на Министерството за здравство на градот Киев.

Овие новородени бебиња имаат среќа бидејќи веднаш по раѓањето се ставаат во прегратките на нивните мајки. Што е единствено нормално и природно. За жал, некои новороденчиња од Украина се лишени и од тоа.

 

Заборавените сурогат мајки на Украина

Децата од клиниката „Био ТексКом“ – Медицинскиот центар за репродуктивно здравје во Киев за третман на неплодност, кој нуди и програми за сурогат мајчинство, донирање јајце-клетки, ИВФ, митохондријални донации и автотрансплантација на ендометрија, како и сурогат мајки, моментално се во тешка ситуација.

Комерцијалното сурогат мајчинство е легално во Украина, каде што нема старосна граница за парови кои сакаат да учествуваат во програмите. Ги плаќале од 40.000 до 90.000 евра, но поради рускиот напад на Украина родителите не можат да ги прегрнат веднаш по раѓањето бидејќи се во други земји, па дури и на други континенти, а не е јасно кога ќе им биде дозволен влез во Украина.

 Bio TexCom на својата веб-страница пишува дека имаат извонредна репутација, се горди на обезбедувањето конзистентни резултати кои ги оставаат клиентите задоволни и од година во година продолжуваат да ги предводат револуционерните истражувања во областа на репродуктивната медицина.

Во медиумите фокусот е на маките на клиентите, а не на сурогат мајките

По породувањето, колку страдаат овие жени? Дали барем им е понуден азил во земјата на нарачателите? Зошто договорите со жени од ранливи области веќе не ја содржат оваа клаузула? Одговорот лежи во фактот дека сурогат мајките не се третираат како човечки суштества, туку како живи машини кои го произведуваат посакуваниот производ.

Сурогат индустријата особено цвета во земјите зафатени од војна, со висока стапка на невработеност и сиромаштија кои секогаш најмногу ги погодуваат жените. Сурогат индустријата цвета не само во Украина, туку и во сите земји каде трудот и правата на жените се ниски, и каде капитализмот расте неконтролирано без никаков отпор од страна на автентична левица, како што е случајот во САД.

Од друга страна, комерцијалното сурогат мајчинство е забрането во Европската Унија, Канада и Велика Британија – во сите земји каде што има работничка и феминистичка организација и каде што постои колективна свест дека луѓето не се живи машини составени од делови што може да се купи и да се користи за богатите и привилегираните.

 

Колку чини бебе во Украина?

 

Украина е дестинација од соништата за трговија со фетуси – услугата на клиника за сурогат мајчинство во САД е околу 200.000 американски долари. Во Украина – 90.000 долари. Толку законодавците ја процениле цената на детето. Од тоа, најмал дел оди за сурогат мајките (во просек 15.000 евра). Но, за ранливите и сиромашни млади мајки во земја со просечна плата од околу 300 евра, ова често делува како спас од сиромаштијата и начин за издржување на нивните семејства.

Една од сурогат мајките изјавила дека своето тело го изнајмила за анонимни клиенти од Запад за само 200 долари, за бременост која пропаднала – изборот бил или тоа, или нејзиниот сопруг да го продаде бубрегот на црниот пазар. Дури и пред руската инвазија на Украина, сурогат индустријата регрутираше жени од загрозените области на границите на Луганск и Доњецк.

 

Сегашната ситуација во Киев е нестабилна и тешка

 

Репортерите на хрватскиот портал 24 часа лично разговарале со вработените во клиниката Био ТексКом, при што откриле дека ситуацијата е навистина многу нестабилна и тешка. Никој од нив не очекувал војна од толкави размери, но и во оваа ситуација се трудат да не го изгубат оптимизмот и се трудат да ги заштитат клиентите, децата, сурогат мајките, себеси и државата.

Тие рекле дека на првиот ден од војната градот бил парализиран, луѓето се обидувале да побегнат од градот и од земјата, борбите биле видливи од Оболон и Вишгород – населби до клиниката.

Раководството на медицинскиот центар брзо решило да ги пресели клиентите на нови места, нужно во куќи каде што има засолништа.

Сурогат мајките постојано се во контакт со своите менаџери, има база на податоци за нивните контакти и контакти со роднините во случај на прекин во комуникацијата. Оние мајки кои територијално се во Киев сега се во безбедни засолништа, а оние кои се дома во другите градови на Украина се дома со своите семејства. Администрацијата создава бази за сместување на сурогат мајки во региони кои се најмалку ранливи на ракетни напади.

„Најитниот проблем е тоа што децата се раѓаат секој ден. За време на војната веќе се родени повеќе од десет деца. Имаме вкупно 60 деца и таа бројка постојано расте. Покрај тоа, имаме 600 бремени сурогат мајки. Родителите во моментов не можат да ги земат своите бебиња. На почетокот на војната во Киев ги имало 150. Се грижиме за сите, има залихи. Дадилките, кои имаат и свои деца и семејства, се грижат за тие деца како за свои“, објаснува Денис Херман, адвокат на клиниката.

Повеќе