Три македонски града, немаат гинеколог, а три имаат најлоша здравствена услуга за претшколски деца

Според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации за здравствената заштита во македонските градови, постојат голема разлики меѓу поголемите и помалите градови, но не во сите сегменти. На пример, во однос на бројот на деца на една служба за здравствена заштита на претшколски деца, најдобро стои Виница, а најлошо Охрид, Прилеп и Скопје. Кога станува збор за женската популација, дури во три градови, жените се без гинеколог

224

Резултатите од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации Opendata.mk, посочуваат на огромни разлики во можностите, односно степенот на здравствена заштита што можат да ја добијат жителите на 30-те македонски градови.

Очекувано, подобро стојат големите, а полошо помалите градови. Највисоки можности за здравствена заштита во државата имаат жителите на Скопје, а најмалку можности за соодветна здравствена заштита имаат жителите на Крушево. Меѓу големите градови најлошо стојат Кичево и Кочани, а меѓу малите градови најдобро стојат Виница и Делчево. Покрај Скопје, на врвот на листата се и Битола и Штип, додека на дното, покрај Крушево се и Македонски Брод, Валандово и Крива Паланка.

Истражувањето кое вклучува 22 индикатори, ги зема предвид човечките и просторните медицински капацитети, што им стојат на располагање на жителите, како што се болници, здравствени домови, служби за заштита на жени, служби за здравствена заштита на претшколски и школски деца, лекарски, специјалистички и друг здравствен кадар, но и стапката на смртност, односно вкупен морталитет на 100.000 жители, како и смртност на доенчиња, односно, умрени доенчиња, стапка на 1000 живородени. 

Во однос на здравствената заштита на претшколски деца (од 0 до 6 години), најдобро стои Виница, каде на 129 деца има една ваква служба или педијатриска амбуланта. Најлошо стојат Охрид, Прилеп и Скопје, каде една ваква служба има на повеќе од 3.000 деца на оваа возраст. Шест градови имаат ваква служба, но, во неа нема лекари и мораат да патуваат во други градови за ваква услуга, се наведува во соопштението.

Според истражувањето, слична е и состојбата со број на жени на една служба за здравствена заштита на жени. Како што покажуваат резултатите, најдобро стои Берово со 1.388 жени на една ваква служба, додека најлоша е состојбата во Прилеп, каде една ваква служба „покрива“ дури 36.000 жени. Три градови, односно, Македонски Брод, Крушево и Валандово, според истражувањето, воопшто немаат ваква служба, односно гинеколог.

Повеќе