Веганска исхрана – добар избор или сериозна закана за здравјето на децата?
Бидејќи бројот на вегани во светот а и кај нас сѐ повеќе расте, стручњаците во доменот на медицината, а особено нутриционистите , имаат целосно поделени мислења за тоа дали и во која мерка таквиот начин на исхрана е здрав за луѓето, посебно за децата.
Веганската исхрана може лошо да влијае на здравјето на децата, предупредуваат лекарите во Данска, во која има сѐ поголем број на вегани.
Според податоците на Данското вгетаријанско здружение, во таа земја само во текот на минатата година бројот на вегани пораснал од дваесет и пет на триесет и пет илјади. Сепак, само неколку центри за грижа за децата го нуди овој вид на исхрана и за тоа постојат причини.
Без храна со животинско потекло
Веганството подразбира во исхраната да не се користи храна со животинско потекло, како и да не се употребуваат предмети, облека и било кои производи кои содржат материи со животинско потекло. Воопшто, веганите застапуваат начин на живот кој исклучува било каква суровост над животните.
Дали е добро да се хранат децата на овој начин е прашање околу кое спорат стручњаците. Многу педијатри сметаат дека таквата диета е опасна за детското здравје, дека го ремети правилниот развој, дека не обезбедува доволно хранливи материи и енергија.
Во една од најголемите болници во Копенхаген, во Данска (Rigshospitalet), секоја година се забележува барем еден случај кој покажува дека веганскиот начин на исхрана е штетен за здравјето на децата.
Имено, сериозни оштетувања на мозокот настанале како директна последица од веганската исхрана на децата на помлада возраст.
Тоа се деца кои не јадат месо, риба, живина, како ни млечни производи, јајца и мед.
Аргументи против веганскиот начин на исхрана за децата
Веганската исхрана предизвикува недостаток на витамин Б12, железо, цинк и калциум. Храната со животинско потекло (месо и млечни производи) е единствен извор на витамин Б12, неопходен за создавање на црвени крвни зрнца, но и за оптимално функционирање на нервниот систем. Кај повозрасните лица Б12 спречува деменција, а уште поважен е кај децата, посебно кај оние помладите од две години, затоа што нивниот мозок допрва се развива. Поради тоа педијатрите предупредуваат дека екстремното спроведување на таква диета директно го загрозува здравјето на децата на помлада возраст.
Ален Лунд, главен доктор во данската болница тврди дека можат да се развијат разни мозочни симптоми и мускулна слабост, можеби и епилепсија, а долгорочно можат да се јават ментални и физички оштетувања.
Мислење на оние кои се за веганство
Генералниот секретар на Данската вегетаријанска организација има сосема спротивни аргументи; тој укажува на податокот дека токму неговата организација ја основале доктори во 1896. Година и дека соработката со лекарите трае веќе 122 години. Смета дека во Данска станува збор за недостаток на знаење затоа што европските педијатри се експерти за деца, но не и за веганска исхрана.
Без оглед на спротивните ставови и мислења, луѓето ќе го прават она што мислат дека е најдобро за нивните деца. Сепак, важно е секое дете да има мени прилагодено кон неговите индивидуални потреби.