Вратете ни ги нашите деца! Ова е крикот на обесправените родители кои после развод го губат правото да бидат родители

Обесправените родители од регионот кои по развод на бракот стануваат родители од втор ранг, ги решаваат заедничките проблеми на меѓународна конференција за предизвиците на рамноправното родителство во Нови Сад. Овие родители не сакаат ништо друго освен – рамноправно родителство бидејќи тоа, според нив, е единственото правилно решение кое е навистина во најдобар интерес на детето

373

Крикот на родителите кои после разводот на бракот го губат правото да им бидат рамноправни родители на своите деца – „Вратете ни ги нашите деца“, кој од Хрватска се рашири низ целиот регион, е она што ги поврзува во нераскинлив синџир обесправените родители од целиот регион кои веќе вторпат се среќаваат во Нови Сад за да се обединат во заедничката цел – воведувањето на рамноправно родителство после развод.

Овие два дена колку што трае конференцијата „Предизвиците на рамноправното родителство“ ќе слушнеме различни приказни од сите страни на регионот, но и од светот, со оглед на тоа што коорганизатор на истата е и амбасадата на Шведска во Белград, но и претставници од Соединетите Американски држави. Меѓу нив, Крег Чајлдрес, клинички психолог, креатор на првиот модел за проценка, дијагностицирање и терапија на патогеното родителство и одбивањето на детето од родителот, означено како една од најлошите патологии присутни и нерешени до денес, Дорси Прутер, оснивачка на најуспешната програма за спојување на семејството „High road to family reunification“ и Мелани Гринхам, истражувач од областа на пореметување на личноста која ќе ги претстави своите најнови откритија во светот на семејната дисфункција поврзани со пореметувањето на личноста.

На конференцијата, како дел од организаторскиот одбор, покрај домаќинот Дејан Павловиќ, претседател на Центарот за рамноправно родителство, Нови Сад и Милош Вучковиќ од Центарот за рамноправно родителство, Србија, се и Мелита Пожгај, секретарка на хрватското здружение за рамноправно родителство, Изток Иванчиќ од здружението ДООР, од Словенија, Един Сараќ, од здружението за рамноправно родителство во Босна и Херцеговина и нашиот Наум Рибароски, претседател на Центарот за рамноправно родителство на Македонија. Рибароски, на самиот почеток од оваа дводневна конференција во Нови Сад го претстави предлог-законот кој македонското здружение имаше можност да го достави во македонскиот Парламент во 2019 година.

Тој ја потенцираше важноста од тоа, подносителите на лажни пријави за злоупотреба на децата од страна на таканаречениот „секундарен“ родител, односно, родителот кој наместо родителско право, добива само родителство на мали порции (видувања) од 1-2 часа неделно или понекогаш дури и месечно, да бидат лишени од родителското право кога ќе се докаже дека пријавата била лажна, бидејќи токму тие пријави се најголемата причина за отуѓување на децата од едниот родител.

Рибароски посочи и на потребата од воведување на семејни извршители кои ќе вршат надзор на спроведувањето, односно, неспроведувањето на решенијата на центрите за социјални работи за видување на децата, бидејќи, според заедничките искуства, генерално, во регионот, неспроведувањето на решенијата е генерален проблем во сите земји од регионот.

Учесниците на оваа меѓународна конференција за предизвиците на рамноправното родителство после развод, го лоцираат главниот проблем во тоа што со досегашната пракса на доделување на детето на еден од родителите, во најчест случај на мајките, ним им се дава моќ која се преобразува во оружје против поранешниот партнер, а како решение го посочуваат рамноправното родителство кое наместо моќ, ќе значи поделена одговорност меѓу родителите.

„Детето во развојот треба да се потпира на два столба, на двајцата родители, затоа што во спротивно, потпирајќи се само врз еден нестабилен столб, лесно може да падне во понор“, порача Дејан Павловиќ, како вовед во конференцијата. Во прилог на ова се и повеќе приказни на родители присутни на оваа конференција кои говорат за страшните последици врз децата кои се манипулирани од родителот-старател и емоционално малтретирани до толку што многу од нив завршуваат на психијатрија.

Претставничката од Хрватска, Мелита Пожгај, имаше, меѓудругото, емотивно изложување на приказната за член на нивното здружение, таткото Дарио, чие дете било однесено од страна на мајката од Хрватска во Србија, а за неговото патешествие, снимен е и документарец. Имено, таткото повеќе од две години патувал 1.600 километри, од Пореч во Србија, за да може барем еднаш во два месеци да го види својот син на 2 часа, во ладната соба на Центарот за социјална работа. За жал, како што рече госпоѓа Мелита во своето обраќање, неговото срце не ги издржало болката, тагата, разочарувањето, неправдата и тој починал пред четири години. Таа ги потенцираше сите последици од овој нерамноправен систем на родителство после развод кој е присутен во целиот регион, врз децата и врз обесправените родители, но и врз бабите и дедовците кои се исто така жртви на овој систем на нерамноправно родителство.

„Во Хрватска владее вистинска пандемија на баби и дедовци на кои им е оневозможен контакт со внуците, а со ова и тие стануваат жртви како што се жртви и нивните деца и внуци“, рече Пожгај.

На конференцијата продолжува и панел-дискусијата на оваа тема, а нашата екипа е тука како единствен медиумски претставник од Македонија кој известува од овој важен меѓународен настан.

Повеќе