Здравите трудници во Британија воопшто не одат на гинеколог

Прегледите се релативно ретки, ултразвук не може да се направи без медицинска индикација, а здравите трудници немаат свој гинеколог, вели хрватскиот професор д-р Жарко Алфиревиќ кој веќе 25 години работи во Велика Британија како гинеколог

273

Ако нашите трудници и родилки се третираат како што се третираат трудниците и родилките во Британија – повеќето од жените на Балканот не би биле задоволни.
Вака вели хрватскиот професор д-р Жарко Алфиревиќ кој веќе 25 години работи во Велика Британија како гинеколог.

Тој тврди дека ја открил најголемата разлика во здравствените системи на двете земји.

„Како што жените раѓаат овде, на балканските жени не би им се допаднало“, заклучува професор Алфиревиќ кој во 1984 година дипломирал на Медицинскиот факултет во Загреб, а во 1989 година со стипендија на Британскиот совет заминал на обука во Ливерпул, каде што останал до денес.

Раководител е на Клиниката за гинекологија и педијатрија на Медицинскиот факултет во Ливерпул, а клиничката работа ја врши во породилиштето во Ливерпул, едно од најголемите во Европа. Неодамна беше избран за претседател на Академскиот совет на Кралското здружение на гинеколози на Велика Британија.

„Многумина ќе бидат изненадени од мојата споредба на британскиот и хрватскиот здравствен систем кога станува збор за грижата за трудниците.

Мислам дека најголемата разлика доаѓа од односот меѓу лекарите и акушерките.

Имено, во британскиот систем не постојат гинеколози од општа пракса или приватни гинеколози кои се грижат за здрави трудници.

Сето ова го прават акушерки кои спроведуваат пренатална нега, ги водат породувањата, шијат епизиотомии и спроведуваат нега после породувањето, вклучително и грижа за доењето.

Не само во болница туку и дома.

Болницата во која работам, со повеќе од 8.300 раѓања годишно, вработува околу 300 акушерки кои се составен дел од нашиот тим.

Ова им овозможува на повеќето трудници континуирана нега, а во болница доаѓаат само во случај на тешки компликации.

Повеќето здрави трудници поминуваат помалку од еден ден во болница по породувањето, а воопшто не одат на гинеколог.

Тоа ни овозможува нам докторите да се занимаваме само со вистинска патологија и да бидеме експерти во нашата област, бидејќи не се оптоваруваме со грижата за здрави жени“, вели професор Алфиревиќ за „Јутарњи“.

Како што наведува, акушерките ја третираат бременоста како нормален физиолошки процес, додека лекарите во се гледаат потенцијална опасност, па понекогаш се јавуваат професионални конфликти.

Додека тој се грижи само за жени со тешки компликации, здравите трудници се пораѓаат на другиот крај од болницата, секоја во посебна просторија со бања, со партнерот и нивната бабица. Лекарот се повикува само во случај на компликации.

Основниот принцип е дека жената, бебето и партнерот се центарот на се, а персоналот е тука само да помогне доколку е потребно и да се замара што помалку.

„Сигурен сум дека многу трудници од Хрватска не би уживале во британскиот здравствен систем. Прегледите се релативно ретки, ултразвук не може да се направи без медицинска индикација, а здравите трудници немаат свој гинеколог.

Нема закажување преку врски. Во капиталистичка Велика Британија, каде што владее профитот, во медицината важи старото социјалистичко правило – за секој според потребата, а не според способноста за плаќање. И не се сеќавам кога последен пат сум прегледал или сум породил здрава трудница“, вели професорот.

Гинеколошката заштита ја водат лекари од општа пракса, се вршат минимален број прегледи.

Од 1948 година здравствената заштита е потполно бесплатна и една од најефикасните во светот, истакнува професорот.

Повеќе