Зошто децата удираат други деца? Kако да се реагира кога ќе удрат или ќе бидат удрени?

Децата се удираат едни со други. Децата удираат други деца. Децата добиваат удари од друго дете. Едноставно така е и понекогаш се помируваме со тоа. Но, зошто тоа навистина се случува? И како да се реагира кога тоа ќе се случи?

654

Кога ќе слушнете дека вашето дете удрило друго дете, обично доживувате помал шок. Ако сте еден од родителите кои се трудат да ги воспитаат своите деца што е можно покоректно (хм, а како е тоа всушност?) и ако не трпите насилство и сте убедени дека вашето дете е најдоброто на светот, сигурно реченица како „Твојот син го удри мојот“ во парк, во сосема обичен ден, може да ве исфрли од такт.

Па почнувате да размислувате: не гледа никој што тепа некого, знае дека е лошо, не му давам насилни цртани, а камоли филмови, се грижам да не види такво нешто, му давам многу љубов, зборувам, го пазам, го воспитувам… Па зошто удрил друго дете?! И тука започнува вината. А заедно со вината доаѓа и стравот од уште полошо однесување што може да се случи и стравот дека ова ќе го слушнете и во градинка, па во училиште…

Но, тоа не е ваша вина. Добро? Речиси сигурно можеме да кажеме дека не е ваша вина. Ако правите сè како што треба, нема страв дека ќе се влоши и дека тоа е поради некоја ваша постапка. Има малку деца кои никогаш нема да удрат друго дете порано или подоцна во нивното детство. Секако, тоа што е тоа вообичаено не значи дека ќе дозволите и ќе оставите да се заборави штом ќе се случи, бидејќи на тој начин му давате до знаење на детето дека е во ред – а вие не го сакате тоа.

Зошто децата удираат?
Иако родителите можеби мислат дека детето само „ги изгубило нервите“ или се налутило поради нешто и претерано реагира, удирањето е всушност нездрав начин на комуникација. Понекогаш тој удар е знак дека детето не развило посоодветни алатки за комуникација. Понекогаш им е тешко да ги контролираат своите емоции, па всушност така реагираат наместо да ги користат зборовите.

Навистина не е премногу важно дали детето можело некаде да го види или доживее ова, па сега удира други, бидејќи тоа не е насоката во која сакате да се движите во решавањето на овој проблем. Ниту, пак, целта е да се намали важноста на удирањето на децата. Само не треба веднаш да паничите, туку полека обидете се да го решите проблемот.

Како да реагирате кога вашето дете удира
Ако вашето дете само повремено удира друго дете, важно е да останете смирени кога тоа ќе се случи за ситуацијата да не се влоши, а во исто време, детето од прва рака да види како е да се остане смирен среде ситуација која е сè само не мирна.

Ако ја набљудувате оваа ситуација, важно е да бидете цврсти, но со смирен тон кажете нешто едноставно како „стоп“, „рацете доле“ или „не удирање“. Потоа дајте му шанса на детето да проба нешто поинакво, како на пример користење зборови за да идентификува што го налутило или испровоцирало. И не, не очекувајте или не го присилувајте вашето дете веднаш да се извини, особено ако се работи за дете под две години.

Ако забележите дека вашето дете почесто ги удира другите, не е лошо да разговарате за тоа со експерт – во градинка, училиште или на друго место.

Што да направите кога вашето дете ќе добие удар
Постои голема веројатност дека вашето дете ќе биде удрено во одреден момент. Кога тоа ќе се случи, важно е да покажете сочувство и емпатија, фокусирајќи се на чувствата и благосостојбата на вашето дете. Потврдете ги чувствата на вашето дете и дајте му до знаење дека удирањето не е соодветен одговор. Кога се работи со доволно мали деца, кои не можат да го разберат значењето на извинувањето, одлична идеја е да им се даде можност да го „повторат“ она што довело до ударот – но само ако процените дека е соодветно и дека ќе биде добро прифатено од другата страна..

Ако родителот на детето што го удрило вашето не ја сфаќа ситуацијата толку сериозно колку што би сакале, едноставно тргнете се себеси и детето од тоа друштво, ако е можно. Ништо позитивно нема да дојде од некаков емотивен излив во таква ситуација. Ако често се среќавате со другото дете и со родителот, тогаш можеби е добро да разговарате со родителот, но само кога ќе ги соберете мислите и кога децата не се присутни.

Запомнете дека како што вашето дете не е злобно кога удира некого, ситуацијата е иста кога станува збор за обратниот случај.

Повеќе