Сребрена свадба: Тихомир Јанчовски и неговото вдахновение ќе одбележат 25 години заедништво
Како што најавуваат домаќините (Бифе Тафталиџе), а нивните најави се секогаш приказна сама за себе, на најдолгиот ден во годината, 21 јуни (петок), ќе има ретроспективно поетско читање на стихови од Тихомир Јанчовски.
Го најавуваат и како СРЕБРЕН ДЕН, јубилеен поетски настан, слава…
Во петок (21 јуни) со почеток во 19 часот, во Бифе Тафталиџе ќе се одбележи 25-годишното творештво на Тихомир Јанчовски, сметајќи од неговата прва поетска книга „Обични зборови“, објавена во далечната 1999 година.
Поради јубилејот од 25 години, бројка која кога се однесува на години поминати во брак, се нарекува сребрена свадба, организаторите го најавуваат и како СРЕБРЕН ДЕН, јубилеен поетски настан (слава).
Всушност, станува збор за мултимедијален настан во чие средиште ќе биде ретроспективно читање на поезијата на Тихомир Јанчовски, а бидејќи ќе се случува токму во веќе култното Бифе Тафталиџе, сигурни сме дека нема да биде здодевно.
Па дури и само да се прочитаат имињата на книгите, веќе е доволно интересно: од Обични зборови, Последно време, Староста може, а и не мора да се дочека, Од збор до збор, Игла и конец, Влакно на јазикот, The Noise of Loneliness, па дури и поетскиот роман Лидија или сѐ што знам за жените, сите наслови се доволно провокативни за да ве натераат да ги отворите и да ги зачитате.
Па уште и кога ви чита некој друг, а вие можете да ги затворите очите и само да слушате додека се ладите со некој освежителен џин-тоник…
А ќе читаат повеќемина пријатели на авторот меѓу кои, Зоран Тортевски, Миро Масин, Лидија Јанчовска, Саша Шотаровски, …
Настанот ќе има и музички зачин кој ќе дојде од златното грло на нашата Добрила Грашеска која, патем, благодарение на високите температури ќе се појави без капа и шал.
Инаку, кога станува збор за Јанчовски, доволно е интересно и тоа што додека сите автори организираат промоции на објавени книги, Јанчовски е еден од ретките кој го прави ова во една од ретките години од последниот четврт век, кога не издал нова книга.
Исто така е и можеби единствениот меѓу авторите кој има направено промоција на книга три години пред да ја објави. Станува збор за книгата поезија „Последно време“, промовирана во 2002, а објавена во 2005 година.
Ако се земе предвид дека е ова една од ретките години кога не објавил нова книга, тогаш не е за изненадување бројот на неговите книги, над 40, од кои најмногу се поетски книги, роман, една книга за деца, една историска книга во која пишува за монаштвото во Македонија, како и многу книжевни преводи.
За неговиот голем поетски опус и како одговор на најстереотипните прашања на светот, зошто пишува токму поезија и што го инспирира, вели:
„Јас не можам поинаку, пишувам како што ми доаѓа, а ми доаѓаат на памет многу работи, па пишувам додека имам инспирација. Сметам дека пишувањето поезија е многу поголема уметност отколку пишувањето проза, со оглед на тоа што е многу полесно да ја преточиш мислата во проза на три-четири страници, отколку во една песна“, вели Тихомир.
А инспирација, или како што тој убаво вели, вдахновение, му е секојдневниот живот.
„Пишувам по инспирација, кога ми се менува душењето, кога се чувствувам поинаку, а не како да ми е тоа работа. Има периоди кои се суви и тешки, но има и такви кога имам непресушна инспирација и можам да изнапишам материјал и да издадам книга и кога не пишувам ништо“, вели Јанчовски.
Јанчовски е убав за читање, ама е и интересен соговорник, а своите ставови често ги објавува и на својот Фејсбук профил.
Меѓу последните со кои апсолутно се согласуваме е и оној за Македонците и правењето муабети.
„Македонците не знаат да прават муабет, нон-стоп нешто испрашуваат, и тоа со прашања, потпрашања… цајкански народ. И плус, оговарачки.
Еве, лекција од основна култура: Остави го човека да зборува, или да молчи, ако сака нешто да каже за себе, сам нека си каже, низ разговор, не го испрашувај!
Во последно време сретнав три-четворица кои бегло ги познавам, а користат иста реченица во разговор со мене. Или попрецизно, ист почеток на прашална реченица: Извини, ако не е тајна… ?
И потоа: Што работиш, каде беше, колку пари го купи… дали стварно го/ја знаеш, колку пати си бил во/кај…
Второ: Македонците не знаат да прават муабет, даваат совети што да правиш без да им побараш совет. Фати ова, земи ова, јави се ваму и таму, отиди докај овој-оној, слушај јас да ти кажам… да знаеш дека.. и сл.
Кога велам Македонците не знаат да прават муабет, генерализирам. Поточно би било: огромно мнозинство од луѓето што на попис се изјаснуваат како Македонци, не знаат пристојно да разговараат… ама знаат да оговараат“.
На СРЕБРЕН ДЕН ќе имате можност да си набавите и некој од примероците на досега објавените книги од Јанчовски (од книгите што не се распродадени), а ќе има и 3 комплети со потпишани „собрани дела на авторот“.
Станува збор за 13 книги поезија, три романи, една книга колумни, една книга басни и една книга од областа на историјата.