Кога сите ќе сфатиме дека смртта им се случува и на оние што ги сакаме?

Хрватската писателка Ведрана Рудан, која последните месеци се соочува со тешка болест, го сподели на својот блог својот најнов текст во кој пишува: Зошто морам да црцорам дека сакам да живеам? Кога сите ќе сфатиме дека смртта им се случува и на оние што ги сакаме?

68

Го пренесуваме во целост најновиот текст кој го објави на својот блог хрватската писателка Ведрана Рудан која последниве месеци се соочува со тешка болест.

„Проклетство, каков давеж. Хемотерапија, имунотерапија, зрачење, болница, болница, болница…

Потоа, се враќаш дома. Мачките грицкаат кекси, цвеќиња цветаат околу куќата, сопругот е во фотелјата, а на екранот некои кретени се борат за првото место.

Ми се јавува другарка ми и плаче. Чекам да се смири. „Никогаш не ти го кажав ова, не можам да си го замислам животот без тебе.“

Молчам затоа што не е културно постојано да повторувам, сакам да умрам, сакам да умрам, а луѓето околу тебе ти продаваат финта дека е сè во мои раце, само треба да размислувам розово…

Маж ми скока од столчето, „нашите“ сепак ќе бидат шампиони…

Каков ќе биде животот дома кога ќе ме нема?

Што ќе се промени? На маж ми цицлеста женска, здрава женска, ќе му пече палачинки, сите наши заеднички фотографии ќе лежат во фиока… Се смеам на глас. „Конечно“, вели сопругот, „гледаш дека хемотерапијата има смисла, подобро си, ќе бидеш подобро…“ „Да“, велам, „се чувствувам подобро“ и весело го гледам мојот сопруг кој не знае што го чека.

А моите деца? Ми се јавуваат, ме посетуваат, ми подготвуваат специјални ручеци, а јас глумам ентузијазам пред детето кое капира дека глумам. На другото му кукам.

Жал ми е за луѓето што не ме пуштаат да си одам, а потоа размислувам како би се чувствувала јас на нивно место. Би го убила бог во нив ако паднат со духот. Би го задавила сопругот кога би ми рекол, кога јас ќе умрам, на каучот ќе седи здрав господин и ќе ти става јагоди во уста…

„Ебате јагодите“, ќе врескав хистерично, „бори се за својот живот, не ми ја планирај иднината“. Затоа не му ја спомнав онаа цицлеста готвачка.

Мојата пријателка повторно ми се јавува: „Замисли, не заборави на годишницата, ни уплати за летен одмор на Корчула…“ И потоа загрижено ме прашува: „Како си?“ Се чувствува виновна.

Би сакала да им кажам на моите најблиски со нормален глас, не се плашам, подготвена сум, опуштете се и вие. Зошто морам да црцорам, сакам да живеам, сакам да живеам, сакам да живеам…

Кога сите ќе сфатиме дека смртта им се случува и на оние што ги сакаме?“

Повеќе