Не е само до екраните: Кратковидноста се шири како епидемија, откриен уште еден фактор за порастот
Иако порастот на кратковидоста меѓу децата често се припишува на тоа што тие сè повеќе време поминуваат пред екраните, можно е значаен фактор да е и општата склоност кон престој во затворени простори и долготрајното фокусирање на блиски објекти.
Бројот на случаи на миопија, односно кратковидност, забрзано расте низ целиот свет, а нова студија укажува дека една од клучните причини можеби не се само екраните – туку сè поголемото време поминато во затворени простории.
Иако научниците сè уште немаат целосен одговор зошто кратковидноста достигнува речиси епидемиски размери, истражување спроведено од експерти од SUNY College of Optometry покажува дека проблемот не лежи исклучиво во времето поминато пред телефон, таблет или компјутер, пренесува Science Alert.
Што покажало истражувањето?
Тимот од SUNY спровел лабораториско истражување на 34 испитаници – 21 со кратковидност и 13 со нормален вид. Учесниците требало да го фокусираат погледот кон квадратни цели со различна осветленост и контраст, секое око посебно.
Резултатите покажале дека активностите кои бараат долготрајно гледање на блиску – таканаречена „работа од блиску“ – можат да придонесат за развој на кратковидност. Причината е начинот на кој зеницата се стеснува за да ја ограничи количината светлина што влегува во окото.
– Кратковидноста достигна речиси епидемиски нивоа во светот, а сè уште не разбираме целосно зошто – изјавил визуелниот невронаучник Хосе-Мануел Алонсо.
– Нашите резултати сугерираат дека заеднички фактор би можела да биде количината светлина што стигнува до мрежницата при долготрајна работа на блиску – особено во затворени простори.
Улогата на светлината и мрежницата
Истражувачите анализирале три однесувања на окото поврзани со гледање на блиску: акомодација (фокусирање), вртење на очите навнатре и стеснување на зеницата. Посебно внимание било посветено на активирањето на таканаречените ON и OFF патишта во мрежницата, кои се одговорни за обработка на светлина и темнина.
Кај кратковидните испитаници било забележано дека очите им се повеќе насочени навнатре уште на почетокот, а зениците им се стеснуваат поизразено во споредба со лицата со нормален вид. Според авторите, таа комбинација може дополнително да го ослабне ON патот во мрежницата.
Врз основа на овие набљудувања е предложена нова хипотеза: кај кратковидноста се дава предност на изострување на сликата на сметка на количината светлина што стигнува до мрежницата, создавајќи „повратна јамка“ што со текот на времето ја влошува состојбата.
Зошто затворениот простор е проблем?
Проблемот е поизразен во затворени простории, каде нивото на светлина е значително пониско отколку надвор.
– На силна дневна светлина зеницата се стеснува за да го заштити окото, но сепак пропушта доволно светлина до мрежницата – објаснува докторантката по оптометрија Уруша Махарјан.
– Кога луѓето во затворено фокусираат на блиски објекти, како мобилен телефон, таблет или книга, зеницата исто така се стеснува – не поради јачината на светлината, туку заради изострување на сликата. Во послабо осветлување таа комбинација може значително да ја намали осветленоста на мрежницата.
Кратковидноста е сложена состојба на која влијаат повеќе фактори, вклучително и силна генетска компонента. Таа настанува кога очното јаболко е подолго од вообичаено, па сликата не се фокусира правилно на мрежницата – ткивото чувствително на светлина на задниот дел од окото.
Според авторите, не е само заматениот вид она што ја поттикнува или влошува кратковидноста, туку и намалената количина светлина што допира до мрежницата. Тоа би можело да објасни и зошто преголемата диоптриска корекција понекогаш може да биде проблематична – истражувачите претпоставуваат дека таквите леќи ја намалуваат количината светлина, а не влијаат само на фокусот.
– Нашите резултати ја поддржуваат хипотезата дека кратковидноста се развива кај деца со недоволна стимулација на мрежницата – наведуваат авторите.
Потребни се дополнителни истражувања
Сепак, студијата има ограничувања. Спроведена е на мал број испитаници, без долгорочно следење на видот и без директна споредба на условите на отворено и во затворен простор. Заклучоците делумно се темелат на постојни истражувања и физиолошки показатели.
Истражувањето е објавено во списанието Cell Reports.
И покрај ограничувањата, резултатите отвораат нов правец во размислувањето за превенција и третман на кратковидноста. Се проценува дека до 2050 година речиси 40 проценти од младите би можеле да бидат кратковидни.
Иако порастот често се припишува на децата кои сè повеќе време поминуваат пред екрани, можно е значаен фактор да е и општата склоност кон престој во затворени простори и долготрајното фокусирање на блиски објекти.
– Ова не е конечен одговор. Станува збор за хипотеза заснована на мерлива физиологија која поврзува низа постојни докази. Потребни се дополнителни истражувања, но добиваме нов начин на размислување за превенција и терапија – порачува Алонсо.