Двегодишно девојче стана најмладaтa членка на Менса (ВИДЕО)
Минатата недела доби покана да ѝ се придружи на Менса, а малата Исла моментално е најмладата членка на оваа престижна организација во светот
Двегодишното девојче Исла Мекнаб стана најмладата членка на Менса, најголемата и најстарата меѓународна заедница на високоинтелигентни луѓе во светот. Девојчето од Кентаки е 104 години помладо од најстариот член на ова елитно друштво.
Според нејзините родители, Исла прилично рано почнала да ги покажува своите јазични вештини. „Имаше афинитет кон азбуката. Рано почна да изговара различни гласови. Потоа почнавме да користиме едноставни зборови и таа ги спелуваше“, изјавил таткото на девојчето, Џејсон Мекнаб, за WKRC – TV.
Кога ги дувала свеќите на роденденската торта за вториот роденден, Исла веќе читала. Нејзината мајка Аманда нашла психолог кој ја советувал да направи тест за интелигенција. Девојчето постигнало резултат од 99% и станало членка на Менса. Исла знае да чита, пишува, брои наназад и решава едноставни математички задачи, но и таа е како секое друго дете. Сака да си игра со деца и со нејзината мачка.
„Честитки до Исла што е поканета во Менса. Таа е очигледно исклучително бистро мало девојче и ние сме воодушевени и среќни што ѝ посакавме добредојде“, вели Џон Стивенејџ, извршен директор на Менса. Менса е меѓународна организација со само еден услов за членство – резултат на стандардизиран IQ тест поголем од 98% од вкупното население.
Со други зборови, за некој да стане член на Менса, мора „да покаже дека е во првите два отсто од светската популација според коефициентот на интелигенција“, посочуваат на нивната официјална веб-страница. Членовите на Менса се луѓе од сите возрасти, нивоа на образование, имотни статуси и со широк спектар на занимања. Единственото нешто што им е заедничко е натпросечниот коефициент на интелигенција.