Веројатноста за вакво нешто е еден спрема милион: Жена родила близнаци со различна боја на кожа
Мајката на близнаците со различна боја на кожата често ја прашуваат дали и двете деца се нејзини…Таков случај е толку редок што експертите за генетика процениле дека шансата да се случи е само една во милион, што го прави ова семејство навистина посебно.
Семејство во Нотингем останало запрепастено откако им се случило вистинско чудо. Откако им посакале добредојде на близнаците Ајон и Азира, мајката забележала дека тие имаат сосема различни бои на кожата.
Сопружниците Шантел и Ештон биле запрепастени кога им се родиле близнаци, синот Ајон со бела кожа и зелени очи, додека неговата сестра близначка Азира е со темна кожа и кафени очи.
Таков случај е толку редок што експертите за генетика процениле дека шансата да се случи е само една во милион, што го прави семејството на Шантел и Ештон навистина посебно.
Шантел објаснила дека таа, иако има посветла кожа, е всушност од мешана раса бидејќи нејзиниот дедо по мајка е по потекло од Нигерија. Од друга страна, нејзиниот сопруг Ештон е половина Јамајканец, а половина Шкотланѓанец.
Близнаците Азира и Ајон изгледале слично веднаш по раѓањето, но како што поминувале неделите Шантел забележала дека кожата на Азира станува потемна.
„Азира беше малку потемна при раѓањето, но навистина не се забележуваше. Како што одминуваа неделите, таа стана потемна од нејзиниот татко. На секои неколку недели пријателите и семејството кои ги гледаат сè уште не можат да поверуваат“.
Близнаците наполниле четири месеци, а велат дека не можат да бидат поразлични – по изглед и по карактер.
„Азира е навистина опуштена, додека Ајон сака многу повеќе внимание“, изјавила мајката на близнаците. „Тој сака постојано да го лулаат и цело време дрдори. Азира не го прави тоа многу често“.
„Но, забележав дека сега тие постојано се гледаат и повеќе се смеат“.
Шантел предвидува дека близнаците ќе имаат сосема поинаква коса кога ќе почне да им расте.
„Мислам дека ќе останат вакви. Мислам дека и нивните коси ќе бидат поинакви. Азира ќе има густа и кадрава коса, а таа на Ајон ќе биде сосема поинаква. Веќе се чувствува разликата во текстурата“, заклучила Шантел.
Мајката рекла и дека многу луѓе мислат дека близнаците всушност имаат различни татковци.
„Кога имате количка за близнаци, луѓето повеќе ве забележуваат. Мислат дека имам две различни деца со двајца различни татковци!“
„Често се срамат да прашаат, но кога ќе им кажеме за што станува збор, велат дека е невообичаено бидејќи не се гледа често. Не би сакала да биде поинаку затоа што е навистина уникатно!“