Создаден синтетички ембрион, потенцијално решение за неплодност

Со помош на матични клетки, научниците создале синтетички ембрион на глушец, кој почнал да формира органи. Еден ден ова би можело да се користи кај луѓето за да им се помогне на семејствата кои се надеваат да имаат потомство, покажува новото истражување.

143

По 10 години истражување, научниците создадоа синтетички ембрион на глушец, без семена течност или јајце клетки, кој почна да формира органи, се вели во студијата објавена во списанието Nature. Сѐ што било потребно се матични клетки.

Матичните клетки се неспецијализирани клетки со кои може да се манипулира за да станат зрели клетки со посебни функции.

„Нашиот модел на ембрион од глушец не само што развива мозок, туку и срце што чука, сите компоненти што го сочинуваат телото“, рекол водечкиот автор на студијата Магдалена Зерника-Гетс, професорка по развој на цицачи и биологија на матични клетки на Универзитетот во Кембриџ во Велика Британија, пренесува Си-Ен-Ен.

Таа истакнува дека е неверојатно што стигнале до тука, додавајќи дека тоа бил нивниот сон и главен фокус на нивната работа цела деценија.

„Работата е возбудлив напредок и се однесува на предизвикот со кој се соочуваат научниците кога проучуваат ембриони од цицачи во утробата“, вели Маријан Бронер, професор по биологија на Калифорнискиот технолошки институт во Пасадена, која не била вклучена во студијата.

Таа додала дека таквите ембриони се развиваат надвор од мајката и затоа лесно може да се визуелизираат низ критичните развојни фази на кои претходно било тешко да им се пристапи.

„Гледајќи ги ембрионите во лабораторија наместо во утроба, научниците добија подобар увид во процесот за да научат зошто некои бремености може да не успеат и како да го спречат тоа“, додава Зерника-Гетс.

„Досега, истражувачите можеа да го следат развојот на синтетички ембриони од глувци само околу осум дена, но процесот се подобрува и тие веќе учат многу“, вели авторот на студијата Џанлука Амадеи, истражувач од Универзитетот во Кембриџ.

Истражувањето не се однесува на луѓе и „треба да има висок степен на подобрување за ова да биде навистина корисно“, вели Беноа Бруно, директор и постар истражувач во Институтот за кардиоваскуларни болести Гладстон, кој не бил вклучен во студијата.

Идна употреба

„Процесот може да се искористи веднаш за тестирање на нови лекови“, вели Зерника-Гетс.

Таа додава дека долгорочно, како што научниците се движат од синтетички ембриони на глувци кон модел на човечки ембрион, тоа може да помогне во изградбата на синтетички органи за луѓето на кои им треба трансплантација.

„Го гледам ова дело како прв пример за ваков вид на работа“, вели авторот на студијата Дејвид Гловер, професор по биологија и биолошко инженерство на Калтек.

Пред да се премине на човечки синтетички ембриони, неопходно е да се обрне внимание на етичките и правните прашања, додава Зерника-Гетс.

И со оглед на разликите во сложеноста помеѓу ембрионот од глушец и човечки ембрион, може да поминат децении пред истражувачите да можат да направат сличен процес за човечки модели, вели Бронер.

Во меѓувреме, информациите добиени од моделите на глувци може да помогнат во „поправање на оштетени ткива и органи“, заклучува Зерника-Гетс.

Повеќе