Зошто бебињата клоцаат во утробата?

Ударите на бебето во стомакот со нетрпение ги очекува секоја трудница, а тие се и показател дека бременоста се развива како што треба. Новите студии покажуваат дека овие движења сепак не се случајни и дека значат повеќе од само истегнување во матката.

140

Студија објавена во списанието „Scientific Reports“ посочува дека феталните движења му овозможуваат на бебето да конструира основна мрежа на мозокот за да разбере кој дел од телото се движи. Истражувачите велат дека со овие удари и движења бебињата всушност се обидуваат да поттикнат важни врски во својот растечки мозок и дека тоа им помага во создавањето внатрешна „мапа“ на сопственото тело.

„Овие удари, познати како фетални движења, му овозможуваат на бебето да изгради основна мозочна мрежа за да разбере кој дел од телото се движи и допира“, пишува „Live Science“.

Тимот ги анализирал мозочните бранови на 19 бебиња стари 2 дена, од кои некои се родени предвреме. Користењето неинвазивна електроенцефалографија (ЕЕГ) покажало дека ударот на бебето го активира делот од неговиот мозок поврзан со сензорен влез, познат како соматосензорен кортекс. Научниците се надеваат дека овие фасцинантни наоди ќе помогнат да се негува мозокот на предвремено родените бебиња кои сѐ уште се развиваат, охрабрувајќи ги медицинските тимови да создадат средина што ја имитира утробата за да го промовира развојот.

„Наодите од студијата може да имаат импликации за неонаталната клиничка нега, на пример, како да се завитка предвремено роденото бебе за да може да го задржи чувството дека е во утробата и да продолжи да ја развива оваа основна мозочна мрежа“, велат Кимберли Вајтхед и Лоренцо Фабрици, автори на студијата од Универзитетот од Лондон. Поврзаноста на ударите со мозочната активност престанува по неколку недели од раѓањето. Повеќето трудници почнуваат да ги чувствуваат движењата на бебето помеѓу 16. и 24. недела од бременоста. Чувствуваат удари, треперење, скокоткање… во зависност од тоа колку напредувала бременоста, а чувството е индивидуално за секоја жена.

Не постои правило колку удари дневно е нормално, но доколку забележите дека бебето е посмирено од вообичаено, обрнете внимание. Јадете нешто слатко и легнете настрана. Во рок од еден час треба да почувствувате најмалку 10 движења. Жените ги чувствуваат феталните движења порано во втората и во секоја наредна бременост.

Секако, има и посмирени и поактивни бебиња, што не значи дека такви ќе останат и кога ќе се родат. Ритмичките нежни движења се икање на бебето во стомакот, кое го чувствува и мајката. Помеѓу 24. и 28. недела фетусот реагира на познати звуци и гласови, а ударите се најсилни помеѓу 32. и 36. недела кога расте и се зајакнува. По тој период се смирува бидејќи на бебето почнува да му недостига простор и главно е спремно за породувањето. Нормално е да има помалку удари, а активноста на плодот обично се зголемува кога трудницата ќе се смири, како и после оброк.

Повеќе