Паметни, убави и вредни како пчели: 25 жени се здобија со сертификати од Меѓународната академија за претприемачки од рурални средини

Во периодот од мај до септември 2022 година, 25 жени од руралните средини беа вклучени во првата Меѓународна академија за жени-претприемачки од руралните средини која што се спроведува кај нас, а денес, воочи Меѓународниот ден на руралната жена им беа врачени сертификатите на Dream Builder. Истовремено, беше потпишана и декларацијата на руралното женско лоби.

1.073

Денес, во ресторанот „Амбиент“ во село Пишица, Пробиштип, Рурална Коалиција, како водечка национална организација која делува на полето развој на руралните средини и земјоделието, го одбележа Меѓународниот ден на жените од руралните средини (15.октомври), со успешно завршување на Меѓународната академија на жени претприемачки од руралните средини и доделување на сертификати.

„Едукацијата, вложувањето во знаењето, но и развојот на практичните вештини кај жените од руралните средини во делот на претприемништвото е од особено значење за жените, мали производителки на храна во руралните средини затоа што преку развојот на нивното производство и преработки директно се вложува и во процесот на нивно економско јакнење, просперитет, но и социјална инклузија во општеството. Имено, 25 жени од руралните средини во периодот од мај-септември 2022 година активно беа вклучени во првата Меѓународна академија за жени-претприемачки од руралните средини која што се спроведува кај нас.

Низ 13 вкупно модули водени од страна на фасилитаторки 25 жени успеаја да го поминат процесот на изработка на бизнис план, да размислуваат за унапредување на сопственото производство, да разменуваат меѓусебно знаења и искуства.

Академијата за жени претприемачки (AWE 2022), е иницијатива на Бирото за образование и култура на Министерството за надворешни работи на владата на САД која го имплементира овој проект во над 90 земји во светот поддржувајќи повеќе од 16 000 жени, кај нас за прв пат преку партнерска соработка со Рурална Коалиција. Со доделувањето на сертификатите го одбележуваме овој успех на жените од руралните средини, но и порачуваме дека локалните хероини во производството на храна се токму тие, а на нас останува да го почитуваме нивниот труд, да ги споделуваме нивните приказни и да го поддржуваме секој нивен чекор понатаму“, порача Лилјана Јоноски, извршна директорка на организацијата.

Дел од жените ги споделија своите успешни приказни со присутните. Сашка Моневска, сопственичка на ресторанот „Амбиент“, Живка Ѓурчиновска, регистрирана индивидуална земјоделка и жена лидер во локалната заедница, Лелја Рајкова, индивидуална производителка на домашни преработки од земјоделски производи, Емилија Пехчевска, индивидуална производителка на домашни преработки од шумски плодови, рибизли, бороџун како брендиран производ, младата Марија Ристова, индивидуална производителка на специфични видови на колачи, Анита Ципушева, производителка на мед и производи од мед и Билјана Витанова, производителка на органска козметика.

Тие ја потпишаа и декларацијата за активирање на работата на Руралното Женско Лоби кое што делува во Рурална Коалиција и која ќе ги обедини трудот и посветеноста на жените, заедно со ревносната желба на Рурална Коалиција за подобро економско и социјално утре на сите.

Инаку, првата академија за жени претприемачки од руралните средини Dream Builder ја организира Амабасадата на САД во Македонија во партнерска соработка со Рурална Коалиција, а декларацијата за активирање на Руралното Женско Лоби е дел од проектот „Со европско знаење до подобрена родова еднаквост во локалната заедница“,  имплементиран од Рурална Коалиција, а поддржан од Реактор – Истражување во акција и нивните партнери преку акцијата „Унапредување на родовата еднаквост во процесот на пристапување во ЕУ“. Акцијата е финансирана од Европската Унија и кофинансирана од Шведската агенција за меѓународен развој и соработка (Сида).

Повеќе