Разводот на родителите различно влијае врз момчињата и девојчињата
Експертите објаснуваат дека повеќето деца по неколку години го губат редовниот контакт со татковците. Некои истражувачи, исто така, открија дека загубата на таткото може дополнително да го комплицира или одложи прилагодувањето и развојот кај момчињата.
Брачни парови кои минуваат низ непријатниот процес на развод во повеќето случаи најмногу се грижат за своите деца. Со сите проблеми околу старателството, посетите и алиментациите, многу родители се грижат за тоа како нивниот развод ќе влијае на нивните деца. Како што објаснуваат психолозите, разводот може да влијае на детето на различни начини, а тоа зависи од многу фактори, вклучувајќи ја неговата возраст, но и полот.
Генерално, разводот на сличен начин ги погодува и девојчињата и момчињата, но меѓу нив има некои разлики во доживувањето на оваа промена. Имено, девојчињата подолго го преживуваат разводот на нивните родители од момчињата. Истражувањето спроведено на оваа тема покажува дека женското дете има некои негативни симптоми и до една година по разводот, а тоа се главно депресија, лутина и психички проблеми. Сепак, овие симптоми во повеќето случаи исчезнуваат со текот на времето.
Девојчињата многу полесно го прифаќаат разводот
Во многу семејства, мајките го добиваат старателството над децата по разводот. Што се однесува до девојчињата, истражувањата сугерираат дека развивањето силна врска со нивните мајки по разводот им помага побрзо да се опорават од стресот отколку кога би останале со својот татко. Д-р Пол Р. Амато, експерт за истражување на развод, открил дека односот мајка-ќерка е прилично „отпорен“ на стресовите од разводот. Меѓутоа, со оглед на тоа што тие повеќе не живеат со своите татковци, важно е мајките да им помогнат на ќерките да одржуваат контакт и добар однос со својот татко. Секако, многу се важни и околностите кои довеле до развод, како и односот на таткото со детето.
Друга студија покажува дека разводот може негативно да влијае на образованието на девојчињата и на подоцнежните кариери. За жал, околу 10 проценти од девојчињата кои доживеале родителски развод изјавиле дека имаат намалена желба да бидат добри и успешни на училиште. Сепак, во просек, истражувањата покажуваат дека повеќето девојчиња сепак ќе бидат успешни на училиште и на работа, особено ако имаат постојана поддршка од барем еден родител.
Според психолозите, влијанието на разводот врз момчињата е нешто поинакво. Истражувањата покажуваат дека разводот на родителите на рана возраст го зголемува лошото однесување кај момчињата, како што е агресијата или склоноста кон насилничко однесување. Исто така, момчињата чии родители се разделиле имаат поголем ризик да станат склони кон деликвентно однесување во пубертетот или адолесценцијата. Овие ефекти се уште поголеми кога браковите пред разводот се карактеризирале со високи конфликти меѓу родителите.
Промени во психолошкиот развој на момчињата по разводот
Разводот исто така може да предизвика значителна промена во психолошкиот развој на момчињата. Истражувањата покажуваат дека кога родителите се разведуваат, психолошката благосостојба и самодовербата на момчињата може да се намалат, а момчињата од предучилишна возраст можат да станат позависни, плачливи, агресивни и пркосни во првата година по разводот. Кај повеќето момчиња од предучилишна возраст, овие проблеми исчезнуваат по првата година.
Губењето на таткото по разводот може да има негативно влијание врз момчињата. Експертите објаснуваат дека повеќето деца по неколку години го губат редовниот контакт со татковците. Некои истражувачи, исто така, открија дека загубата на таткото може дополнително да го комплицира или одложи прилагодувањето и развојот кај момчињата. Поради оваа причина, експертите сугерираат дека на момчињата, особено на оние кои штотуку влегуваат во адолесценцијата, им треба постојана вклученост од нивните татковци за да им помогнат што полесно да се прилагодат на разводот.
Многу разведени родители се прашуваат дали повторниот брак ќе влијае негативно на развојот на нивните деца. Во многу случаи, вмешаноста на очув или маќеа кратко време по разводот носи дополнителен стрес кај децата, предупредуваат психолозите. Меѓутоа, во случајот со момчињата, истражувањата покажаа дека тие понекогаш ги доживуваат очувите како сојузници или пријатели и дека многу подобро го прифаќаат нивното вклучување во заедницата од девојчињата.