Кога вие како родител ќе слушнете дека во земјата од соседството имало масакр во основно училиште во кој биле убиени осум деца и чувар, а ранети уште шестмина и еден наставник, тешко е да се најдат зборови за да се опише тоа чувство и размерите на таквата трагедија.
Додека слушате вести, информации и полуинформации, прашањето што сигурно си го поставувате е – како ќе знам дека моето дете е безбедно кога ќе го испратам на училиште? За жал, никој не може да ни даде одговор на ова прашање.
А во училиштата има деца. Помали и поголеми. Ги читаат вестите од порталите или ако се помлади слушаат што зборуваат нивните постари другари во дворот.
Тие деца ќе се вратат од училиште со милион прашања и стравови, а во нашите очи ќе видат и тага и страв.
Како да им објасните? Што да се каже за трагедијата што се случи?
Се чини дека ова е трагедија која ќе се објаснува со денови и месеци. И не може да биде поинаку.
Најбрзо и најбезбедно правило кое треба да го почитуваат родителите е: Информации – емоции – информации. Кога детето ќе дојде од училиште, прашајте. Прашајте како е, што слушнал, што рекле неговите другари и учители.
Следниот чекор се емоциите – дали сте загрижени, исплашени, тажни? И таму искрено можете да си ги пренесете и своите емоции. Според психолозите, овој настан не може да се игнорира ниту да се минимизира големината на трагедијата за да им се олесни на децата бидејќи тоа не е добар пат.
Додека детето се отвора, или преку некои информации што ги слушнало или преку емоциите, повторете го она што детето го кажало, буквално. Детето вели: „Се исплашив“, вие повторувате: „се исплаши“. „Плачеше учителката“, „плачеше учителката“ итн… Не секоја реченица, туку неколку. Вака му потврдувате на детето дека многу внимателно го слушате. А потоа повторно информација по емоциите, каде и родителот искрено ги изнесува своите.
Ако видите дека детето е исплашено, обидете се да го опуштите одговарајќи на секое прашање. Потрудете се да имате мирен ден и да поминете колку што можете повеќе време со детето.
Прашањата, можеби, ќе следат дури и неколку дена подоцна. Одговарајте трпеливо и искрено, соодветно на возраста на детето.