Зошто средношколките не добиваат бесплатни влошки и тампони? Герила акција пред просториите на Град Скопје

Балканска Водна Мрежа во соработка со Здружението на новинари за човекови права во пресрет на 28 Мај – Светскиот ден на менструалната хигиена, денеска одржа „герила акција“ пред просториите на Град Скопје за да ја прашаат градоначалничката зошто ученичките во средните училишта втора година по ред не добиваат бесплатни менструални производи.

243

Во пресрет на 28 Мај – Светскиот ден на менструалната хигиена, денеска пред просториите на Град Скопје, Балканска Водна Мрежа во соработка во Здружението на новинари за човекови права одржаа „герила акција“ за да ја прашаат градоначалничката зошто ученичките во средните училишта втора година по ред не добиваат бесплатни менструални производи. 

Претседателката на БВМ, Наташа Доковска Спировска, потсети за ветувањето на градоначалничката Данела Арсовска дадено во 2021 година.

„Во декември 2021 година, за време на јавното обраќање, дадовте ветување да вклучите буџетска ставка специјално наменета за бесплатни менструални производи во градскиот буџет. Оваа објава беше дочекана со голем ентузијазам и беше оценета како значаен чекор напред во справувањето со менструалната сиромаштија и промовирањето на благосостојбата на девојчињата во средните училишта во Скопје“, изјави Доковска Спировска.

Додаде дека покрај вклучувањето на оваа буџетска ставка теоретски, недостига реализација поради што младите девојки втора година по ред не ја добиваат поддршката што им била ветена.

„Бараме Градот Скопје, под ваше почитувано раководство, да преземе проактивни чекори за спроведување на родово одговорно буџетирање и обезбедување бесплатни менструални производи во сите средни училишта“, истакна претседателката на БВМ.

Акцијата се одржа во склоп на проектот „Борбата против менструалната сиромаштија – неостварено изборно ветување” во чии рамки се врши мониторинг на ветувањето на Град Скопје за бесплатна поделба на производи за управување со менструалното здравје. Организаторите потсетуваат дека ваквата одлука е донесена на 30 декември 2021 година за буџетот на Град Скопје за 2022 година.

Повеќе