Азијките си ја штитат кожата на лицето со „фејскини“: Кинескиот метод за заштита од сонце добива на популарност
„Фејскините“ (Facekini) не се новина, постојат со години и ја уживаат својата популарност особено кај жените во кинескиот град Квингдау, познат по своите плажи. Она што е ново е фактот што овој „моден додаток“ е препознаен во остатокот од светот и малку по малку овој тренд станува сè попопуларен.
Ако мислите дека изминативе денови се боревме со топлотни удари, не сме единствени во светот. Имено, во Кина летово се уриваат сите рекорди што некогаш биле измерени, а екстремната жештина им прави проблеми на сите луѓе. Како што се зголемуваат температурите, расте и продажбата на целата опрема за заштита од сонце, од креми за сончање до капи и очила за сонце.
Но, пеколните горештини ги принудија Кинезите да смислат уште еден метод за заштита од сонце кој нуди речиси целосно покривање на лицето. Додатоци како „facekinis“ се продаваат во Кина како средство за покривање на лицето за заштита од изгореници и рак на кожата од изложување на ултравиолетово (УВ) зрачење.
Фејскините личат на оние маскирни капи со отвори за очите и устата, иако обично се направени од лесни, синтетички ткаенини како полиестер.
Тие не се новина, постојат со години и ја уживаат својата популарност особено кај жените во кинескиот град Квингдау, познат по своите плажи. Она што е ново е фактот што овој „моден додаток“ е препознаен во остатокот од светот и малку по малку овој тренд станува сè попопуларен.
Во однос на минатата година, продажбата на Facekini е зголемена за 30%, а Донг Веи, трговец на меѓународниот трговски пазар Yiwu, вели дека причина за добрата продажба е квалитетниот производ кој го покрива и аголот на окото, каде најчесто се појавуваат сончеви пеги.
Многу луѓе, а особено жените во Источна Азија претпочитаат светла кожа, па производите за заштита од сонце се популарни и во соседните земји, како на пример, во Јужна Кореја.
Овој тренд доби толку голем замав оваа година што сигурно ќе се пресели и во остатокот од светот, само прашање на време е кога ќе почнеме да ги гледаме популарните Facekinis и на бреговите во овој дел од светот.