Болничарка предупредува: Децата помлади од 4 години можат да се задушат со коцка мраз

Болничарката Ники Јуркуц во видео на Инстаграм предупредува на нешто што може да предизвика задушување кај малите деца, а малку луѓе се свесни за тоа

139


Болничарката Ники Јуркуц ги предупредува родителите на нејзината едукативна веб-страница Tiny Hearts Education да не им даваат коцки мраз на деца помлади од четири години бидејќи може да се задушат.

Како што вели, многу луѓе мислат дека мразот брзо и лесно се топи и никогаш не би се посомневале дека една коцка може да биде толку опасна. Но, Јуркуц објаснува дека детето кое случајно ќе проголта коцка мраз може да остане без кислород до десет минути ако таа му се заглави во дишните патишта.

„Мразот ги има сите карактеристики на храна и предмети кои носат висок ризик од гушење – лизгав е, може да биде кружен, може да се заглави во устата. Родителите им дозволуваат на своите деца да си играат со мраз бидејќи мислат дека сепак ќе се стопи, но додека да се случи тоа, може да поминат и до десет минути“, вели Јуркуц.

Таа посочува дека на дете кое се гуши од мраз веднаш треба да му се укаже прва помош.

„Дете со мраз заглавен во грлото може да ја изгуби свеста. По три минути без кислород, невроните во мозокот се оштетени, а по четири минути ризикуваме трајно оштетување на мозокот. Потребни се околу 20 минути за да дојде до кома”, објаснува медицинската сестра.

На родителите кои ќе забележат дека детето се гуши, им се препорачува веднаш да повикаат брза помош и додека не пристигне, да го стават детето под една година во својот скут со главата надолу. Дете на возраст меѓу една и осум години треба да се постави во стоечка положба.

„Зададете пет кратки, остри удари во грбот и проверете дали препреката исчезнала“, заклучила Јуркуц.

Многу родители признале дека се соочиле со ситуацијата за која зборувала медицинската сестра.

„Нашиот најстар син се гушеше со коцка мраз. После тоа се запишав на курс за прва помош“, „Случајно голтнав коцка мраз како дете. Бев преплашена до смрт и уште се сеќавам колку ме болеше“, пишуваат други во делот за коментари.

Повеќе