Ако некој те навредува, игнорирај го, ќе престане: Советот што многу родители им го даваат на децата е штетен

Психолог објаснува зошто советот што многу родители им го даваат на своите деца е штетен – еве зошто не е добро да игнорираат кога некој ги навредува и ги малтретира.

1.370

Родителите имаат многу дилеми во воспитувањето на децата, што е сосема нормално затоа што никој не го знае одговорот на сѐ, ниту како најдобро да се однесува во секоја ситуација. Многу мајки и татковци со најдобра намера ги советуваат своите деца дека кога некој од нивните врсници ги навредува или ги понижува, едноставно да не обрнуваат внимание на тоа.

„Игнорирај го и ќе престане“, е реченицата која многумина им ја кажуваат на своите деца. Сепак, психологот Елена Горинова за порталот parents.ru објаснила зошто ова е сосема погрешен совет.

Зошто не е добро да не се реагира?

Пристапот што подразбира нереагирање на навреди или насилство е погрешен. Отсуството на реакција на детето всушност значи дека се потиснуваат негативните емоции, дека улогата на жртвата е сомнителна (затоа што жртвата не дава отпор) и не постои надеж за помош однадвор, вели психологот Горинова.

„Доколку некој ве понижува, ве тепа, ви го нарушува приватниот простор или ве навредува, потребно е да се реагира. Дополнително, неопходна е реакција дури и кога не сте жртва, туку сведок на некакво малтретирање. Толеранцијата на агресија е сериозна последица на малтретирање, слично на синдромот на посттрауматски стрес. Детето кое не реагира на никаков начин на агресија (без разлика дали е насочена кон него или кон некој друг) има намалена доверба во другите и способност правилно да пристапи кон ситуацијата, страдаат неговата емпатија и самодоверба“, предупредила таа.

Психологот посочува дека тој што го малтретира детето нема да престане затоа што тоа не реагира, па нема смисла да се одложува реакцијата. Второ, велејќи му да ги игнорира навредите и проблемите што ги има, вие ги поништувате неговите чувства. Трето, според психологот, силните емоции кои се потиснати создаваат поголем стрес и може да доведат дури и до некои болести.

Како да се артикулираат емоциите?

Гневот, вината, лутината, огорченоста, беспомошноста, кои не се изразуваат и доживуваат правилно, може да предизвикаат депресија и неврози кај тинејџерите. Затоа психологот Горинова дава важни совети за техниките за артикулација на емоциите на кои можете да го научите вашето дете.

На пример: „Се чувствувам беспомошно затоа што Саша и Катарина ми се смеат поради моите очила, но сакам нормално да разговарам со сите во класот“.

Изразувањето емоции ќе му помогне на детето да разбере што сака и што мора да направи за да го постигне тоа.

Најдобрата реакција на детето на насилство и малтретирање е токму силна реакција на несогласување, наспроти насилникот, интеракција со сведоците, кои во голема мера го одредуваат исходот на конфликтот.

Многу е важно тинејџерот да има можност да го изрази своето мислење и да влијае на важни одлуки. Домот и семејството се безбедна зона каде детето може да ги практикува своите вештини за контрола, решавање конфликти и самоизразување.

На крајот, психологот истакнува дека е важно да му се објасни на детето дека секој може да стане жртва. Ова ќе му помогне на тинејџерот да не се плаши и да не се срами да разговара со возрасните на кои им верува ако некој го малтретира.

Повеќе