Бебешките колички како прашање на престиж: Порано си ги позајмувавме една на друга, сега се предмет за осуда
Мајка од Њујорк се пожалила на ТикТок дека поради обичната количка за нејзиното бебе за време на семејниот излет во зоолошката градина, чувствувала осуда од страна на другите родители кои, сите до еден, туркале пред себе луксузни колички.
Кога децата се мали најмногу се грижиме дали добиваат доволно млеко и дали дишат додека спијат. Се грижиме за пресвртниците и за тоа како цицањето палец може да влијае на здравјето на забите.
Но, има една работа за која повеќето од нас не очекуваат дека ќе се грижат кога ќе станат родители, а тоа е осудата на другите родители поради бебешката опрема. А ова се случува и една мајка зборува токму за тоа на TikTok.
Додека порано мајките се служеа со креветчињата, количките и друга опрема за бебиња наследени од другарки, роднини или пријатели чии деца веќе ги надраснале, денес како да се тркаат која ќе има полуксузна и побрендирана опрема.
„За време на семејниот излет во зоолошката градина, чувствував како другите ме осудуваат затоа што туркав количка која не беше меѓу поскапите. Секоја количка беше луксузна, освен мојата обична”, изјавила оваа жена по име Брук.
Нејзиното искуство очигледно не е единственото, бидејќи многумина во коментарите изразиле дека доживеале слично чувство на срам.
Танај Хауард пишува за списанието Parents дека не осудува никого за изборот на опрема за нивното дете.
„Знам колку пари имам и се грижам за својот џеб. Никогаш не би се задолжила за да се вклопам со мајките во паркот или само за да бидам дел од бандата која има луксузна опрема за бебиња”, објаснува таа наведувајќи дека живее во Њујорк, каде киријата е превисока.
„Не можев да замислам да платам сума која е месечна кирија за еднособен стан за да купам количка. Моите деца и онака не ја користеа многу. Но, на многу семејства им треба количка, а тоа колку е скапа или ексклузивна треба да биде последното нешто што ви е на ум. На долгата листа на работи за кои другите луѓе ќе ни судат во текот на родителството, цената на туѓите бебешки работи не треба да има никакво влијание врз вас. Кога сакате да купите каква било опрема за бебиња, ги советувам родителите да бараат безбедност, едноставна употреба и издржливост“, вели Хауард.