Децата кои го менуваат светот: Малите генијалци што сметаат со прсти ѝ донесоа на Македонија дури 8 пехари

Ако не ви е јасно зошто мавтаат децава со рацете и како успеваат да пресметаат бројки кои се менуваат додека да трепнете, веројатно не сте слушнале за јапонската програма Хикари. Наши деца кои ја учат оваа програма, се вратија од меѓународна олимпијада за ментална аритметика со дури 8 пехари!

1.309

Ако немате мали деца, многу е веројатно дека, како и нам, кога ќе ги видите децата како се натпреваруваат на олимпијада по ментална аритметика, ќе ви изгледаат малку чудно. Ајде да не велиме дека изгледаат како да комуницираат на некаков таен јазик со вонземјани, ама барем како сите да го знаат знаковниот јазик (јазикот на глувонемите).

Всушност, да бидеме искрени, не сме ги виделе во живо. Неодамна ги гледавме само фотографиите кои фотографката Стефани Христов ги направила на Олимпијадата во Скопје, но и тоа, како и нејзиниот опис, беа доволни за да ни го разбудат интересот: Што мавтаат децава со раце и како успеваат да пресметаат некакви бројки кои се менуваат со толкава брзина што ние не можеме ниту да ги видиме.

И така, Стефи не упати во училиштето „Малац генијалац“, а таму, нашата соговорничка Нина Попадинова ни објасни за што станува збор. Се разбира, прво прашање ни беше, дали се сите овие деца навистина генијалци?

Од сѐ што можевме да слушнеме од неа, сфативме дека програмата по која работат тие е всушност она што прави генијалци од деца кои претходно не се издвојувале по ништо од другите.

Имено, училиштето за ментална аритметика „Малац Генијалац“, во својата настава применува оригинална јапонска програма за ментална аритметика позната како Хикари.

„Програмата поседува единствен метод и е создадена во Јапонија како резултат на долгогодишна работа на психолози, педагози и други стручни лица од областа на едукацијата и образованието, а се заснова на употреба на древната сметалка абакус (算盤jaп. Соробан), со чија визуелизација се постигнува извонредно брзо сметање. ХИКАРИ 光  програмата е наменета за деца на возраст од 4 дo 12 години, затоа што во тој период најмногу се развива детскиот мозок, односно се создаваат врските помеѓу мозочните клетки (мозочни синапси). Колку е поголем бројот на синапсите што ги поседува некој, толку се подобри неговите ментални способности. Менталниот развој се постигнува на забавен и разигран начин, со програма која се заснова на три клучни работи: сметање со абакус, ментална аритметика и дидактички игри. Целта на програмата е детето максимално да ги разбуди своите ментални капацитети и да стане „Малец Генијалец“, вели Нина.
Во последно време, често го слушаме поимот ментална аритметика, но ако не знаете што значи точно овој поим, тогаш ќе кажеме дека е тоа, едноставно, TРЕНИНГ ЗА ЗДРАВ МОЗОК! 

„Се работи за посебна програма со која се развиваат менталните капацитети и интелектот на децата. Програмата се заснова на употреба на AБАКУС, древна алатка за пресметување која е позната како претходник на денешните компјутери. Користејќи абакус, децата учат посебна техника со поместување на топчињата на алатката за пресметување, со што всушност се вршат одредени математички операции (собирање, одземање, множење и делење). Од особена важност е оваа техника да се изведува со две прстиња од левата и две прстиња од десната рака. Со таквата активност на двете раце, истовремено се активираат и двете мозочни хемисфери. Со левата рака се активира десната, а со десната се активира левата мозочна хемисфера.
Meѓутоа, ефектите тука се многу поголеми, затоа што во позадина неопходно се случуваат и други развојни аспекти на мозочните процеси. Кога детето ќе постигне импресивни брзини на пресметување, тоа е всушност знак дека се развиле и следниве способности: концентрација, визуелизација, внимание, меморија, аналитичко размислување, логика, покачување на интелигенцијата и развој на двете мозочни хемисфери. Со други зборови, покрај неверојатната брзина потребна за пресметување, се подобрува и начинот на кој детето почнува да слуша и да гледа, да обработува и да разбира информации, да замислува и да создава одредени претстави, да препознава детали, да решава проблеми, да реагира, итн.“, објаснува нашата соговорничка.

Инаку, „Малац Генијалац“ е франшиза која во моментов е распостранета во 16 држави, а во Македонија постои од 2018 година, на повеќе локации, односно, во Скопје, Кавадарци, Кичево, Битола, Охрид, Велес, Штип и Куманово. Она што е убаво да се слушне е тоа што децата од македонскиот огранок кои неодамна беа на меѓународна олимпијада во Белград, се вратија оттаму со 8 пехари.

„На 18.јуни во Белград се одржа седмата меѓународна олимпијада по ментална аритметика на која имаше околу 1.000 деца на возраст од 4 до 14 години, кои дојдоа од десетина европски земји (Србија, Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Унгарија, Австрија, Словачка, Италија, Малта и Норвешка).

Слоганот под кој се собраа натпреварувачите беше: За децата кои го менуваат светот! Навистина, децата покажаа исклучителни знаења и вештини, потсетувајќи нè дека знаењето е вистинска моќ и дека само децата можат да го променат светот“, вели Нина.

Натпреварувачите се натпреварувале во неколку дисциплини за брзо пресметување. „Покрај решавањето на вистинска математичка загатка во форма на писмен тест, што значеше решавање на 120 задачи за 12 минути, натпреварот се состоеше и од дисциплини како: анзан, двоен анзан и супер ум. Aнзан е брзо решение за збирот на долги серии на броеви кои наизменично се менуваат на екранот со големи брзини од 500 до 200 микросекунди. Ние како училуште сме исклучително горди на нашите генијалци, кои ја претставуваа нашата држава на оваа меуѓнародна олимпијада по ментална аритметика бидејќи се вративме со 8 пехари“, се пофали нашата соговорничка.

Ова е второ учество на олимпијада на нашите учесници, по таа во 2019 година.

„За оваа олимпијада тргнавме од дома со мислата дека сите сме победници и дека одиме да се запознаеме со другарчиња од регионот што делат исти интереси со нас. Токму затоа и радоста беше уште поголема. Неописливо е чувството кога од толку голема конкуренција и толку генијални учесници ќе го чуете името на некое од вашите деца и на вашата држава. Добитници на наградите се: Димитриј Ончевски од скопската населба Аеродром кој освоил 3 место писмен дел, Филип Станковски од Центар, 2 место  писмен дел, Ален Костоски од Кисела Вода, 2 место писмен дел, Дарија Ристов од Штип, 2 место писмен дел, Јаков Спиридоновски, 1 место ментално пресметување-анзан, Димитриј Спиридоновски, 3 место  ментално пресметување-анзан и Никола Димитровски, 3 место ментално пресметување-анзан  и 3 место  писмен дел, двајцата од Куманово“, ни ги откри таа малите победници дообјаснувајќи дека менталната аритметика е техника која се учи еднаш, а нејзините придобивки се гледаат цел живот. „Иако работиме со броеви и математички операции, сетоа тоа не го правиме на математички начин, туку со употреба на абакусот и по пат на логика. Токму од таа причина, покрај брзо математичко пресметување, со развој на фокусот и вниманието децата се подобруваат во сите сфери од училиштето, побрзо ги запомнуваат песничките и лекциите, а исто така им помага и за совладување и учење на повеќе работи истовремено. Едноставно, се созадаваат деца кои го менуваат светот“.

Главни „виновници“ за отварање на ова училиште кај нас е брачната двојка Александрa и Воjислав Пековиќ, бивши спортисти и сопственици на училиште за одбојка во Србија.

Македонскиот тим се состои од професионални наставници, кои успешно ја поминале меѓународната обука и се овластени сертифицирани тренери по ментална аритметика. Мастер наставник за нашата држава е токму нашата соговорничка Нина Попадинова.

Повеќе