Имате бебе, немате стратегија? Баталете ги сите совети и потпрете се на инстинктот
Многу родители се обидуваат да го натераат своето дете да спие само. Веруваат дека е така подобро за нив. Нашата култура негува таков став. Нашето општество го негува. Дали знаете зошто? Бидејќи, поради некоја причина, стана општествено поприфатливо детето да заспие во некоја скапа вибрирачка нишалка на батерии отколку во прегратките на родителот.
Не ви требаат стратегии за да го натерате вашето бебе да спие во текот на ноќта, туку потсетување на инстинктот.
Доколку имате дете кое не сака да спие само, а не сте сигурни дека е тоа во ред, треба да знаете дека многу „експерти“ кои ќе ве советуваат на оваа тема, грешат. Многумина дури и ќе тврдат дека е грешка детето да заспие додека го доите или додека го галите, бидејќи поради тоа ќе се буди почесто во текот на ноќта.
Обидете се да бидете имуни на ваквите совети. И ако некој ви каже дека не сте во право што го заспивате вашето дете, затоа што го галите и го нишате, не го слушајте. Не му верувајте.
Многу родители се обидуваат да го натераат своето дете да спие само. Веруваат дека е така подобро за нив. Нашата култура негува таков став. Нашето општество го негува. Дали знаете зошто?
Затоа што е така полесно. Затоа што е попрофитабилно.
Бидејќи, поради некоја причина, стана општествено поприфатливо детето да заспие во некоја скапа вибрирачка нишалка на батерии отколку во прегратките на родителот.
Но, знаете што е проблемот со таа индустрија која сака да ги обучува бебињата? Тоа што бебињата не им веруваат. А полека престануваат да им веруваат и родителите.
Мајки кои ги заспиваат бебињата на гради. Татковци кои спијат со своите деца. И мајки кои дојат навечер. Татковци кои трпеливо лежат покрај своите деца онолку колку што им е потребно за да заспијат.
Ако сме доволно спремни да слушаме, нашите деца ќе ни кажат што точно им треба. И тоа е едноставно.
Ним им требаме. Ним им треба таа силна врска со нас. Контакт. Безбедност.
И ако сакаме да бидеме искрени, нам ни требаат истите работи. Само сме научени да го потиснуваме тоа чувство. Да се сомневаме во нашите инстинкти и да ги негираме тие навики кои го создале човештвото.
Па, ние сме, на крајот на краиштата, социјални цицачи. Ние ги носиме нашите млади. Ние сме создадени за заедничко спиење.
Биолошки е сосема нормално да се дои година, две, три за детето да заспие навечер.
Развојно е нормално 18-месечно дете да се буди неколку пати во текот на ноќта.
И да, тешко е. Но, не, тоа не е причината зошто родителите станаа реквизити за спиење за нивните деца. Не е виновно доењето што детето се буди. И сето тоа не значи дека нашите деца имаат проблем со спиењето.
Ова значи дека спијат како бебиња, а не како возрасни. Тоа значи дека тие остануваат во таа фаза на полесен сон, како што сакала природата, за да се заштитат од СИДС (синдром на ненадејна смрт на доенчиња). Тоа значи дека вашето ноќно млеко е извор на мелатонин, хормон кој го смирува детето и му помага да заспие. Тоа значи дека вашиот допир ги смирува, го стабилизира нивното чукање на срцето, ја регулира нивната температура и го стимулира нивното дишење.
Тоа значи дека вие само го следите истиот пат по кој оделе нашите предци, кога лежеле до своите деца и одговарале на нивните потреби додека самите не решат дека се доволно независни. Бидејќи родителството не е збир на стратегии, тоа е врска – без разлика дали е надвор ден или ноќ. А ноќното родителство е, по својата дефиниција, половина од родителството. Како може да биде логично да се менуваат правилата во зависност од тоа на која страна на планетата сјае сонцето?
Додека сонцето е високо на небото, ние одговараме на потребите на децата. Кога сонцето заоѓа – ги игнорираме. Чиста глупост.
Кога ќе решиме да ја прифатиме реалноста со нашето дете таква каква што е, наместо да се обидуваме да ја создадеме онаа што ја замисливме, тогаш сме подготвени да го разбереме коренот на проблемот. И кога се бориме со предизвиците на родителството, не ни требаат брзи решенија, потребна ни е поддршка. Некој што ќе каже дека е во ред да гоизгубите трпението, кој ќе каже дека не е точно дека не треба да спиеме со нашите деца. Некој кој ќе направи ручек, ќе ги здипли алишта, ќе го чува бебето додека се тушираме. Некој кој ќе не потсети дека сите жртви што ги правиме сега имаат смисла.
Не дозволувајте другите да го градат вашиот однос со вашите деца. Користете ги ноќите за ноќни гушкања, утрата за будење со бакнежи.
Одговорете на потребите на вашето дете.
Научете го вашето бебе уште од првите денови дека може да биде сигурно во тоа дека секогаш доаѓате.
Уверете го дека во вашите прегратки секогаш ќе има засолниште, дека нема да мора да прави ништо за да го заслужи тоа.
Нивниот мозок расте брзо, а вие дефинитивно сакате да им всадите здрави емоционални обрасци и да ги научите дека нивните потреби се важни.
И што и да ви каже некој друг, физички е невозможно да го разгалите бебето одговарајќи на неговите потреби. Бебињата не манипулираат, тие комуницираат. Затоа, верувајте им на инстинктите и на своето дете.