Кои се симптомите на болеста што се шири меѓу децата и го уништува црниот дроб?

Последниве недели, кај 169 деца во 11 земји во светот откриен е непознат сој на воспаление на црниот дроб, а најмалку едно дете починало од последиците на мистериозната болест, објави СЗО

295

Десетици деца во Европа и Америка страдаат од акутен хепатитис од непознато потекло, а експертите се обидуваат да ја откријат причината за мистериозната болест на црниот дроб.

Според Светската здравствена организација, пријавен е и најмалку еден смртен случај поврзан со епидемијата на заболување на црниот дроб што ги погодува децата во Европа и во САД.

Оваа мистериозна болест е забележана кај деца на возраст од еден месец до 16 години, 17 случаи барале трансплантација на црн дроб, а првите пациенти биле пријавени во Велика Британија каде се разболеле 114 деца.

Научниците во моментов сметаат дека најверојатна причина за болеста е аденовирусот, кој спаѓа во групата на вообичаени вируси кои предизвикуваат симптоми слични на грип или гастроинтестинални заболувања, а најчесто овие нарушувања се решаваат без трајни последици.

Постои сомневање дека се работи за нов, засега непознат аденовирус.

СЗО наведува дека на појавата на тежок акутен хепатитис и зголемени нивоа на ензимите на црниот дроб АСТ или АЛТ и жолтица кај многу заразени деца претходеле гастроинтестинални симптоми, вклучувајќи абдоминална болка, дијареа и повраќање. Повеќето од регистрираните заразени немале температура. Вообичаените вируси кои предизвикуваат акутен вирусен хепатитис (вируси на хепатитис А, Б, Ц, Д и Е) не се откриени во ниту еден од овие случаи кај заразените деца, се вели во соопштението на СЗО.

Од 169 заразени деца, кај најмалку 74 е откриен аденовирус, најмногу аденовирус тип 41, додека најмалку 19 деца во исто време имале корона вирус.

Иако аденовирусот во моментов е една хипотеза за основната причина, тој не ја објаснува целосно тежината на клиничката слика. Аденовирусната инфекција од типот 41 претходно не била поврзана со таква клиничка слика. Аденовирус тип 41 обично се манифестира како дијареа, повраќање и треска, често придружени со респираторни симптоми.

И покрај тоа што има извештаи за хепатитис кај имунокомпромитирани деца со аденовирусна инфекција, аденовирусот тип 41 не е познато дека предизвикува хепатитис кај инаку здрави деца, соопшти СЗО, додавајќи дека повеќето заразени деца не биле вакцинирани против ковид, што ја отфрла хипотезата дека акутниот хепатитис е можеби последица од вакцинацијата.

Инфектолозите велат дека најверојатно се работи за епидемиски хепатитис, кај нашиот народ познат како заразна жолтица, кој најчесто се пренесува со валкани раце.

Што се однесува до превентивните мерки, најважна е хигиената на рацете, но оваа болест може да се пренесе и преку контаминирана храна или вода. Ако се работи за загадена вода, инфекцијата е многу заразна и се шири многу брзо, особено во градинките, училиштата, па дури и кај постарите лица во кафулињата или рестораните.

Симптоми на инфекција кои се прв аларм за родителите се слабост, треска во некои случаи, губење на апетит, гадење, повраќање, жолтило на лицето. Столицата станува бела, додека урината е со темна боја, како што велат лекарите – боја на пиво.

Симптоми на хепатитис:

слабост
Висока температура
губење на апетит
гадење
повраќање
жолта промена на бојата на белките на очите
бела столица
темна урина

Повеќе