Лесно е да фрлиш, земи поправи нешто! Светски ден на поправките
Секој главен град во светот има ваков простор за поправки, често и во форма на кафуле (Repair Café). Ние го видовме концептот во Ријека и веднаш знаевме дека е логично продолжение на она што го правиме во делот на зелено социјално претприемништво и циркуларна економија. Патем, корисно е и за животната средина и за паричниците на граѓаните, рече претседателката на здружението АРНО, Ирина Јаневска најавувајќи го отворањето на првиот центар за поправки во Македонија
Дали знаевте дека воопшто постои Светски ден на поправки?
Ние не знаевме, но кога веќе постојат разноразни светски денови кои се навистина целосно бескорисни, како на пример, светски ден на кој можете да го земете со себе во канцеларија своето куче, потоа светски ден на емотикони, светски ден на оргазмот, па дури и светски ден на кој не треба да се жали за истуреното млеко, зошто да не постои еден ваков навистина корисен ден?
Веќе сите знаеме дека квалитетот на денешните производи за домот, не е како порано, па сигурно често слушате дека ако порано, на пример, сте имале миксер кој ве служел цели 30 години, сега треба да сте среќни ако потрае пет.
Колку пати сте пожалиле што не сте се обиделе да си го поправите вашиот стар тостер, туку сте си рекле, ќе си купам нов, ново си е ново? И сте се покајале уште првиот ден?
Денес (18-ти октомври) за првпат во Македонија беше организиран настан за одбележување на Светскиот ден на поправки кој во светот се одбележува на 19 октомври.
Настанот беше организиран од здружението АРНО, а дека одбележувањето на светскиот ден на поправки не беше единствената цел на овој настан, зборува и локацијата во која се случуваше ова.
Станува збор за просториите на идниот „Центар за поправки“ во Кисела Вода чие отварање, претседателката на АРНО, Ирина Јаневска, го најави за следната година.
„Денес го одбележуваме овој ден симболично, но веќе од следната година, планираме да го отвориме „Центарот за поправки“, каде покрај поправки и работилници, ќе организираме и pop-up настани. Планираме и мала концептуална продавница за производите на зелените и социјалните бизниси што ги поддржувме преку нашите програми. Секој главен град во светот има ваков простор, често и во форма на кафуле за поправки (Repair Café). Ние го видовме концептот пред седум години, преку Еразмус проект во Ријека и веднаш знаевме дека ова е логично продолжение на она што го правиме во делот на зелено социјално претприемништво и циркуларна економија. Убедени сме дека е корисно и за животната средина и за паричниците на граѓаните“, објасни Ирина.
На настанот беа најавени два важни повици: еден за мајстори и граѓани со вештини за поправки и друг за донација на оштетени играчки.
Градоначалникот на општина Кисела Вода (Орце Ѓоргиевски), кој ѝ дал поддршка на иницијативата на АРНО, такашто обезбедил простор за идниот Центар, ги повика граѓаните активно да се вклучат во промоцијата на циркуларната економија.
„Ми претставува голема чест што Кисела Вода е првата општина која заедно со здружението АРНО за прв пат во Македонија, го одбележува Светскиот ден на поправки. Oва е само почеток на една долгорочна заложба за екологија и солидарност“, изјави тој.
Проектниот координатор од АРНО, Антонио Даниловски, истакна дека акцентот оваа година е ставен на мапирање на мајстори и промоција на солидарност:
„Светскиот ден на поправки го одбележуваме под слоганот „Поправки за сите“.
АРНО е во потрага по луѓе кои имаат вештини за поправки на разни предмети, освен бела техника, или креативци кои можат да пренаменат стари предмети во нови – како креветчиња за миленици од гуми или лампи од отпад. За да осмислиме активности за центарот, потребни ни се граѓаните и медиумите. Исто така, ги повикуваме сите кои дома имаат оштетени играчки, на пример паднато окце на играчка слонче или скршено тркалце на количка, да ги донираат за поправка.“
Во рамките на одбележувањето, беа одржани и две работилници со ученици од СУГС „Ѓорѓи Димитров“, од паралелките за шумарско-дрвопреработувачка и хортикултурна струка. Под водство на инструктори, учениците поправаа дрвени играчки и изработуваа вазни од тегли, со цел промоција на културата на поправки.
Светскиот ден на поправки, е светска иницијатива која започна пред 15 години и служи како потсетник за важноста на поправките за животната средина и за граѓаните. Ова е првпат Македонија да се приклучи на ова глобално движење, што ја истакнува важноста на локалните иницијативи.
АРНО веќе ги отвори повиците за мајстори и донации на играчки, а граѓаните кои сакаат да се вклучат, може да го сторат тоа преку нивната веб-страница.
За Светскиот ден на поправките
Годинава, Светскиот ден на поправки го слави напорот и трудот на иницијативите за
поправки, кои им помагаат на луѓето ширум светот да им дадат втор живот на предметите.
Одбележувањето вбројува 1,800 настани во повеќе од 35 земји, вклучувајќи иницијатива за
поправки на отворено на „Гранд-плац“ во Брисел, обуки за поправки за бегалци во Уганда,
и вебинар со претставници на Европската комисија. Слоганот „Поправки за сите“ го
истакнува значењето на поправките за сите граѓани. Според последните податоци од
Отворената алијанса за поправки, забележани се 208,491 обиди за поправка на електрични
и електронски уреди, одржани 19,986 настани во 31 земја- организирани од 1,158
иницијативи за поправка. Во изминатата година регистрирани се речиси 70,000 обиди за
поправка, што значи дека секој месец имало околу 6,000 поправки – речиси 200 поправки
секој ден.