Марко Виденовиќ, музичар од 7 години, поет од пред 7: „Би сакал барем неколкумина да разбудам за да почнат да живеат, а не само да преживуваат“

На 16 март во Бифе Тафталиџе ќе биде промовирана стихозбирката „Будење“, на Марко Виденовиќ. Првата песна ја напишал две години пред 40-тата, со виолата другарува од седумгодишна возраст, повеќе од 20 години е член на Македонската филхармонија, компонира и музицира како член на два камерни состави, а свој удел како композитор и аранжер остварил и во филмовите „Трето полувреме“ и „Балканот не е мртов“.

209

Иако сме некако навикнати на тоа дека поетите се најчесто млади луѓе или барем дека песни почнуваат да се пишуваат во младоста, со првите љубовни маки, ова го демантира нашиот соговорник Марко Виденовиќ.
Неговата прва песна ја напишал пред околу шест-седум години, а деновиве ја очекуваме неговата трета збирка поезија. Во меѓувреме, речиси секојдневно објавува песни на Фејсбук.
„Јас не сум од тие кои пишувале од мали нозе. Моето прво пишување се случи пред околу шест-седум години, а искрено не се сеќавам која беше темата. Најчесто пишувам во зависност од моменталната инспирација, може да е за љубовта, за тагата, за среќата, за социјалните случувања и слично. Инспирацијата е неисцрпна и затоа неа никој не може да ја украде бидејќи ни е на дофат, само треба да се разбудиме за да ја здогледаме и да ја зграпчиме“, го почнува разговорот Марко.
А токму тоа наше разбудување е она кон што цели и со насловот и со песните од стихозбирката која веќе излезе од печат, а ќе биде промовирана на 16 март (сабота), во 12 часот, во Бифе Тафталиџе, место во кое, иако самиот живее во скопската населба Аеродром, сѐ почесто навраќа од проста причина што има потреба да размени енергија и да избега од секојдневните рутини.

„Што се однесува до насловот, тој се должи на тоа што сме толку заспани, а притоа заборавивме да сонуваме и затоа сѐ потешко остваруваме. И сето тоа е затоа што сме станале инертни, тешки, незаинтересирани за сѐ, а најмногу за самите себеси и за нашите љубени. Со овој наслов и со песните од оваа стихозбирка би сакал барем неколкумина да ги разбудам и размрдам, па така да започнат да живеат, а не само да преживуваат“, порачува Марко.

Извесен период Марко пишувал дури и по пет-шест песни на ден и тоа траело доста долго. Потоа му се вратил на компонирањето музика и некако престанал да пишува толку често, па дури во еден миг помислил дека веќе никогаш нема да успее да напише ниту еден стих. Но кога завршил со компонирањето и кога завршиле настапите за истото, односно, како што вели, „кога музиката стивна, зборовите се вратија“.

Кај Марко, не знае човек што е подобро. Со музиката е од седумгодишна возраст, само една година откако со родителите се преселил од родниот Крушевац, градот на неговиот татко, во Битола, градот на неговата мајка.
Бил комуникативно дете и брзо се вклопил во новата средина. За своето детство во Битола вели дека би му го посакал на секое дете.
„Другари и другарки, дружби, седенки…едноставно кажано, исполнето и безгрижно детство. За жал во денешно време тоа скоро и да не постои, имам осумгодишен син и внуки на блиска возраст и кога секојдневно ги гледам како растат на сосема поинаков начин од оној на кој јас сум растел, навистина ми е жал. Секако ќе звучи здодевно и клише ако кажам дека во денешно време скоро секое дете најголемиот дел од времето го поминува пред телевизор или со телефонот во рака, за наша среќа ние ја немавме таа можност и затоа зад себе имаме спомени кои и тоа како во позрелите години можат да ни ја разбудат креативноста и фантазијата па да започнеме да создаваме нешто ново и убаво“, вели Марко.
А тој создава и создава и создава. Музиката е нешто без кое не би можел да живее, но без размислување вели дека овие две нешта, музиката и поезијата кај него одат заедно и никако поинаку. Затоа и често ги спојува во едно, па така на многу од своите песни има создадено и музика.
„Јас верувам дега Бог одбрал што ќе биде секој од нас, на нас само останува да се разбудиме, да се освестиме и да го зграпчиме мигот. Јас бев едно од оние деца кои сакаат целиот ден па сѐ до доцна во ноќта да го поминат во игра, па дури и во сонот често сум зборувал повторувајќи ги случките од изминатиот ден. Многу сум сакал да читам книги и од рана возраст сум ги знаел буквите, но никогаш не сум покажал афинитет кон пишувањето, тоа за првпат се случи пред четириесеттата, а сега имам чувство дека ова сум го правел цел живот досега“, раскажува овој музичар, композитор и поет.

Тој е првиот во семејството кој започнал да се занимава со музика, но затоа сега не само што не е единствен, туку ги има сѐ повеќе.
„Најпрво започнав да свирам на виолина, па потоа, по идеја на еден мој професор се преориентирав на виолата и можам да кажам дека тоа е еден од најдобрите избори кои сум ги направил бидејќи виолата ја има онаа топлина и нежност, онаа средина помеѓу виолината и виолончелото, односно во неа се собрани најубавите нешта од тие два инструменти.
По моите стапки зачекори и мојата помала сестра која е пијанистка. Сега таа традиција се префрли на мојот син и на нејзините две деца, но со оглед дека и мојата сопруга е музичар, исто како и мојот зет, таа традиција е и од повеќе страни. Е сега, дали нашите наследници ќе продолжат професионално да се занимаваат со музика, останува на времето, но јас и сопругата по никоја цена нема да му наметнуваме на нашиот син дека мора да биде музичар“, искрен е Марко.
Тој е член на Македонската филхармонија повеќе од 20 години и за него таа е втор дом и начин на живот.

„Понекогаш кога испраќаме некој колега или колешка во пензија, мене ме обвива некој страв кога ќе помислам на моето пензионирање иако за тоа имам уште долги години. Но знаете, секојдневно целиот тој колектив од осумдесет и кусур луѓе поминува заедно по неколку часа, музицираме, понекогаш е напнато, почесто е убаво, па таа возбуда пред концертите, она волшебство за време на концертите и повратната позитивна енергија од публиката на крајот од концертите, сето тоа создава преубава енергија. Член сум и на два камерни состави во кои сите кои членуваме сме пред сѐ пријатели, а потоа и колеги. Имам среќа што музиката која ја пишувам исто така ја изведувам со тие мои драги луѓе, а тие дополнително со свои идеи и изведби ја надополнуваат и таа станува наша заедничка музика, а не само моја, бидејќи секој еден од нив остава свој белег. Така што, слободно можам да кажам дека имам повеќе места кои можам да ги наречам дека ми се дом“, вели Виденовиќ.
За него, секој нов концерт е волшебен на свој начин, секој четврток на концертите на македонската филхармонија има нова магија и се создава нов убав спомен, а исто е и со останатите состави.
Нашиот соговорник е искрен во сѐ, во музиката и во поезијата, до толку што вели дека нема богатство кое би можел некој да му го даде за да напише песна по нарачка, а која во исто време ќе биде искрена и вечна.
„Можам да пишувам само она што во тој миг го чувствувам, а сето тоа е еден вид на откривање на тоа каков човек сум јас. А ако песната е искрена, односно авторот ја пишувал без да се обидува да се приближи до јавноста од комерцијални или некои други причини, тогаш во самата песна има и откривање и соголување на авторот“, вели Марко.
Според него, поезијата дефинитивно се враќа на сцената, а еден светол пример за ова се поетските читања кои се одржуваат во Бифе Тафталиџе.
„Саша Шотаровски е последниот поетски мохиканец. Се надевам дека во иднина ќе има повеќе такви места каде ќе има јавни читања, а исто така се надевам дека нашите издавачки куќи ќе започнат со препознавање на домашните поети и со тоа ќе се развие една убава соработка од која сите би биле среќни и задоволни“, го завршува Марко разговорот додавајќи уште дека неговата сопруга често знае да му даде критика за песните и дека најчесто, нејзините критики се на место.
„Впрочем, критиката нѐ прави и подобри во тоа што го работиме, а доколку истата доаѓа од некого кому му значите и ви значи, тоа е бесценето“.

Повеќе