На денска журка во малиот скопски Ливерпул: Место за сите, особено за оние од генерацијата Х
Во Подгорица нема вакво место. Има кафулиња во кои седат луѓе од наша генерација, пијат кафе и ракија и си прават муабети и толку. Нема ниедно вакво место кадешто тие се забавуваат вака и играат на музика од наше време, рече мојот пријател Филип додека ги гледаше сите оние разиграни и насмеани лица на дневна Нова година, на сончевата тераса на Бифе Тафталиџе. Најдолу во текстот и мало објаснување за оние кои не ја сфатија споредбата со Ливерпул.
Некои луѓе, кога ќе наполнат 50 години, седат во дневна пред ТВ и чекаат да почнат вестите, серијата, или што и да е она што до некаде ги интересира.
Некои други, седат на сончевата тераса на Бифе Тафталиџе.
Но не седат секогаш, особено кога има добра музика. А фала Богу, секогаш е добра, само некогаш е малку подобра од обично и знае навистина да ги крене.
На пример, како денеска (31.12.2024), на дневна Нова година, кога музика пушташе нашиот диџеј Качур (Звонко Качурков).
Меѓу сите оние кои беа на сончевата тераса на ова наше скопско Бифе Тафталиџе кое со право можеме да го наречеме „мал Ливерпул“, беше и еден мој стар другар кој веќе одамна не живее тука, туку во Подгорица или, што би рекле оние од наша генерација – во бивши Титоград.
И токму на оваа денска предновогодишна журка, тој, пријателот Филип кој заинтересирано ги гледаше сите наоколу, претежно на иста возраст со него, значи родени некаде во 60-тите и 70-тите, горди претставници на генерацијата позната како генерација ИКС (Х), кои играа и пееја и се смееја и пак играа и пееја и играа и играа како да се повторно во цветот на својата младост, наеднаш рече:
„Во Подгорица нема вакво место. Има кафулиња во кои седат луѓе од наша генерација и пијат кафе или ракија и си прават муабети и толку. Нема ниедно вакво место кадешто тие се забавуваат вака и играат на музика од наше време“.
Додека малку подоцна им раскажував на син ми и на жена му за муабетов, рекоа: па и кај нас нема друго место како Бифе Тафталиџе, само кај Шоте (Саша Шотаровски) има куп луѓе од твоја генерација кои знаат да се забавуваат.
И навистина е така!
И не е ова единствената забава и не е нешто што се случило еднаш и било баш добро. Не, се повторува и се повторува и секогаш си мислиш дека си поминал најубаво на свет, кога следниот пат ти е барем исто толку забавно и повторно се чувствуваш како да си дома, ама не си сам, туку со сите свои наоколу иако можеби некои од нив не ги препознаваш или пак тие не те препознаваат тебе, сепак имаш чувство како да ги знаеш. И плус ако музика ти пушта истиот човек кај кој си одел на журки и кога си имал 12 години, па зарем може да е лошо?
И да, и вечерва се слави Нова година во Бифе Тафталиџе, ако мислите дека се измориле и дека ќе седат дома!
Некои луѓе кога ќе наполнат 50, седат во дневна пред ТВ и чекаат да почнат вестите, серијата, или што и да е она што до некаде ги интересира. Некои пак кога ќе се пензионираат, пак седат во дневна пред ТВ, како во чекалница пред смртта да им дојде и да ги земе.
И тие за овие кои одат во Бифе Тафталиџе знам дека велат: На стари години се побудалеле!
Она што не го знам е од каде пак знаат која е границата кога твоето добро расположение почнува да се идентификува со лудост, кој е лимитот кога што смее да се прави, а што не смее и кому всушност му е гајле за тоа!
Како и да е, Среќна Нова година и на едните и на другите. И на оние плитки ејџисти кои ги дискриминираат луѓето поради возраста и на оние кои ги дискриминираат младите поради младоста.
Сите сме постари за само една година и додека да се изнаиграме, ете ви, дошла и 2025-та!
П.С. Мало објаснување за сите оние кои мислат дека споредбата со Ливерпул нема смисла: Можеби сте заборавиле, ама Ливерпул е познат и по многуте пабови, меѓу другите, по славниот Cavern во кои Битлси свиреле од 1961 до 1963 и каде што многу се играло на нивната музика.
И генерално, градот е познат по многуте пабови во кои се игра, а многу се игра и во Бифе Тафталиџе. И секако, она на што најмногу ме потсетува секоја журка со играње во Бифе Тафталиџе е онаа најголемата журка во време на короната, пред 4 години, токму во Ливерпул, токму по затворањето на пабовите во градот и најголемиот број заразени со вирусот.
Ама бидејќи ова „Ливерпул“ за едно маалско Бифе Тафталиџе веројатно на многумина им звучи претенциозно, сопственикот Шоте има подобра идеја, наместо Ливерпул – Пекам!
(За оние на кои нема да им текне зошто, повторно мало објаснување: Пекам е дел од Лондон познат по тоа што таму се одвива дејствието на серијата Only Fools and Horses.)
И ако мислите – налет текстот во кој мора толку да се објаснува насловот, не е баш така!
Најважно е насловот да ве предизвика да прочитате и подолу од него за да сфатите или да не сфатите зошто токму тој наслов!
Среќна Нова драги наши!