На секои 3 минути еден маж е дијагностициран со рак на простата, на секои 13 – по еден умира од оваа болест

Ракот на простата напредува бавно и што е најлошо, во почетната фаза често нема никакви симптоми кои укажуваат на неговото постоење. Токму поради високата инциденца на ракот на простатата и на ракот на тестисите, ноември е прогласен за месец посветен на мажите и нивното здравје

124


Од мажите не се очекува да покажат никаквa слабост. Тие мора да бидат силни, способни и подготвени да го решат секој проблем.

Поради различните притисоци од овој тип со кои секојдневно се соочуваат мажите, се занемарува една работа – здравјето.
Одењето на редовни прегледи кај лекар не е практика и повеќето мажи се одлучуваат на тој чекор само кога ќе „загусти“, а тогаш е најчесто доцна.

Повеќето припадници на „посилниот пол“ веруваат дека ништо нема да им се случи, дека можат сè да издржат, дека сè може да се надмине, а воопшто не размислуваат за подмолниот непријател кој најчесто ги напаѓа мажите, а тој непријател е ракот на простатата и ракот на тестисите.

И токму поради високата инциденца на овие два вида на рак, Светската здравствена организација месецот НОЕМВРИ го посвети на мажите и на машкото здравје – пред сè, на борбата против ракот на простатата и тестисите.

Многумина слушнале за овие болести, но повеќето не сакаат да размислуваат за нив и за нивна превенција. Или мислат дека тоа се болести кои ги погодуваат само постарите мажи. А тоа е далеку од вистината.

Поразителна статистика

Можеби не сте го знаеле ова, но ракот на простата е најчеста малигна болест кај мажите, па дури и втора најсмртоносна болест. Во светот на секои 3 минути еден маж е дијагностициран со рак на простата, а на секои 13 минути по еден маж умира од оваа болест.

Секоја година во светот се појавуваат над 1,2 милиони новодијагностицирани случаи на рак на простата, а тој број од година во година расте.

Ракот на тестисите е многу поредок од ракот на простата, но сепак е сериозна болест и се јавува кај 9 на 100.000 мажи.

Што е рак на простата?

Станува збор за рак кој се јавува во простатата, мускулно-жлезден орган кај мажите кој се наоѓа во малата карлица пред завршниот дел на дебелото црево.

Ракот на простата напредува бавно и што е најлошо, во почетната фаза често нема никакви симптоми кои укажуваат на неговото постоење.

Како и секоја друга болест од овој тип, доколку се открие рано, веројатноста и шансите за излекувањето се поголеми.

Поради отсуството на симптоми во почетната фаза, многу е важно мажите кои влегуваат во петтата деценија од животот редовно секоја година да одат на преглед на уролог и секоја година да прават тест за крв и простата специфичен антиген (PSA).

Што е рак на тестисите?

Ракот на тестисите е рак кој се јавува на тестисите и најчесто ги погодува мажите на возраст од 15 до 40 години.

Овој тип на малигно заболување многу лесно се забележува бидејќи најчесто се појавува како грутка на тестисите, па затоа е важно мажите редовно да вршат самопреглед. Самопрегледот трае само 5 минути и може да помогне да се спаси живот.

Ракот на тестисите кој е рано откриен е целосно и трајно излечив. Доколку почувствувате некакви промени при самопрегледот, задолжително обратете се кај урологот.

Превенција

Најважно е да се грижите за вашето здравје, бидејќи ако навистина го правите тоа, шансите за една од овие две болести се значително помали. Обидете се да избегнувате мрсна храна и збогатете ја вашата исхрана со овошје и зеленчук и храна богата со витамини и минерали.

Доколку сте во можност, вежбајте редовно, бидејќи има податоци дека мажите кои редовно вежбаат имаат помали шанси да заболат од овој тип на рак.

И што е најважно, редовно посетувајте лекар, редовно правете прегледи и самопрегледи, бидејќи раната дијагноза на ракот е исклучително важна за излекување.

Се надеваме дека овие црни бројки и податоци ве изненадија, но и ве инспирираа да се грижите за вашето здравје и да ги советувате вашите пријатели да го прават истото.

Повеќе