Немате право да се однесувате како да постоите само вие! Звукот од петарди предизвикува трауми кај децата со аутизам и потешкотии во развојот

Оваа година немам ниту време ниту желба да анализирам од кои причини и кои незадоволства се лечат со пукање петарди, но нема да престанам да зборувам на оваа тема: Немате право да се однесувате како само вие да постоите на ова парче земја. ПРЕСТАНЕТЕ СО ПЕТАРДИТЕ!!!, порачува мајка на дете со аутизам

349

„Кај мене надежта никогаш не умира, ќе си пишувам, ќе си зборувам и ќе освестувам, бидејќи кој сака може да научи нешто плус за оваа состојба. Престанете со ПЕТАРДИТЕ. Тие им пречат најмногу на децата и лицата со аутистичен спектар. Оваа година немам ниту време ниту желба да анализирам од кои причини и кои незадоволства се лечат со пукање петарди, но нема да престанам да зборувам на оваа тема: Немате право да се однесувате како само вие да постоите на ова парче земја. ПРЕСТАНЕТЕ СО ПЕТАРДИТЕ !!!“, порачува мајка на дете со аутизам.

Ирена Николовска Ристановска, која е мајка на дете со аутизам во свое и во име на сите родители на деца со аутизам и други нарушувања, предупредува дека овој празничен период на лицата со аутизам им носи дополнителни трауми. Како последица од пукањето на петардите, тие целосно се вознемируваат, а оваа состојба знае да трае со часови.

Родителите на децата со аутизам апелираат до сите љубители на пироманијата дека, вашето задоволство од звукот на петардата е страв во едни мали детски очи кои заспиваат доцна во ноќта со страв и исчекување на наредниот застрашувачки звук.

Поради силниот звук, децата се вознемируваат, се плашат и се јавуваат разни видови последици како страв, вознемиреност, агресија, напади, испади, автоагресивни испади и друго.

Лицата со аутизам и лицата со потешкотии во развојот имаат потешкотии при процесуирање на јаки сензорни дразби, како што се аудитивни (изненадна бука) или визуелни (силна светлина). Заради тоа, многу често и најмала таква стресна состојба може да предизвика бурна реакција. Најчести реакции на вакви дразби се претерана нервоза, вознемиреност, страв. Силните сензорни дразби, доколку лицето има сензорни проблеми, ги доживуваат болно. Силните дразби многу често го менуваат нивното однесување“, објаснува дефектологот Милица Серафимовска.

Таа, пренесува МИА, посочува дека некои лица реагираат со панични стравови, општа вознемиреност, плачење, агресивни и автоагресивни испади.

Лицата ги затвораат ушите, се јавуваат и стереотипни движења, повторувачки фрази, нарушен сон, нарушена дневна рутина, која е многу значајна за функционирање на лицата со аутизам и сензорни пореметувања. Новогодишните празници за многу семејства се „ноќна мора“ и наместо празниците да носат радост во сечиј дом, во овие семејства носат солзи, повреди и користење на многу лекови за смирување“, потенцира Серафимовска.

За време на празниците, најчесто лицата со аутизам се затворени дома, за да се заштитат од овие силни и непредвидливи дразби.

И полицијата упатува чести апели до граѓаните да не се користат пиротехнички материјали поради прекршување на законските одредби, но и поради опасност од повреди. Имено, освен што предизвикуваат трауми кај овие деца, петардите се опасност и за оние кои пукаат со нив.

Токму тие звуци можат да бидат проблематични за многу родители чии деца имаат аутизам или едноставно се плашат од силни звуци, голем проблем се и за домашните миленици, а можат да бидат и причина за доживотен проблем откако ќе се случи несреќа. Секоја година читаме по социјалните мрежи и по медиумите за тоа дека децата си ги ставаат меѓусебе запалените петарди во качулките, се натпреваруваат кој подолго ќе ја држи во рака запалената петарда, ги ставаат во џебот, си ја префрлаат запалената петарда од рака во рака и, за жал, многумина не ја фрлаат навреме и тогаш настануваат сериозни повреди.

Најчести се повредите на рацете, а многу чести се и изгорениците. Имало случаи на ампутација на прсти, а многу често доаѓа и до оштетување на слухот. Може да дојде и до повреда на очите, повторно предизвикана од дејството на самата експлозија. Петардите се генерално ризични, па децата можат да останат без дел од дланката, прстите, а посилните петарди можат да ја разнесат и целата дланка.

Докторите предупредуваат и дека експлозијата од оваа направа може кај некого да предизвика и стрес, кај децата што боледуваат од дијабетес може да доведе до пораст на нивото на шеќер во крвта, а кај астматичарите да предизвика акутно отежнето дишење.

Практично, многу е мал чекорот од навидум наивната игра со петарди до инвалидитет за цел живот.

Продавањето, односно купувањето и активирањето на петарди и пиротехнички средства на јавни места (улици, дворови, влезови на станбени згради и слично) претставува законски прекршок, за кој е предвидена глоба од 100 до 250 евра во денарска противвредност. Дистрибуцијата на пазарот во поголеми количини е спротивно на Кривичниот законик и за ова дело, казниво по член 396, е предвидена казна затвор од 3 до 10 години.

Повеќе