Oсвен за најубав остров, важи и за европска Содома и Гомора

Иако веќе со години медиумите пишуваат дека Хвар им објавил војна на разулавените туристи за кои се предвидени казни за голотија и пијанство, тие од година во година се сѐ поразуздани и понеодговорни…А додавките „Содома и Гомора“ изгледа уште долго ќе се поврзуваат со градот кој стана синоним за разврат

463

Кој се шета по улиците на Хвар во костим за капење ќе плати и до 600 евра, жените во горен дел од костим за капење и мажите со голо торзо ќе платат до 500 евра. Оние што лежат пијани на земја-700…Незнам колку е казната кога некој ќе се помоча пред нечија врата, ама знам дека ништо од ова не допира до хварските туристи кои доаѓаат тука како гладни волци настрвени за што повеќе разврат и разузданост.

Се сомневаме и дека некој навистина се обидува да им ги наплати овие казни со оглед на тоа што е очигледно дека никој не се осврнува на забраните. И не е само тоа. Деновиве медиумите се преплавени од снимките на девојка која уринира пред една куќа во градот, а тоа не е проблем само на хварани. И жителите на Сплит се жалат дека целиот град смрди на урина, а Диоклецијановата палата, нели, под заштита на УНЕСКО и тесните улички на градот се како јавни тоалети. Таблите со предупредувања и казни кои ги очекуваат во случај на недолично однесување се насекаде низ градот.

Туристите пак, а особено на лош глас се Британците, повраќаат низ градот, уринираат во секоја уличка, шетаат без маици, спијат по градските површини, талкаат и не знаат ни каде се, ни кои се.

Локалците пак, како веќе да отрпнаа, па и тие не реагираат. А и што да прават кога живеат од туризам. Каков-таков, а веќе како да ја губат надежта дека некогаш ќе се врати времето кога таму доаѓале пристојни и културни луѓе. Велат, тоа време веќе не постои.

„Кога јас и сопругот се занимававме со туризам, издававме соби и никогаш не ги заклучувавме вратите на куќата, сѐ беше отворено и не се плашевме од ништо. Сега може да ти влезе во соба додека спиеш турист кој можеби дури и не е сместен во вашата куќа, но незнае ни каде е ни кој е. И тоа не е баш пријатно искуство“, раскажува една од постарите мештанки во градот која вели дека сепак не сака да зборува многу против туристите затоа што нејзините деца и натаму мораат да живеат од туризам.

Иако наназад градските власти упатуваа апел до угостителите дека не треба да примаат голи луѓе во нивните објекти и да престанат да им точат алкохол ако видат дека испиле премногу, тие ретко го прават тоа.

Кога одат на одмор, туристите, а особено Британците, очекуваат луда забава, а британските медиуми кои до скоро редовно известуваа за сцени од „европската Содома и Гомора“, од Магалуф, летувалиште на Мајорка, сега пишуваат за Хвар како место со повеќе дрога, повеќе алкохол, повеќе секс од било каде.

За среќа, во градот има сѐ уште населби во кои не допира многу од сето ова. Така што, кој не сака да учествува во разулавената толпа, туку сака романтика во пар, мирен семеен одмор или едноставно, да ужива сам со себе, може да биде на островот, но сепак надвор од збиднувањата. Впрочем, забавата за туристите тука почнува дури после 23 часот.

Нашите пријатели кои секоја година се зад своите тезги на главното шеталиште, се најдобри информатори за тоа што се случува на островот, од нив може да се слушнат најголемите пикантерии и ќе ви ги опишат најневеројатните сцени чии сведоци биле, сакале или не, со самиот факт што се тука најмалку по 12 часа на ден.

„Не можам да разберам кое е задоволството да се покажуваат постојано интимните делови од телото?! Па сите ги имаме, не значи дека треба постојано да бидат изложени на туѓите погледи. Мислам дека со таа голотија и невкус се отиде веќе толку далеку што речиси и престанавме да ги забележуваме. Многу повеќе внимание на Хвар би привлекол човек во пристојна облека, отколку некој што е пиштол гол“, се смее хваранката Ивка која е постојано на својата тезга со лаванда на главното шеталиште во градот и сведок на сѐ што се случува додека трае туристичката сезона.

Сепак, младите хварани не мислат така. Двете најдобри другарки Маринела и Јосипа кои пораснале во овој град, сето тоа што се случува околу нив во текот на летниот период, го сметаат за нормално. Со оглед на тоа што имаат по 25 години, не ни паметат дека некогаш нештата биле поинакви. Тие, како и другите локални жители, си имаат секојдневни работни обврски кои повторно се поврзани со туризмот, па и немаат многу време за целоноќни забави и дружење со туристите.

Повеќе