Што да направите кога детето ќе ве удри?

Не заборавајте да ги контролирате сопствените емоции. Најголемата грешка би била ако и вие го удрите детето за да види како сте се чувствувале, затоа што тоа нема смисла.

1.324

Речиси е невозможно да останеме целосно смирени кога детето ќе нè удри или повреди, објаснува психологот Лора Маркам. Во овој случај, родителите често реагираат бурно, што според неа е една од најголемите грешки што можат да ги направат. Имено, во повеќето случаи, удирањето на детето не е знак на неговата омраза, агресивност, па дури и лутина, туку некоја друга фрустрација или емоционална потреба која не знае да ја изрази на поинаков начин.

Па, што треба да направи родителот кога сопственото дете ќе го удри? „Секоја реакција од ваша страна што вклучува физичка болка ќе има резултати кои нема да бидат добри за ниту еден од вас. И онака непријатната ситуација само дополнително ќе ескалира и ќе го продолжи циклусот кој вклучува физичко насилство, што никогаш не се препорачува“, објаснува психологот, кој додава дека удирањето од страна на детето најчесто произлегува од страв.

„И дури и кога не знаете од што навистина се плаши вашето дете, а неговата агресија изгледа како да доаѓа од никаде, вака вашето дете го покажува својот страв. Ако одговорите на тоа со уште поголема агресија, ќе го ескалирате постоечкиот страв и ќе ја зголемите веројатноста за идни удари“, предупредува Маркам.

Понекогаш удирањето од страна на детето доаѓа од љубопитност. Имено, додека расте, експериментира и ги преиспитува границите, а психологот нагласува дека родителите треба да сфатат дека ова е само минлива фаза, но и можност да постапат соодветно и да ги стопираат понатамошните удари.

Како да се реагира кога ќе се случи ова?
Најлошото нешто што еден родител може да го направи кога детето ќе го удри е да му вика, да го навредува или да употреби физичко насилство. За да научи детето што подобро да ги контролира сопствените емоции, психологот советува родителите да реагираат на следниот начин.

„Прво, прифатете ги неговите чувства, дајте му до знаење дека гледате колку е лут или фрустриран поради нешто. Потоа поставете цврсти и јасни граници објаснувајќи му на детето дека ударот боли и дека нема да му дозволувате да го повтори тоа. Исто така, добро е да му предложите на детето како да реагира кога е луто или фрустрирано поради нешто. На пример, можете да му кажете да ви опише со зборови што го мачи следниот пат наместо да ве удри. И последно, но не и најмалку важно, не заборавајте да ги контролирате сопствените емоции. Најголемата грешка би била ако и вие го удрите детето за да види како сте се чувствувале, затоа што тоа нема смисла“, објаснува Маркам.

Повеќе