Спире, тафталиџанскиот спасувач на детските топки

Колку пати децата се вратиле дома и ви кажале дека топката им летнала на покривот, па немаат со што да играат кошарка, фудбал, одбојка? Епа децата во скопската населба Тафталиџе 1 си имаат батка за симнување топки – тафталиџанецот Александар Спировски, познат како Спире.

742

Сигурно барем еднаш децата се вратиле дома и ви кажале дека топката им летнала на покривот, па немаат со што да играат кошарка, фудбал, одбојка. Сигурно и вам кога сте биле дете ви се случило истото.

Кога јас бев дете на нашата улица во скопската населба Тафталиџе 1, живееше еден постар брачен пар без деца, па за нас беше вистински кошмар кога топката со која игравме сервис, народна или одбојка ќе ни паднеше во нивниот двор. Кога ќе се случеше тоа, многу ги молевме да ни ги вратат топките и најчесто ни ги враќаа, ама претходно ќе ги дупнеа со нож. Често, за да не разбркаат од улицата знаеја и да ни го навртат цревото и да не испрскаат со вода. Сепак, дури и кога едвај одеа и излегуваа да се прошетаат по улицата, а ние веќе бевме големи и повеќе не игравме со топка, секогаш љубезно ги поздравувавме. Денес, дури и нив ги спомнуваме со носталгија.

Иако останаа многу малку од старите соседи на улицата, а се населија едно чудо нови, ние, кои сме тука целиот живот, често се потсетуваме на минатото.

Иако е помлад од нас, Спире е едно од оние деца на староседелци кое е пораснато тука, во истата населба, љубезен и пресретлив кон постарите, а по малку надмен кон помалите. Знаете, од оние кои немаа проблем да испратат некое од помалите деца да им купи нешто од продавница.

Секогаш бил меѓу оние кои делеле правда кога ќе избие некоја кавга меѓу помалите, а со оглед на габаритот, ретко кој имал смелост да му се спротивстави. Но иако можеби делува опасно, верувајте, ако ви затреба некаква услуга, сигурно нема да ве одбие. Епа токму тој, легенда меѓу помладите генерации, го здогледав вчера како оди некаде со огромна скала.

„Кај си тргнал со таа огромна скала?“

„Во Коменски. Ми се јави чуварот да ги симнам топките на децата“.

„Јан Амос Коменски“ е училиштето во кое завршивме и јас и син ми и Спире и сите деца пораснати од оваа страна на пазарчето Тафталиџе, па иако училиштето е сега во ново руво, обновено, ама и преполовено, игралиштето на кое сите ние во одреден период од животот игравме фудбал и кошарка, е сè уште активно и живо.

Информацијата дека Спире често оди, секако, без надомест, само за да им направи услуга на децата, ме натера да тргнам по него и да видам како изгледа ова симнување на детските топки.

Верувале или не, од покривот на мензата на која најчесто завршуваат сите посилно шутнати топки, Спире симна дваесетина во најразлични големини и форми, а вели дека е ова уште и една од послабите „берби“.

Секако, топките ќе им бидат вратени на сите оние деца кои ќе дојдат да си ги побараат, а Спире мислам дека заслужува респект. Затоа одлучивме на овој начин да апелираме училиштето или пак родителите на учениците со здружени сили, да купат една поголема скала, за да не мора Спире да се килави со онаа што обично пешки ја влече дотаму.

А како изгледа една акција на спасување на топките во „Коменски“, видете во галеријата подолу.

Повеќе