Во оваа прекрасна земја, единствена на светот покрај Ватикан, разводот е незаконски

Тие навистина веруваат дека она што Бог го споил не може да се раздели. Навистина? Дури и ако сопругот се обидел да те убие и после сè што направил, разводот не е дозволен?, прашува Сибонга, жена од Филипините чија приказна ја пренесе порталот Филстар Глобал (Philstar Global) и која повеќе од 10 години се обидува да го поништи бракот на кој ја присилиле родителите откако останала бремена.

109

Неверојатна природа, околу седум илјади острови, од 120 до 180 различни јазици, островот Камигуин кој има повеќе вулкани (седум) отколку градови (пет), секој ден по најмалку 20 земјотреси (за среќа слаби)… Сето тоа се неверојатни факти за Филипините, а меѓу нив е и фактот дека оваа католичка земја е единствена на светот покрај Ватикан, во која разводот не е легализиран.

Попрецизно, оние кои сакаат развод можат да побараат од судот да го поништи бракот или да го прогласи за ништовен, но постапката е скапа, исклучително долготрајна, а најлошо од се, надлежните можат да ја обжалат одлуката за поништување или ништовност!

„Зошто мора да биде толку тешко? Сакаме слобода!“

Една од жртвите на таквата ситуација е и Сибонга, чија приказна ја пренесе порталот Филстар Глобал (Philstar Global) и која повеќе од 10 години се обидува да го поништи бракот на кој ја присилиле родителите откако останала бремена. Нејзината правна битка започнала во 2012 година, кога се обратила до судот да го раскине бракот поради „психолошка неспособност“ на нејзиниот сопруг, што може да биде една од основите за поништување.

По пет години и 3.500 долари за правни трошоци, судијата конечно се согласил. Но, олеснувањето било краткотрајно – правниот застапник на владата задолжен за заштита на институцијата брак успешно ја обжалил одлуката во 2019 година. Сибонга потоа поднела жалба до Апелациониот суд, но се уште се чека на одлука.

„Не разбирам зошто мора да биде толку тешко. Зошто законот не казнува нас, оние кои доживеале страдање, напуштање и злоупотреба? Се што сакаме е да бидеме слободни“, вели оваа мајка на три деца.

Се работи на нов закон за развод на дисфункционални бракови

Но, таа категорија на луѓе на Филипините има моќен непријател – Католичката црква, која се противи и на контрацепцијата и на абортусот. Околу 78 отсто од 110 милиони жители на Филипините се католици, а многу политичари се плашат да се соочат со црквата за чувствителните прашања, пишува Филстар Глобал.

Сепак, работите се менуваат малку. Во 2018 година, Претставничкиот дом усвоил закон за развод кој подоцна заглавил во Сенатот. Тоа било првпат предлогот да стигне толку далеку. Се менува и ставот на општеството. Според истражувањето од 2005 година, 43 отсто од Филипинците го поддржале разводот „за непоправливо разделени парови“, додека 45 отсто се против.

Исто истражување во 2017 година покажало дека 53 отсто биле за, а само 32 отсто биле против. Се уште е во тек нов обид за легализирање на разводот. Законодавците кои работат на тоа тврдат дека тие не уништуваат ниту еден брак, туку дека разводот е предвиден за бракови кои се толку нефункционални што не можат да се санираат и дека легализацијата ќе им обезбеди на жените и нивните деца заштита од семејно насилство.

Дополнителен проблем е што скапиот и долготраен правен процес на поништување им дава ветер во грбот на разни измамници. Тие на Интернет нудат ветување за брза постапка без појавување на суд. Низа огласи се шират и на Фејсбук. Една жртва изјавила за новинската агенција АФП дека платила 2.400 долари за услугата која се покажало дека е измама.

Зачувување на традиционалниот концепт на бракот
Од друга страна, црквата не попушта. На пример, Џером Сецилано од Филипинската бискупска конференција тврди дека Филипините треба да се гордеат со фактот дека се единствената земја освен Ватикан која се држи до традиционалниот концепт на брак. А исто така вели дека секогаш ќе има несовршености во врската и дека разводот од партнер кој е насилен само би придонел за ширење на насилството затоа што тогаш тој би го злоупотребил следниот партнер. Вие всушност не ја лекувате болеста, рекол тој.

Двапати се обидела да се убие
Сибонга од нашата приказна била воспитана во католички дух, но престанала да оди во црква за да избегне обвинувања за прељуба. Имено, таа веќе подолго време е во друга врска, но не може да ја озакони со сегашниот партнер додека не се разведе. „Луѓето мислат дека сум грешничка затоа што технички сè уште сум во брак. Тие навистина веруваат дека она што Бог го споил не може да се раздели. Навистина? Дури и ако сопругот се обидел да те убие и после сè што направил, разводот не е дозволен?“, прашува таа. Нејзиниот брак бил траума за неа, тврди таа, а два пати се обидела да се самоубие.

Чиле голегализирал разводот во 2004 година, Јапонија нема заедничко старателство

Филипините не се единствената „необична земја“ кога станува збор за разводите. Ирска го легализирала разводот во 1997 година, дотогаш тој бил забранет со Уставот. Чиле го легализирал дури во 2004 година. Разводот во Јапонија е брутално едноставен, буквално го пополнувате формуларот, освен ако во приказната не се вмешани деца бидејќи таа земја наводно не ја признава опцијата за заедничко старателство.

Исто така, во Јапонија, жените требаше да чекаат шест месеци по разводот за повторно да се венчаат. Од 2016 година треба да чекаат 100 дена, но само доколку се бремени во моментот на разводот – причината за оваа одредба е да се избегнат формално-правните недоразбирања за татковството. Многу интересно, во американската сојузна држава Делавер, бракот може да се прогласи за ништовен доколку сте влегле во него врз основа на игра со предизвици.

Најмногу разводи на романтичните Малдиви
Во однос на статистиката, порталот Wisevoter во прегледот на разводите ширум светот наведува дека најголема стапка на разводи во светот имаат Малдивите со 5,5 разводи на 1000 луѓе. Втор е Гуам со 4,3, а трета Русија со 3,9 разводи на 1000 луѓе.

Повеќе