Во шкотско училиште учениците трчаат по една милја дневно: Нема ниту едно дебело дете

Веќе четири години, секој училишен ден, наставниците ги испраќаат децата на дневно трчање од една милја (околу 1,6 километри), а тоа редовно трчање се покажало како корисно на многу начини.

205

Основно училиште во Шкотска пред неколку години вовело практика која се покажала толку успешна што веројатно ќе ја прифатат и други училишта низ целата земја. Благодарение на секојдневното трчање по една милја, односно, околу 1,6 километри, ниту едно дете во училиштето Сент Нинианс (St Ninians) нема прекумерна тежина!

Веќе четири години, секој училишен ден, наставниците ги испраќаат децата на дневно трчање од една милја, а тоа редовно трчање се покажало како корисно на многу начини. Децата не само што се поздрави и поиздржливи, туку и многу подобро се концентрираат на часовите. Веќе 500 други основни училишта ширум Обединетото Кралство почнале да ја спроведуваат оваа програма во борба против прекумерната тежина на учениците.

„Најважно е децата навистина да уживаат – инаку никогаш не би можеле да ја спроведеме идејата во пракса“, вели директорката на училиштето, Елејн Вајли. „Тие се враќаат од трчање со румени образи и жив изглед, како што и треба да изгледаат децата“, додава таа.

Трчањето трае само 15 минути дневно, децата трчаат по патеката околу училишното игралиште во текот на училишниот ден кога е најзгодно. Само при навистина лоши временски услови може да се случи да се прескокне дневното трчање.

Има сѐ повеќе дебели деца, а тие се изложени на ризик од кардиоваскуларни болести и дијабетес, проблеми со зглобовите и коските, а прекумерната тежина носи и поголем ризик од добивање рак.

Научниците од Универзитетот во Стирлинг моментално го проучуваат благотворното влијание на секојдневното трчање на децата врз физичката, когнитивната и емоционалната состојба на учениците, а резултатите од компаративната студија ќе бидат готови во јули.

Докторот Колин Морен, водачот на студијата, за „Гардијан“ изјавил дека децата од училиштето „Сент Нинианс“ немаат проблеми со дебелината, дека изгледаат посреќни и дека побрзо го учат материјалот.

Повеќе