Ве молам, може да закажам царски рез?

Не е дозволено, ниту е оправдано да се прави царски рез на барање и без оправдана медицинска причина. Станува збор за сериозна постапка поврзана со можни несакани последици и за мајката и за детето

991

Извесен период царскиот рез стана мега популарен, a многу жени се изјаснуваа дека сакаат да се породат на тој начин, дури и кога тоа не е медицински оправдано. Веројатно им изгледаше полесно и поедноставно, а во некои случаи сакаа и да си го темпираат роденденот на своето дете за да се роди во одреден хороскопски знак. Ама како никој да не размислуваше дека станува збор за операција. Иако изгледа дека сега работите се сменија и идните мајки сфатија дека нема ништо подобро од природно породување и за нив и за детето, секако, доколку нема медицински оправдани причини за царски рез, сè уште има жени кои не мислат така.

Знаете ли  воопшто што значи царскиот рез?

Тоа значи десет и повеќе сантиметри долг рез низ кој го извлекуваат вашето бебе, а пред тоа, секако, треба да ги пресечат сите слоеви на матката и буквално да ги поместат вашите органи за да не пречат.

Е сега, замислете да ве испратат на некоја обична операција, а по излегувањето од салата да ве пречекаат со мало бебе и да ви кажат дека од сега мора да се грижите за него и покрај тоа што чувствувате неверојатна болка. Е тоа ве чека после царскиот рез!

Станува збор за сериозна операција што не смее да се прави по барање и без потреба.

Царскиот рез вклучува хируршко завршување на бременоста за што е потребна медицинска причина. Со оглед на ситуацијата во која постои причина за царски рез, правиме разлика помеѓу итни и планирани (изборни) операции. Царски рез е сериозна операција поврзана со можни ризици и компликации. Најчестите компликации на постапката се инфекција, загуба на крв, тешко заздравување на раните и зголемен интраоперативен и постоперативен ризик од тромбоза.

Закрепнувањето на мајката е потешко отколку по вагиналното породување и потребни се неколку недели за целосно закрепнување. Обично се останува во болница пет дена. По операцијата, проблемите остануваат уште некое време, при кашлање или смеење, а може да има проблеми и при седење или стоење.

Вагиналното породување е помалку ризично за мајката и има голем број на предности за новороденчето. Така, вагинално родените деца имаат помал ризик од постојана белодробна хипертензија, астма, алергии на храна и разни други алергии, нетолеранција на лактоза и дијабетес. Исто така, изгледа дека мајките полесно се зближуваат со своите деца по вагиналното раѓање поради постојаниот контакт и чувството на блискост со процесот на раѓање. Исто така, успехот во доењето е поголем кај децата родени на овој начин.

Планираниот царски рез ја оштетува цревната флора

Зошто вагинално родените деца имаат помала зачестеност на алергиски и метаболички болести, сè уште не е целосно познато. За тоа зборуваат многу студии и трудови објавени во последните неколку години. Големите национални студии во Шведска и Данска во изминатите триесет години откриле значително поголема инциденца на хронично воспалително заболување на цревата кај деца родени со планиран царски рез.

Овие резултати се поткрепени од неодамна објавената американска студија, во која се посочува дека породувањето со царски рез ја оштетува цревната флора на новороденчето (интестинален микробиом). Истражувачите проучувале четиримесечни новороденчиња и откриле значително намалување на нормалниот цревен микробиом од редот на ешерихија, шигела и бактероидес. Иако откриле значително закрепнување на цревната флора за време на доењето, тие предлагаат поинаква исхрана за новороденчињата родени со изборен царски рез поради намалениот имунолошки одговор на децата родени на овој начин.

Сериозна операција само кога е потребно

Понатаму, употребата на кортикостероиди (дексаметазон), кои сега редовно се администрираат во сите породилишта пред планираниот царски рез за да се спречи респираторниот дистрес кај новороденчето веднаш по раѓањето, според истражувањето на некои автори, не го намалува ризикот од алергиски и метаболички нарушувања кај децата родени на овој начин. Затоа, треба уште еднаш да се нагласи дека царскиот рез е сериозна постапка, поврзана со можни несакани резултати и за мајката и за детето, што треба и мора да се изврши само кога е неопходно. Затоа и ставот на браншата треба да биде дека не е дозволено, ниту е оправдано да се прави царски рез на барање и без оправдана медицинска причина.

Повеќе