Бременоста носи низа промени кои со себе носат цела палета на емоции, што е сосема очекувано и нормално.
Стресот и нервозата се вообичаени појави за време на бременоста, но тие треба да се разликуваат една од друга.
Нервозата може да биде резултат на напнатост и стрес, а во зависност од интензитетот се движи од благ трепет, нервоза во телото до анксиозност, па дури и напади на паника.
Стресот е нормална реакција на голема промена како што е бременоста и има своја заштитна функција, многу важна во периодот на адаптација на бременоста и доаѓањето на бебето.
Важно е да се има предвид дека сите стресови не се исти, дека во повеќето случаи не можеме да ги избегнеме и дека секојдневните стресови со кои сме се среќавале уште пред бременоста нема да влијаат на бебето.
Бројни истражувања покажале дека фетусот ги чувствува мајчиниот стрес и нервоза, како и други емоции кои се менуваат кај трудницата.
Меѓутоа, често идните мајки непотребно се грижат кога читаат за таквите истражувања.
Важно е да знаете:
- Дека нивото на стрес не се пренесува директно од мајката на бебето
- Дека плацентата произведува ензими кои го штитат бебето од преголем стрес
- Дека само околу 10% од кортизолот ќе стигне до вашето бебе
Сепак, хроничната изложеност на стрес и премногу стрес може да доведе до голем број здравствени проблеми за вас и вашето бебе.
Важно е да се ставите себеси на прво место – бидејќи стресот прво ќе дојде до вас, а дури потоа до вашето бебе, на кое ќе му треба здрава мајка уште многу години.
Еден од советите кога станува збор за тоа како да си го намалите непотребниот стрес барем во текот на бременоста, е и оној кој се однесува на луѓето што ве опкружуваат.
Се разбира, советот гласи: Опкружете се со позитивни луѓе!
Како да знаете дека вашите пријатели се позитивни, односно, дека се добри за вас?
Едриан Ахерн, психолог, вели да обрнете внимание на тоа како се чувствувате покрај нив и какво мислење имате за себе кога сте со нив.
Ако се чувствувате добро во своја кожа кога сте покрај некого, таа личност носи радост во вашиот живот.
За жал, повеќето од нас во опкружувањето има некои негативни луѓе.
Ако некој пријател или роднина прави да се чувствувате лошо, обидете се да ја избегнете таа личност за време на бременоста.
Не се работи за обвинување на таа личност, туку само за грижа за себе.
Подоцна, можете да одлучите дали вреди да го продолжите пријателството или да се соочите со личноста и да ѝ ги кажете своите чувства.
Дајте си одмор
Кога ќе почувствувате дека се нервирате поради нешто, направете кратка пауза.
Неколку минути медитација, читање списание, разговор со пријател или прошетка може да бидат токму она што ви треба.
Смирувањето на вашиот ум за само пет минути може да го подобри пулсот, крвниот притисок, дишењето и имунолошкиот систем.
Имајте спремен одговор
Дали ве нервира тоа што луѓето постојано ви го допираат стомакот или го коментираат вашиот изглед?
Смислете неколку одговори бидејќи тоа може да ви помогне да избегнете тешки теми.
Наместо да се нервирате кога некој ќе ви испрати несоодветен или иритирачки коментар, секогаш ќе имате подготвен духовит одговор.
Испразнете се
Секаков вид физичка активност ја ублажува напнатоста и ослободува ендорфин што прави да се чувствувате добро.
Ако вашиот лекар одобрил вежбање – редовно одете на активна прошетка, на енергично пливање или пренатална јога, тоа многу ќе ви помогне да продолжите да се чувствувате подвижно и живо.
Вдишете длабоко
Ако се чувствувате напнати, голема е веројатноста дека го задржувате здивот во себе.
Палпитации на срцето, стомачни пулсирања и мускулна тензија е еден од начините на кои вашето тело сигнализира дека нешто не е во ред.
Длабокото дишење може да помогне.
Повеќето луѓе дишат плитко, само од градите, особено кога се во болка или под стрес.
Обидете се со следново: Како што вдишувате, ширете го стомакот.
При издишување, оставете го стомакот да се опушти и да ја ослободи напнатоста.
Фокусирањето на вашето дишење може да ви помогне да ја преземете контролата врз вашите мисли и чувства.
Тогаш ќе бидете подготвени да се справите со иритантните ситуации на покреативен и поефикасен начин.