Никола Тесла спиел по 2 часа на ден, камионџиите не спијат и по 40

Да, можам да издржам и да не спијам и по 40 часа, со само некој мал одмор од час, час и половина или најмногу два. Мислам дека е веќе навика и реално, некогаш ми се доволни и само 15 минути за да бидам како нов. Можеби е така најмногу кога патувам накај дома, поради желбата да се стаса побргу кај своите“, вели нашиот соговорник, камионџијата Дарко.

66

Незнам дали некогаш сте делеле трошоци за превоз со непознати луѓе, на пример, преку БлаБлаКар, ама знам дека е тоа стопати подобра варијанта отколку возењето со автобус.

Секако, ако ви се погодат сопатниците. Или ако за возач ви се погоди камионџија што после два месеци си доаѓа дома на заслужен одмор од две недели и за да остане буден, расположен е да ви раскаже сѐ што ве интересира за животот во камион.

Летово, на враќање од Загреб, запознав двајца камионџии. Едниот беше нашиот возач, а другиот, само уште еден непознат сопатник кој ни се придружи во близина на Бабина Греда, во вуковарско-сремската жупанија во Хрватска.

Патем дознавме дека патувањето на нашиот возач Дарко почнало од германскиот град Бон, кадешто престојува додека вози камион за словенечка фирма, дека продолжило до Словенија кадешто ја средувал документацијата во својата компанија и дека конечно успеал да дремне околу час-час и половина, додека не чекал на договореното место, еден паркинг во Загреб.

Додека стасавме во Скопје, беа поминати цели 40 часа откако бил буден, со исклучок на оној краток одмор на паркингот во Загреб.

Беше совршено сконцентриран и буден до целта. Нормално, зашто ако не беше, ќе завршевме сите во некој ендек. Сепак, кога слушнав дека спиел помалку дури и од Никола Тесла, решив и јас да ги држам очите ширум отворени иако неговото внимание и концентрација беа на максимум.

За седењето на камионџискиот трон и прегледноста од високо

Камионџиите отсекогаш ми изгледале како да седат на некаков трон и одозгора гледаат и подалеку и подобро од сите други, а нашиот сопатник Дарко ни потврди дека е ова и навистина така.

„Да, да, баш како да седам на трон и одозгора имам поголема прегледност од сите други возила во сообраќајот. Ако се случило нешто на 100 метри пред мене јас можам да видам, да закочам, па дури и да ги предупредам тие зад мене со четири трепкачи дека нешто се случува“, вели Дарко и ни опишува дека чувството е сосема поинакво од она кога се вози автомобил.

За камион положил во 2006-та година и од тогаш вози активно за странска компанија. Задоволен е од заработката и од организацијата на работата. Единствено што е најтешко во целата работа, освен, се разбира, одговорноста што ја има како учесник во сообраќајот, е отсуството од дома и тоа што пропушта многу нешта кои се важни за семејството.

Секоја работа си има своја тежина

Во Македонија работел сѐ и сешто, вели, ама никогаш не бил платен како што треба.

„Сум бил и на поубави функции, но таа плата и професионален однос ги нема кај нас. Напротив, секој гледа да те обезвредни, за да не те плати. Откако ја работам оваа работа, веќе се навикнавме и јас и семејството на еден повисок стандард на живот, всушност, поопуштен во поглед на финансиите. Сметам дека секоја работа си бара одредена жртва. Или си дома со семејството и немаш пари за нормален живот, или имаш пари ама не си со семејството. Во мојот случај, вториов, знам дека поради мојата жртва семејството ќе има подобар живот, а децата повеќе можности“, вели Дејан кој колку повеќе се приближувавме до Македонија кадешто нетрпеливо го чекаа неговите, толку стануваше поенергичен.

Ни раскажа дека на секои 2 месеци работа му следуваат две недели одмор и дека, со оглед на тоа што тој веќе има словенечки документи, не е приморан да оди постојано дома, па понекогаш за да ги избегне трошоците, одморот го поминува таму. Кога пак доаѓа, за да ги намали трошоците, но и за да има друштво за муабет по патот, тоа го прави токму вака, патувајќи со непознати луѓе.

Ни објаснуваше дека и во однос на времетраењето на работата, тоа 2 месеци работа со 2 недели одмор, не е единствената комбинација, но дека е важно во 15 часа колку што му е работното време, треба да го вклопи возењето од 9 часа, во кое спаѓа утовар-истовар, гужви на патот итн. Исто така, не смеат да се преминат и 45 часа возење во текот на неделата,

„Може да се прават и други комбинации, како на пример, 1 месец работа, 1- одмор. Кога се работи 5 дена во неделата, ако има заостаната тура, се вози и во сабота, но правилото е 90 часа возење во текот на две недели, значи, 45 часа неделно“, објаснува тој.

Патем, ни опишува и дека сега камионите се опремени со сѐ што треба.

„Камионите се опремени со фрижидер, кревет, клима за греење и за ладење, мала кујничка и опрема за готвење, буквално сѐ што треба. На бензинските пумпи има тушеви за шоферите за кои се плаќа од 3 до 5 евра, а исто има и по фирмите во кои се прави утовар-истовар на камионот па додека чекаме да се средат документите, можеме и ние да се истушираме и да се средиме во просториите на фирмата.

Во текот на неделата јадам претежно готова храна, што не бара многу време за приготвување, ама за викенд знам да запалам и плинско и да си зготвам нешто домашно. Камионите се едно цело мало домаќинство, во кое имаш една универзална соба, која ти е истовремено и канцеларија и соба за спиење и кино-сала, сѐ во едно.

Ако се погодиш со повеќе колеги кои ги познаваш на паркинг преку викенд, кога не се вози, знае да падне и дружба. Па и ако не познаваш никого, запознавањето оди многу лесно“, вели тој.

Секој камионџија си чува до себе некое обележје за својата земја

„На паркингот веднаш знаеш кој од каде е, бидејќи сите ние имаме во камионите кои ги возиме по некое обележје. Некој си става знаме на својата држава, некој некое шалче со препознатливи симболи на државата од која доаѓа или некое друго обележје и сите тие се симбол за нашата носталгија за дома“, раскажува Дарко.

Според него, за да може некој да вози камион му се потребни низа сертификати и лиценци, но дека е сепак еден од полесните начини да се добие работа во Европа.

„За да се вози камион во Европа се бара КОД 95, што е квалификација за професионален возач според европските правила. За да се добие овој код се оди на предавања 3 дена, четвртиот ден се полага пред комисија“, објаснува тој.

Дарко се надева на подолг ангажман во оваа професија.

Вели, „во Македонија се распаѓа пензискиот фонд, а ваму барем имаме регулиран стаж, па би сакал до пензија да го работам ова, а потоа да си дојдам дома и тука да ја трошам својата пензија и да си бидам со семејството“.

Другиот сопатник кој е исто така шофер на камион, иако моментално работи како електричар за словенечка компанија, вели дека никој кој е добро платен надвор, не може потоа да се врати на старо и да работи за 500 евра плата.

Според него, сепак, една работа е ако ти е целта да однесеш пари дома, а сосема друго е ако ти е целта да го повлечеш семејството со себе.

„Најпаметно е некој да го жртвува своето време, а парите да ги носи кај нас. Практично, ние инвестираме во нашата земја. Никој не го гледа тоа, ама така е.

Ние кои работиме надвор, а носиме дома, придонесуваме за Македонија, а нашата држава не ја чиниме ништо. Старее нацијата и навистина е веќе прашање како и од каде постарите ќе земаат пензија еден ден. Затоа сметам дека кој е способен треба да оди и да работи некаде, пак ќе ги донесе парите тука“, вели вториот соговорник.

За опасностите и неспиењето

Инаку, дека не е сѐ песна, зборува и фактот што секојдневното возење си носи секој ден опасни и стресни ситуации.

„Европа има брзи коли, кои чести ги возат некои премлади побогати деца кои не возат баш како што треба па имаат обичај да исечат лента на два метри пред тебе и мора да си постојано на штрек или да активираш темпомат за одржување растојание“, вели Дарко.

„Како е можно да сте будни и сконцентрирани на патот ако, како што велите, се случува, како и сега, да не спиете дури 40 часа во континуитет со само час или два дремка“, го прашувам патем колку да ме окуражи дека е навистина способен да не донесе безбедно дома.

„Па незнам, мислам дека е веќе навика и реално, некогаш се доволни само 15 минути за да се освежам и да бидам како нов. Можеби е така најмногу кога патувам накај дома, бидејќи работи адреналинот поради желбата да се стаса побргу кај своите. Исто така, кога возам сам, речиси и не застанувам да одморам на бензинска, носам со мене енергетски пијалаци и сум максимално сконцентриран. И подобро ми е да возам ноќе отколку преку ден, можеби е тренинг, незнам што е, ама немам проблем со неспиењето. Ако ме фати криза, грицкам семки. Дефинитивно, човек добива екстра енергија кога оди накај дома, секако, не безглаво, но сепак имаш мотивација плус да стасаш побргу. Кога ќе стасам обично после првичната еуфорија додека се извидам со најблиските, не станувам од кревет и по два дена за да се одморам убаво, ама барем сум дома“, се смее тој.

И на крајот, после сите муабети по патот, заклучуваме само дека, кога ќе ти влезе чивијата, тешко е да се престане.

„Од коњ на магаре не бидува, па така и камионџиите кога ќе се навикнат на повеќе пари, им се менуваат и потребите, а и децата растат па и тие имаат поголеми барања. Но, знам дека за нив најголем подарок им е да си дојдеш дома.

Се радуваат, им недостасуваш и твоето доаѓање им е поважно дури и од подароците што им ги носиш“, завршува нашиот сигурен возач додека ми помага да си го земам куферот откако безбедно ме довезе до пред самата врата.

Не, камионџискиот живот не е лесен, но сигурно е еден од начините на кои нашите луѓе, ако веќе не можат во својата држава, со нормална осумчасовна работа да обезбедат егзистенција за своите семејства, го прават тоа токму вака, како Дарко, зад воланите на оние огромни и моќни Скании, Мерцедеси, Волвоа и други подвижни чудовишта кои постојано ги гледаме по патиштата.

Повеќе