Од – тато те сакам, до – тато оди си!

Вака некако изгледа приказната што ја живеат еден татко и неговото сега веќе 5 ипол годишно дете откако состојбата со пандемијата била искористена за да им се ускратат видувањата, па сега детето кое претходно со душа ги чекало средбите со татко му, повеќе не сака да го види.

1.698

Причина за нашиот прв разговор со господин Бранко Брковиќ од Кавадарци, пред две години, беа кривичните пријави што ги поднесоа тој и уште неколку родители кои не живеат со своите деца по разводот, против тимовите од Центарот за социјални работи кои ги водат нивните случаи. Причина пак за нивните пријави беше тоа што овие надлежни тимови не преземаат ништо додека нивните деца полека се оттуѓуваат од нив.

Тогаш, нашиот соговорник рече дека неговата поранешна сопруга ја користи состојбата со корона вирусот за да ги оневозможи неговите видувања со синот.

„Иако за мојата поранешна сопруга короната беше причина да ми бидат ускратени видувањата со моето дете, истата не беше пречка во меѓувреме со него да се гледаат сите останати, нејзините роднини и пријатели.

Мојот син едвај чекаше да ме види, ме сакаше, имавме убав однос на татко и син, ме гушкаше и ми велеше дека ме сака, но еве, една година подоцна, бега од мене како од ѓавол. Не сака ниту да ми се доближи, не пак да ме гушне“, вели резигнирано господин Брковиќ.

Неговото дете со мајка му живее во Скопје, а тој во Кавадарци.

Кога зборувавме пред две години ни кажа дека центарот за социјални работи во Скопје му одредил право да го гледа своето дете само 2 пати месечно по 5 часа, и тоа исклучиво, во Скопје.

„Мојата поранешна сопруга максимално ја користи сегашната состојба за да не ми го даде детето да си го видам, со изговор дека е хронично болно, дека има пневмонија и дека е во ризичната група. Секако, јас се јавив кај матичната лекарка на моето дете која ми кажа дека тоа што рекла дека детето не треба да се изложува премногу на опасноста да се зарази, не значи дека не треба да се гледа со татко му, особено затоа што тоа нема никакви хронични проблеми. И така јас сега цели два ипол месеци немам никаков контакт со син ми, но тоа не ги спречува сите други роднини од нејзина страна да го гледаат и да бидат со него, сите освен татко му. Знам дека нејзиниот план е да го оттуѓи детето од мене и тоа да ме заборави и затоа постојано се обраќам до центрите за социјална работа барајќи решение“, ни кажа тогаш Брковиќ.

Според член 83 и 84 од Законот за семејство, ЦСР е институцијата која врши надзор над вршењето на родителското право и како таква е ДОЛЖНА да превземе потребни мерки за заштита на личноста, правата и интересите на детето. Затоа овие родители кои себеси се нарекуваат „секундарни“, сметаат дека ЦСР не се амнестирани од одговорноста за непревземање на мерки кон родителите за непостапување по решението за видување издадено токму од нив
„Голем дел од секундарните родители, со нивните поранешни брачни партнери не можат да постигнат спогодба во услови на пандемијата ни да си ги видат децата на вибер или да се слушнат со нив преку мобилен, а камоли да се спогоделе, како што велат од ЦСР и да ги реализираат средбите  во време кога е дозволено движењето! Исто така голем дел од овие пострадани родители ја немаат среќата, кај нивните поранешни брачни партнери да превладее разумот и да имаат макар малку емпатија кон заедничките деца. Да беше така, ниту МТСП, ниту ЦСР ќе им беа потребни. Сами ќе си се договореа со поранешните брачни другари и проблемот ќе беше решен без потреба од нивно посредување.
Јас припаѓам во онаа категорија „секундарни“ родители на кои „примарните“ веднаш на почетокот на пандемијата им ги ускратија сите можни контакти и видувања со нивните деца. Јас моето дете не го имам видено веќе два ипол месеци а неговата мајка, мојата поранешна сопруга не се обѕрнува на констатацијата дека Решенијата на ЦСР се во сила. Едноставно глуми „презагриженост“ и „преосетливост“ кон потребите на детето и мерките на владата си ги толкува онака како што нејзе ѝ одговара. А такви како мене, верувајте, ги има дури и премногу“, ни изјави тогаш овој татко.

Во меѓувреме, после еден тон жалби и пријави, тој добил право да го гледа своето дете секој петок.

Четири пати во месецот Брковиќ патува од Кавадарци каде што живее, до Скопје, за да ги оствари видувањата со својот син во период од 12 и 30 до 15 часот, определени од Центарот за социјални работи, но неговиот син веќе не е истото дете од претходно.

„Секој петок доаѓам од Кавадарци во неговата градинка и секојпат се надевам дека ќе биде повторно како порано, дека ќе ми се стрча во прегратки и дека ќе поминеме заедно барем два ипол часа колку што одредил ЦСР, но тоа не се случува. Кога го прашувам зошто не доаѓа и зошто се плаши од мене, ми вели „така“. Не сака ниту да ми се приближи и упорно одбива секаква комуникација со мене. Тоа е сега сосема друго дете, се оттуѓи од мене, а јас се чувствувам беспомошно“, вели Брковиќ.

Тој има поднесено веќе 3 кривични пријави против центарот за социјална работа и порачува дека ќе продолжи да ги поднесува после секои две неостварени видувања, иако тие не преземаат ништо.

„За нив нашите средби се успешно реализирани. Затоа јас снимив две од нив, за да им покажам како изгледаат тие успешно реализирани средби на кои после два часа патување, моето дете плачејќи одбива да се приближи до вратата на која стојам и со нетрпение чекам да го прегрнам“, вели овој татко и прашува дали е нормално едно петипол годишно дете кое толку го сакало својот татко, сега да се плаши од него, дали е нормално сѐ уште да не познава никој од роднините од таткова страна.

„Очигледно е дека е детето во изминатиот период инструирано против мене и периодот кога ми беа оневозможемни контактите со него е искористен за да се одалечи од мене“, тврди тој.

Според законот, вели Брковиќ, ако на родителот кој не живее со детето му е оневозможено да оствари повеќе од две средби со детето, тоа му се одзема времено на родителот на кој му е доверено и му се дава на другиот родител на 15 дена. Ако два месеци има прекин во видувањата тогаш детето му се одзема на родителот на кој му е доверено и му се дава на другиот родител.

Тој вели дека нему очајно му треба овој период од 15 дена за да може повторно да си ги врати довербата и љубовта на своето дете.

„Но системот е тотално нефункционален па сѐ уште не е отпочната постапка ниту за првата пријава која ја поднесов пред 2 години. Последното решение со кое ја одбиваат мојата пријава гласеше дека би било штетно да се наруши емоционалната врска меѓу мајката и детето! Прво, јас никогаш не би го инструирал нашето дете против мајка му затоа што сум свесен дека на тој начин ќе му наштетам на детето. А второ, зарем емоционалната врска со таткото не е важна?! Разговарав за ситуацијата и со експерти, со детски психијатри и им ги покажав снимките од моите т.н.успешно реализирани средби со син ми, а тие ми рекоа дека не може да ми помогне ништо освен судско предоверување на детето или да доаѓаме сите тројца на заеднички сеанси.

Знам дека е најдобро кога родителите можат да се договорат самите, но страв ми е да се среќавам насамо со мојата поранешна сопруга затоа што последната средба ја искористи за да ме обвини за физички напад, а како доказ ги приложи своите дијагнози на сколиоза и спондилоза и врз основа на нив, јас бев осуден. Пресудата не е правосилна, но многу кажува и оваа пресуда. Ако ѝ се јавам, веднаш се жали во институциите дека ја вознемирувам, па не се осмелувам ниту да ја побарам телефонски. Наместо сите пари што ги трошиме по судови, да размислеше како мајка, ќе сфатеше дека е подобро да ги трошиме на нашето дете и да го поштедиме од злоупотреба за „решавање“ на нашите недоразбирања“, вели овој татко.

Повеќе