Леле, колку ти помага сопругот околу детето, браво! Дали татковците се родители или само помагачи?
Мислам дека денес полесно се прифати менувањето на половите и истополовите бракови отколку што ќе се прифати тоа дека родителите треба да бидат рамноправни во обврските, одговорностите, ама и во правата да им бидат родители на своите деца.
Се сеќавам дека кога татко ми, во улога на дедо, му менуваше првпат пелена на внукот од сестра ми, тоа го овековечивме со фотографија, како настан на деценијата. Улогите во нашиот дом додека ние расневме беа поделени на машки и женски. Татко ми беше повеќе за забава, за да не учи да возиме велосипед или да се возиме заедно до Матка, а мајка ми ги правеше оние секојдневни работи без кои не се може. И секако, секогаш ни беше полесно кога на родителска ќе отидеше мајка ни, отколку татко ни, а реченицата, „да не слушне татко ви“, беше многу честа.
И тогаш беше нормално да се каже дека на некоја жена и мајка, нејзиниот сопруг ѝ помага или пак ич не ѝ помага.
А и татковците не се бунеа. Некако беше логично и по разводите, кои тогаш и не беа толку чести како денес, децата да ѝ припаднат на мајката, па секој втор викенд да одат кај татко им и да уживаат во сите оние работи кои не им се дозволени дома, односно, кај мајка им.
И денес, иако многу полека, работите почнуваат да се менуваат, сѐ уште многу често се слушаат реченици како: „Прекрасно е што имаш сопруг кој толку многу ти помага“. „Нека влезе само едниот родител, ајде, мајка влегувај“! И сѐ уште на нив ретко се реагира.
Дури мислам дека полесно се прифати менувањето на половите и истополовите бракови отколку што ќе се прифати тоа дека родителите треба да бидат рамноправни во обврските, одговорностите, ама и во правата да им бидат родители на своите деца.
Ама сепак се менуваат. Сѐ повеќе татковци стануваат ноќе, ако ништо друго, барем за да ѝ го подадат бебето на мајката за да го подои, да го пресоблечат, да му подготват јадење, да го утешат кога ќе падне.
Ама сѐ уште тоа изгледа чудно. На пример, одите на лекар и докторката вика да влезе само едниот родител очекувајќи тој родител да биде мајката. Ако влезе таткото, тогаш сѐ уште се мисли дека на мајката мора нешто да ѝ фали.
„Браво бе татко, ете така треба, видиш што убаво го пресоблече детето, мајка, значи браво и за тебе што си го научила сопругот да ти помага“!
Да, повеќето од нас сѐ уште не можеме да избегаме од она на што не научиле нашите родители, баби и дедовци, дека мајката е главна кога станува збор за грижата за децата, а таткото е добар ако ѝ помага. Ама и дека сѐ повеќе од тоа, е претерано и или е таткото папучар или мајката, недомаќинка.
Ама доста беше веќе со ова! Децата кои имаат двајца родители, не се дете на мајка или дете на татко, туку се заедничко дете на мама и тато. И таткото не ѝ помага на мајката, туку е нормален татко“.
И ако кога сте на доктор и ќе ви кажат дека со детето може да влезе само едниот родител, не мора тоа да е секогаш мајката. Нека влезе некогаш и таткото. И тој ќе знае да го облече и соблече детето, да раскаже што му е, да го придржи. Секако, ќе знае ако и дома „му давате“ да биде татко.
Да, можеби понекгаш изгледа полесно да му го земете детето од раце и да го пресоблечете сами бидејќи ви изгледа дека вие можете да го направите тоа и побргу и подобро, ама воздржете се. Па, и тој е родител, нели? Да, можеби мајките навистина знаат подобро, но тоа не значи дека тие секогаш треба да ја завршат целата работа.
Така е, мајката го носи детето девет месеци во стомакот, а потоа и во породилиштето имаат неколку дена насамо со бебето. Нивната улога во животот на бебето е несомнена. Мајките се најважни, незаменливи, но што е со татковците? Која е нивната улога во животот на децата?
Дали навистина сѐ уште треба да биде нормална онаа реченица „биди умен, немој да го викнам татко ти“?!
Ако ви стана нормално децата да имаат две мајки, двајца татковци или другарка ви да си купи сперма и да си направи дете само за себе, тогаш, ако имате среќа вие да имате и партнер и ваше заедничко дете, нека ви стане нормално и дека вие сте подеднакво одговорни и подеднакво важни за вашето дете. И не дај Боже да се разведете, вашите деца и понатаму треба да имаат двајца родители кои ќе заборават на тоа дека згрешиле во изборот на партнер и ќе мислат само на тоа како да бидат и двајцата присутни во животот на своите заеднички деца.
Можеби првите деново по доаѓањето со бебето дома, ќе се тркате со таткото кој прв до бебето, но сфатете дека е подобро за сите ако ги поделите обврските во сите активности во кои мајката не е неопходна.
Таткото не може да го дои бебето, па често не може да ја утеши онака како што може мајката, но може да направи сѐ друго. Во работата на родителите сме еднакви или барем треба да се стремиме кон тоа.
И наместо реченицата „Прекрасно е што имаш сопруг кој толку многу ти помага“, нека ни стане секојдневје една друга: „Прекрасно е што се имате еден со друг и што взаемно си помагате“.
А вие, мајки, не треба да се чувствувате како неспособни мајки кога ќе се соочите со некои вџашени погледи кои велат: сигурно нешто ѝ фали, па таткото мора да влезе кај докторката со детето.
Често, поради сето она што го научивме од нашите мајки и баби, ние жените имаме тенденција да се наметнуваме и да преземаме работи кои се етикетирани како „женски“ во општеството, оставајќи им малку простор на татковците. И заборавете веќе на она нашето: „Дај ми, ја ќе го направам тоа побрзо/подобро/полесно“. Тешко е да стоиш настрана и да не правиш ништо, особено ако во тој момент детето почне да плаче. Но, неопходно е, пред сè, за доброто на нашите деца – нивното психолошко здравје, самодовербата, да им дадеме простор и на татковците да бидат родители – рамноправни учесници во воспитувањето на децата, а не само помагачи.