Дај ми да облечам нешто твое! Зошто облеката од втора рака е најдобриот избор? (ВИДЕО)
Годинешниот 29-ти Моден викенд Скопје чие мото е „Модата е вечна: Одржливост и иновации,“ се одржува во знакот на одржливоста и креативноста. Од колекции изработени со минимален отпад, размена на облека, работилници за поправка и обновување на облека до, според нас, највпечатливата ревија „Upcycled Passion Fashion Show“ за која е заслужен Центарот за интеграција и поддршка SIEC и креаторката Лилјана Петров на која ова ѝ беше прва ревија
Дали сте си менувале облека со другарките? Јас да, од секогаш. И не само што си менувавме облека, туку и кога на некоја од нас ќе ѝ здодееше некое парче или пак ќе ѝ станеше премногу тесно или премногу широко, никогаш не одеше во канта, туку секогаш прво се вртеше кругот, го сакаш ти ова?
Сепак, тоа беше само интерна размена меѓу најблиски другарки.
Не постоеја продавници за облека од втора рака, ниту пак имаше расположение да се пазари во такви. Барем не во нашиов дел од светот.
Па дури и јас, кога првпат влегов во продавница за облека од втора рака, кога пред неколку децении бев на гости кај тетка ми во Америка, бев смртно навредена кога сфатив дека е тоа облека од втора рака.
Не сакав дури ни да разгледувам, сѐ до моментот кога ги здогледав црвените Левис пантолони со прерамки (како оние работничките), кои потоа ги носев со години. Отидов во истата продавница уште трипати, но сепак, не им кажав на моите дома дека сум купувала стара облека бидејќи тоа тогаш беше сѐ уште табу.
Но еве конечно, последниве години работите се менуваат.
Годинешниот 29-ти Моден викенд Скопје чие мото е „Модата е вечна: Одржливост и иновации,“ се одржува во знакот на одржливоста и креативноста. Од колекции изработени со минимален отпад, размена на облека, работилници за поправка и обновување на облека до, според нас, највпечатливата ревија „Upcycled Passion Fashion Show“ поддржана од Green Land Group, за која е заслужен Центарот за интеграција и поддршка SIEC.
Лидерката на организацијата Гордана Родиќ и креаторката на оваа колекција Лилјана Петров, конечно направија еден поголем исчекор во јавноста со својата прекрасна ревија која ги постави темелите за одржливоста и инклузијата како централни теми на вечерта. На пистата продефилираа модели од сите возрасти и во сите големини, сите облечени во креации направени од стара облека или од обновени и половни материјали.
Беше тоа ревија која мислам дека ги инспирираше сите присутни и ги натера да се замислат и да размислат секојпат кога ќе се спремат да фрлат некое износено парче облека или пак да купат ново, иако плакарот им е веќе преполн.
Верувам дека сите ќе размислат за креативното рециклирање и свесната потрошувачка за да го подноват својот стил на одржлив начин, како и дека сите полесно ќе ги разберат придобивките од реупотребата и ќе сфатат дека токму облеката од втора рака е најдобриот избор за нас и за нашата планета.
„Сакаме да ја разбиеме стигмата околу користената облека, особено во балканскиот регион, каде што многу луѓе претпочитаат да купуваат нови, брендирани парчиња. Наместо тоа, сакаме да ги натераме да изберат еколошки опции, да го негуваат винтиџ изгледот и да се освестат за пренамена на предметите“, вели Гордана Родиќ, лидерка на Центарот за интеграција и поддршка која беше меѓу оние кои дефилираа по пистата облечена во една токму таква, редизајнирана и впечатлива модна комбинација.
За Лилјана, на која ова ѝ е прва ревија со модни креации кои ги создала заедно со својот тим составен од Гордана, Фросина и нивните најмлади соработници со кои за првпат се сретнаа на нивната работилница за изработка на чанти од банери кои партнерите им ги подаруваат после некој настан, беше ова едно сосема ново и возбудливо искуство кое, се надеваме, на целиот тим ќе му даде силен поттик и ветер во грбот.
За нивниот проект за подготовка и дизајнирање производи направени главно од рециклирани материјали тие соработуваат со социјалното претпријатие Копче / Црвен крст кои им донираат дел од облеката која инаку би завршила како отпад, но и со корпоративно-одговорни компании, невладини организации и амбасади кои им донираат разни отпадни материјали и облека кои со помош на креативноста и умешноста на Лилјана и дизајнерскиот тим добиваат нова употребна вредност.
Повеќе за овие позитивни, креативни и вредни жени прочитајте ТУКА.