Кога вашиот тригодишен син ќе ве нарече „куче скапано“… Неверојатна приказна за родителското отуѓување

Утре (25 април), во 19 часот, во Домот на АРМ ќе биде промовиран романот „Отуѓување“ на авторот Ѓорѓи Мешков. Станува збор за книга инспирирана од вистинска приказна, а посветена на сите оние родители кои ја водат истата битка – да им биде дозволено да му бидат родител на сопственото дете, наместо заедно со него да станат жртви на отуѓувањето

323

Во вторник (25 април), со почеток во 19 часот во Домот на АРМ ќе се одржи промоција на романот-првенец на авторот Ѓорѓи Мешков – „Отуѓување“.

Романот „Отуѓување“ е роман распослан на дури 400 страници, а ја раскажува приказната на еден вистински човек, татко кој се бори да го задржи своето татковство откако престанува бракот со мајката на неговиот малолетен син кој пак, како и многу други деца во слична ситуација, е и самиот жртва на отуѓувањето од сопствениот родител.

Романот зборува за една тема која, освен кај нас, е позната и во светски рамки – отуѓувањето на децата од својот таканаречен „секундарен“ родител, најчесто е тоа таткото, по разводот на бракот (или вонбрачната врска), а под влијание на другиот, „примарниот“ родител на кој детето му се доверува на одгледување.

„Отуѓување“ открива што се крие зад стереотипот „примарни и секундарни родители“ создаван и негуван со децении од стручните служби и раководните кадри во социјалните институции.

„Отуѓување“ посочува на индолентен, нестручен, лаички, испартизиран и непрофесионален однос на вработените во центрите за социјална грижа и заштита како главни виновници за тоа што појавата на психичкото малтретирање на децата зема загрижувачки размери.

„Отуѓувањето е свиреп, подмолен, прикриен процес на психичко малтретирање на децата, кој свесно или несвесно го спроведуваат токму тие, кои се најмногу сакани од нив, родителите на кои децата им се законски доверени на одгледување по развод на брак. Поради голем недостиг на професионален, стручен, морален и интелектуален капацитет, еден голем дел од одговорните во државните институции за социјални работи, на таквите родители им помагаат молчешкум и со непостапување по закон“, се вели во воведот на книгата.

Иако идентитетите на главните протагонисти во романот се заменети со псевдоними, авторот не крие дека инспирацијата за истиот е вистинската приказна на неговиот пријател, сограѓанин и колега, Бранко Брковиќ кој е еден од оние илјадници други родители кои ја водат истата битка за спас на своите деца од, какошто вели Мешков, „тој нехуман процес на психичко чедоморство“.

„Куче скапано!

Молам? Што рече? Не бев сигурен дали го разбрав добро.

Куче скапано!

Куче скапано ли рече сине?

Да.

Кој е куче скапано?

Ти.

Како некој со камшик да ме удри. Останав без текст. Како би се чувствувал ти брате Ѓуро, син ти на неполни три години да те почести со „куче скапано“?“

Вака започнува романот Отуѓување“, инспириран од вистински настани кои се дел од животната приказна на Брковиќ, настани кои се уште траат.

Повеќе