Мајка му Милена си го вика торнадо, прелетува до 7, а се вивнува над 2 метри: Средношколецот Брајан Авиа е шампион на Македонија во атлетика

Брајан Авиа е шампион на Македонија во атлетика и моментално е носител на пет државни рекорди. Неговиот личен рекорд за скок во височина е 2 метри и 1 цм, а најдолгиот скок досега му е 6 метри и 82 цм. Неговата мајка Милена Милошевска вели дека од секогаш бил брзо, енергично и љубопитно дете па дома си го нарекуваат торнадо. Токму тие карактеристики ги усмерил кон постигнување одлични резултати во спортот

2.120

Нашиот соговорник Брајан Авиа има 16 години. Тој е втора година во скопската гимназија „Никола Карев“ и државен шампион во атлетика.

Моментално е носител на пет државни рекорди, од кои два се во категоријата под 16 години и три во категоријата под 18 години. Веќе има учествувано на многу меѓународни натпревари, од кои најзначајни резултати постигнал на финалето на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕЈОФ) во 2022 и 2023 година.

Брајан е вистински вљубеник во атлетиката бидејќи, според него, таа нуди многу можности покрај спортот: патувањa, пријателства од целиот свет, запознавање на различни култури. Неговата најголема желба е да застане на подиумот на следните Олимписки игри, оние кои за 4 години треба да се одржат во Лос Анџелес.

Неодамна Брајан им се придружи на зелените спортски амбасадори во климатската акција, помагајќи да се промовира одржливоста и да се создаде реципроцитет помеѓу спортот и заштитата на животната средина.

Ако се прашувате од каде е Брајан, одговорот е едноставен – одовде. Роден е во Скопје од скопјанката Милена Милошевска, а татко му е фудбалер од Нигерија. Баба му по мајка беше Симка Милошевска, русокоса и со светли сини очи, а дедо му, во времето кога живеел во Скопје и се запознал со Симка, бил студент по медицина од Того.

Брајан има еден постар брат, Нишон, кој наскоро ќе полни 19 години, а нивните помлади брат и сестра, Миа и Мевин, за неколку месеци ќе полнат 14.

„Во атлетиката веќе ме знаат, исто како и во моето училиште, „Никола Карев“, ама кога сум некаде надвор од стадион и од училиште, речиси секогаш ми се обраќаат на англиски со некое прашање, па се чудат кога ќе им одговорам на чист македонски јазик“, се смее Брајан. 

Нему му е нормално тоа што ја претставува Македонија затоа што е тоа неговата родна земја.

Иако атлетика почнале да тренираат заедно со брат му Нишон, а на иницијатива на нивната мајка, која сакала да им најде занимација во текот на летниот распуст, само Брајан продолжил сериозно да се занимава со овој спорт.

Покрај него, со спорт, поточно со кошарка, се занимава и сестра му Миа.

Иако извесно време и тој тренирал кошарка, ракомет и пливање, а две-три години одел и на глума, Брајан ѝ останал верен и ѝ се посветил само на атлетиката и тренира веќе осум години. Се определил за атлетика затоа што повеќе сака индивидуални спортови, во кои успехот, како што вели, зависи само од него, за разлика од колективните спортови кадешто успехот зависи од целиот тим. Клубот во кој тренира се вика „Полициски атлетски клуб 7 мај“, а неговиот тренер – Ѓорѓи Вучков.

„До 2020 година бев спринтер на кратки делници, но се повредив, односно, нагло пораснав, а лигаментите ми се истегнаа од напор, па ја изгубив брзината. Едно време фрлав и диск и ѓуле и имам државен рекорд во фрлање диск (во категоријата на натпреварувачи под 16 години) и тој изнесува 53 метри и 20 цм. Имам и два рекорди со скок во далечина, еден во категоријата под 16 години кој изнесува 6 метри и 34 цм и еден во категоријата под 18 години, кој изнесува 6 метри и 82 цм“, ни набројува срамежливо Брајан.

Накусо, со оглед на тоа што атлетиката има повеќе дисциплини, долги, кратки и средни патеки, фрлачки дисциплини и скокачки дисциплини, Брајан бил успешен во повеќето од нив, но сега е најсконцентриран на скоковите, па среќен е што неодамна поставил нов рекорд со кој се пласирал за учеството на претстојното европско првенство кое треба да се одржи летово, во Бањска Бистрица во Словачка. 

„Нормата со која се пласирав за европско, во категоријата за натпреварувачи под 18 години, ја направив на натпревар во Србија кадешто скокнав 2 метри и 1 цм во височина што е истовремено и мој личен рекорд“, вели Брајан кој на прашањето како се чувствува додека „лета“ во далечина и во височина, сеедно, вели дека во тие моменти не обрнува внимание на ништо друго освен на одразот и на залетот, но дека има моменти кога уште во „лет“ знае дека добро скокнал.

Многу му значи кога во публиката присутна на натпреварите има повеќе блиски луѓе кои го бодрат. Мајка му пак, таа е секогаш таму кога има можност за тоа и иако не е гласна во бодрењето, вели, „прави многу седни-стани и е целата во грч“. Нему пак, нејзиното присуство, но и она на неговите браќа, на сестра му и другарите, многу му значи и му е значаен мотив да постигне уште подобар резултат. И не само тоа, туку Брајан се обидел да ги наговори и сите свои другари да се запишат на атлетика. За жал, сите бргу се откажале. 

Имено, тренинзите во атлетиката се прилично интензивни и секојдневни, па на повеќето им било тешко да издржат, но за Брајан е сето тоа веќе дел од животниот стил. Дури и кога некогаш ќе прескокне некој тренинг, тој самиот си прави тренинг сам за себе, или барем оди да изигра една партија баскет.

„Во школо имаат разбирање за моите тренинзи поради кои понекогаш, особено кога имам припреми и натпревари, пропуштам настава, но се трудам да надополнам“, вели Брајан. 

Нема некој посебен режим на исхрана, но затоа има „среќни“ чорапи кои си ги купил кога бил на балканско првенство во Турција и кои ги носи на повеќето натпревари. На нив е ликот од неговиот омилен цртан филм, The amazing world of Gumball. 

Препознатлив е и по неговите фризури. Сега ги има своите суканици обоени во тегет, за кои се грижи неговата мајка која професионално се занимава со изработка на африкански фризури.

Но бидејќи е љубопитен и, како што вели мајка му, секогаш бил живо и енергично дете и сакал да пробува да научи сѐ што правела и таа, како на пример, да ѝ помогне кога некому му плете плетенки, сега и самиот знае да си ги корегира кога ќе му пораснат. 

„Брајан постојано ме следи и ме имитира во сѐ. На пример, гледајќи ме мене како плетам, научи и тој да плете, или кога ќе видеше дека сум си направила алка, ќе ја проучеше и тој ќе си направеше иста таква. Но, најкарактеристично за него е тоа што од секогаш бил многу брз и енергичен, иако честопати таа негова живост завршувала со некоја белја. Додека се свртам, тој веќе ќе беше на некое дрво, а новиот телевизор ќе се најдеше на подот. Дома, меѓу нас, секогаш си го викаме торнадо, па често беше задолжен и за домашните набавки. За среќа, оваа негова брзина и енергичност сега се усмерени во атлетиката, па веројатно затоа и е толку успешен“, вели неговата мајка  Милена.

А Брајан, претпоставуваме, со оглед на својата желба, упорност и напорни тренинзи, ќе успее да си ја оствари најголемата цел – да ги брани боите на Македонија на Олимпијадата во Лос Анџелес за отприлика 4 години.

За жал, вели, тука нема баш некои услови за тренирање, па во зима, кога се тренира во сала, со клубот одат во Србија или во Бугарија кадешто тој веќе има бројни фанови. Повеќето, признава мајка му, се девојчиња, кои Брајан не дозволува да го деконцентрираат волетовите кон неговата цел.

Повеќе