Маж и жена со седум деца живеат во автобус: Често не е лесно, но секогаш е убаво

Бритни и Џеј живеат во нивниот дом на тркала со своите седум деца веќе четири години. Кога ги прашуваат до кога, велат дека ништо не планираат

303

Бритни (34) и Џеј Ди (37) докажуваат дека не е важно каде си, туку со кого си. Имено, Бритни и Џеј имаат седум деца, шест момчиња и едно девојче, а веќе четири години патуваат низ Америка и живеат во преправен автобус.

Ова семејство на речиси сите социјални мрежи објавува детали од својот живот, каде голем број следбеници уживаат во нивните видеа на кои се прикажуваат интересни моменти.

„Во овој автобус живееме, истражуваме и растеме како семејство“, велат Бритни и Џеј во едно видео.

Нивното најстаро дете има 11 години, а најмалото само четири месеци и потенцираат дека животот во автобус понекогаш не е лесен, но дека секогаш е убав.

Бритни и Џејмс на своите следбеници им ја покажаа внатрешноста на автобусот и велат дека луѓето најмногу се изненадени од локацијата на нивниот брачен кревет.

„Кога ќе влезете во нашата дневна соба, ќе видите дека имаме два долги каучи со врзани шест безбедносни појаси. Тоа е особено добар простор за заеднички филмски вечери. Креветот ни се спушта од таванот“, објасниле тие.

Како што велат, додека размислувале за уредување на автобусот, сфатиле дека просторот посветен на главната спална соба би бил губиток за нивниот животен стил.

„Јас и Џеј Ди обично стануваме рано и целта ни беше да создадеме максимално функционален простор без да жртвуваме ништо. Знаевме дека не ни е потребна главна спална соба за одмор и дека децата дефинитивно би сакале да се дружат во нивната“, рекла Бритни.

Овој брачен пар работи „од далечина“, што им овозможува повеќе да патуваат и истражуваат.

Со нашиот неконвенционален начин на живот, пешачење по националните паркови, новите музеи и градови и нашиот растечки тим, за среќа, заспивањето не е проблем“, заклучила Бритни, а пренесува The Sun.

Инаку, следбениците често ги прашуваат до кога планираат да живеат ваков начин на живот, а нивниот одговор е дека „ништо не планираат“.

Повеќе