Најчестите причини за неплодност кај мажите
Првиот и основен тест за проценка на плодноста на мажот е спермограм, анализа на ејакулатот. Сперматогенезата е термин кој го означува созревањето на сперматозоидите во тестисите. Причините и факторите кои влијаат на сперматогенезата се многу различни.
И мажите и жените се погодени од неплодност, без оглед на возрасната група.
Истражувањата покажале дека во 40% од случаите кога паровите се соочуваат со неплодност, причината за проблемот му се припишува на мажот, истиот процент на жената, додека секој петти пар има проблем со стерилитет кај двајцата. Од друга страна, во околу 15% од случаите не е пронајдена објективна причина за стерилитет (идиопатска стерилност).
Ако вие и вашиот партнер редовно сте имале незаштитен секс повеќе од една година (или повеќе од 6 месеци ако имате над 35 години) без видлив напредок, треба да побарате лекарска помош. Околу 65% од паровите кои навреме го откриваат и решаваат проблемот со плодноста на крајот успеваат да постигнат позитивен резултат.
Проценка на плодноста кај мажите
Првиот и основен тест за проценка на плодноста на мажот е спермограм, анализа на ејакулатот. Сперматогенезата е термин кој го означува созревањето на сперматозоидите во тестисите. Причините и факторите кои влијаат на сперматогенезата се многу различни. Тие можат да бидат различни видови на вродени уролошки абнормалности на надворешните гениталии или стекнати, предизвикани како резултат на повреди, големи хируршки интервенции, урогенитални инфекции, ендокрини и имунолошки фактори, како и генетски нарушувања.
Етиолошките фактори кои влијаат на сперматогенезата може да се поделат на:
претестикуларни фактори кои претставуваат хипоталамо-хипофизно нарушување, како и нарушувања во хормоналната поддршка на сперматогенезата.
Фактори на неплодност на тестисите од генетско потекло (Клајнфелтер-ов синдром, цистична фиброза, микроделеција на хромозомот Y…) и негенетски нарушувања на развојот на тестисите (атрофија на тестисите, крипторхизам…), варикочела, заушки, орхитис, зрачење, хемотерапија, лекови. ..
посттестикуларни фактори – тоа се фактори кои ги оштетуваат екскреторните канали и предизвикуваат сексуална дисфункција,
инфекции (хроничен простатитис, епидидимитис и орхитис),
имунолошки причини.
Начин на живот и здравствена историја
Одреден начин на живот, како и историја на здравствени состојби, може да влијае на репродуктивното здравје и плодноста. Ризикот вашиот партнер да има проблем со плодноста се зголемува ако:
пуши цигари или марихуана,
консумира алкохол неколку пати во текот на денот,
користи различни видови на лекови,
консумира анаболни стероиди,
зема одредени лекови, како што се лекови за замена на тестостерон, или лекови кои се користат за артритис, висок крвен притисок, депресија, рак, инфекции или болести на дигестивниот тракт,
има хронична болест, како што се дијабетес, рак, болест на тироидната жлезда,
има нездрава и неразновидна исхрана,
страда од дебелина,
е изложен на разни токсини, како што се пестициди итн.
има крипторхизам или неспуштен тестис,
има хернија во пределот на препоните,
има историја на сексуално преносливи болести, како што се кламидија или гонореја.
Хипогонадизам
Хипогонадизмот подразбира намалено лачење на хормони на тестисите, што го нарушува процесот на сперматогенеза, односно процесот на создавање сперматозоиди во тестисите. Хипогонадизмот може да биде примарен (поради проблеми со функционирањето на тестисите) или секундарен (поради проблеми со функционирањето на хипофизата и хипоталамусот).
Хипогонадизмот се открива со тестирање на нивото на хормоните и проучување на симптомите. Во зависност од причината, репродуктивниот ендокринолог ќе ви препише соодветна терапија. Кога репродуктивниот капацитет не може да се врати (во случај на примарен хипогонадизам), методите на ин витро оплодување можат да дадат решение.
Варикочела и машки стерилитет
Варикочелата е болест на зголемени вени во скротумот на мажот. Проширувањето на вените предизвикува зголемување на температурата во тестисите, што влијае на производството на сперма.
Повеќето мажи немаат никакви симптоми, додека некои може да доживеат болка во пределот на скротумот која варира од блага до тешка, особено по долго седење, стоење или вежбање. Овие проблеми може да се решат на неколку начини: операција за регенерација на овие вени, интраутерина инсеминација или ин витро оплодување со или без интрацитоплазматска инјекција на сперма (ICSI).
Неплодност кај мажи – проблем со ејакулација
Мал процент од мажите имаат затнување на ејакулаторниот канал што ги спречува сперматозоидите да навлезат во самата сперма. Ова се случува кога има оштетување или блокирање во внатрешноста на семеводниот канал.
Можен проблем е и ретроградната ејакулација. Овој проблем го доживуваат мажите кои за време на оргазам не исфрлаат сперма, туку таа се враќа назад во мочниот меур. Тоа се случува затоа што мускулот помеѓу мочниот меур и простатата, кој служи за спречување на истовремена ејакулација и мокрење за време на сексуалниот однос, не работи правилно.
Обично нема никакви симптоми, освен што при ретроградна ејакулација, мажот може да забележи заматување на урината или неиспуштање на спермата за време на оргазам.
Инфекции, повреди, невролошки проблеми, вродени дефекти или вазектомија може да предизвикаат проблеми со ејакулацијата.
Можни решенија за овој проблем се интраутерина инсеминација или операција која би ја отстранила пречката доколку постои, реверзибилна вазектомија или ин витро оплодување.
Машки стерилитет – проблем со бројот или подвижноста на сперматозоидите
Ако вашиот партнер ејакулира многу малку или воопшто нема сперма за време на оргазам, или ако неговите сперматозиди се премногу бавни или абнормално обликувани, неговата сперма нема да може да оплоди јајце клетка. Ова може да биде предизвикано од хормонална нерамнотежа, болест, повреда или некој вид инфекција, треска, изложеност на топлина или токсини, одредени генетски проблеми или конзумирање на разни лекови.
Ваквите проблеми не носат никакви симптоми, а може да се решат со одредена терапија, интраутерина инсеминација или ин витро оплодување.
Машки стерилитет и антисперматозни антитела
Телото на вашиот партнер може да произведе антитела кои ја забавуваат подвижноста на неговата сперма или дури и ја уништуваат. Ова најчесто се случува по вазектомија, торзија на тестисите, инфекција или траума. Нема симптоми кои ќе му сигнализираат на партнерот за постоење на таков проблем. Единственото можно решение кога станува збор за ова сценарио е ин витро оплодување со интрацитоплазматска инјекција на сперма (ICSI). Постои можност и за земање стероиди, како што е преднизон, но конзумирањето на овој лек не се препорачува поради последиците по долготрајна употреба.
Непознат проблем – честа „причина“ за машка неплодност
Понекогаш лекарот може да ја објасни состојбата на вашиот партнер како стерилитет со непозната причина ако не може да ја утврди причината зошто не може да забремените. Постои можност вашиот партнер да има неколку од причините што ги наведовме во овој текст, а кои дејствувајќи заедно придонесуваат за појава на стерилитет. За да се потврди таквата теорија, потребни се дополнителни анализи за да се утврди кое од можните решенија може да биде ефективно. Стерилноста погодува дури 10% од населението. Со оглед на тоа дека неплодноста влијае на различни структури на населението, на сите социо-економски слоеви, без разлика на раса, етничка припадност или религија, речиси е сигурно дека некој од вашето семејство се справува со тешкотијата за зачнување потомство.
Како се решава проблемот со машката неплодност?
Повеќето од причините за стерилитет успешно се решаваат со медицински процедури или терапија. Повеќе од половина од паровите кои бараат помош успешно зачнуваат, природно или со медицинска помош. Правилниот избор на лекар специјалист, како и позитивниот став и упорност, во повеќето случаи водат кон целта.