Порано се одеше кај школскиот психолог само за да се јавиш дома, денес – полни раце работа

Стефан Стојановски е млад психолог кој веќе неколку  години работи во основното образование и вели дека сега, за разлика од порано, кога тој бил основно, децата често имаат потреба од психолошка поддршка. „Кај поголемите деца, најчести се депресиите, а помладите најчесто имаат симптоми на АДХД и проблеми со говорот. Иако се уште мали, некои од децата веќе размислуваат и имаат дилеми и околу сексуалната определба“, вели тој.

1.103

Дваесетишестгодишниот Стефан Стојановски е млад психолог, но веќе неколку  години работи во основното образование и дали поради тоа што го чувствуваат близок по возраста или поради односот што успеал да го воспостави со нив, децата од прво до деветто гледаат на него како на некој близок на кој можат да се потпрат, кому можат да му ги доверат своите проблеми, дилеми или меѓусебни конфликти, а понекогаш, ако е многу зорт, дури и да го искористат како изговор да не се појават на некој час. Ова, вели Стефан, не се случува често, но дури и ако сфати дека е тоа единствената причина поради која некое дете сакало да дојде во неговата канцеларија, тој не се лути, туку се обидува да го искористи времето и низ разговор да открие нешто за што детето можеби не е свесно, а всушност го измачува или ако ништо друго, барем да открие која е причината поради која не сакало да оди на часот.

Стефан си ја сака работата и вели дека не му е тешко тоа што за разлика од порано, кога тој одел во основно училиште, па кај школскиот психолог се одело само ако сакаш да се јавиш дома зашто те боли стомак или си качил температура, сега психолозите имаат полни раце работа, ама жал му е поради тоа што децата толку рано се соочуваат со некои психолошки проблеми кои претходните генерации воопшто ги немале.

„Кај поголемите деца забележувам дека се чести депресиите, дури мислам дека се и најчести, а тоа, претпоставувам дека се должи и на долгиот период кој го поминаа дома, додека бевме затворени заради пандемијата, па во многу семејства имаше и смртни случаи, а во многу случаи пак се должи и на семејните прилики, на големиот број на разводи, на недостатокот на внимание од страна на едниот или на двајцата родители кои се преокупирани со работата и со меѓусебните проблеми. Но токму тие, иако најмногу им треба разговор и помош, речиси никогаш не доаѓаат самите да ја побараат, напротив, повлечени се, не зборуваат и не се дружат со другите деца. Во овие случаи е од клучно значење соработката со наставниците кои ми ги посочуваат па јас изнаоѓам начин како да им пријдам, без да ги повикувам во мојата канцеларија пред сите и уште толку да им ја урнам самодовербата. Има и случаи на семејно насилство, па низ разговор децата знаат да ми се доверат дека, на пример, таткото ја удрил мајката или дека родителите многу се карале и слично.

Помалите деца пак најчесто се со симптоми на АДХД, немаат трпение, не можат да го  насочат вниманието, но она што најмногу паѓа во очи, иако е повеќе работа за логопедите и дефектолозите, а не за психолозите, е тоа што најголемиот дел од првачињата имаат проблеми со говорот, па понекогаш им се случуваат „незгоди“ само затоа што не успеваат да кажат дека имаат потреба од тоалет. Значи, зборувам за деца кои се сега прво одделение, она што порано значеше забаваче. Повеќето зборуваат целосно неразбирливо, не е она како кога малите деца мешаат Р и Л или С и Ш, туку целосно се збунети, едноставно, не знаат да зборуваат па полни раце работа имаат и логопедите“, раскажува Стефан.

Тој е често меѓу децата и за време на одморите, постојано е по ходниците, па тие се слободни со него, а некои од оние кои имаат некаков проблем па веќе стекнале некаква рутина со доаѓање на разговор со него, имаат привилегија да си влезат и кога тој не е тука, да се повлечат на пример за време на одморот, да си пуштат музика и да се релаксираат.

Стефан имал неколку случаи и со деца кои се збунети во поглед на сексуалната ориентација. На пример, релација меѓу две другарки заради која едното од девојчињата почнува да се чувствува непријатно, па сака да се оддалечи, додека пак другото страда како да станува збор за љубовна врска.

Има случаи и кога знаат да му се отворат и да му кажат дека не знаат кои се, навестувајќи ги своите дилеми околу сексуалната ориентација, но тој смета дека се премногу млади и дека е сето тоа можеби повеќе последица од влијанието на социјалните мрежи, од достапноста на најразлични информации поврзани со хомосексуалност, транссексуалност и слични кои ги наведуваат да размислуваат во тој правец дури и премногу рано.

„Дел од растењето е кога во пубертетот децата почнуваат да ја откриваат својата сексуалност, да ги воочуваат разликите помеѓу половите, но мислам дека е денес сето ова препотенцирано“, забележува тој.

Во меѓувреме, не осудува никого и се обидува да им помогне на сите да се најдат себеси, да излезат од депресијата, да најдат некои нови мали задоволства кога доживуваат некое разочарување, да ги средат конфликтите со себе, но и оние со другите деца или да им биде едноставно само човек од доверба, некој со кого можат да разговараат за сите свои проблеми, некој кој секогаш им е на располагање на сите. Често им дава и „задачи за дома“, ги учи да размислуваат за добрите и за лошите нешта на секој проблем, на пример, да напишат што ги радува, а што ги растажува и сами да го најдат решението.

„Сѐ што сакам е да бидам тој човек во училиштето на кој децата можат да се потпрат и од кого можат да побараат совет, помош, решение или само разговор. Си ја сакам работата и мило ми е што можам да им помогнам“, вели овој млад психолог полн со ентузијазам и со љубов кон професијата, одлично поткован и подготвен за сите оние активности чија крајна цел е зачувување и подобрување на менталното здравје на учениците.

Повеќе