„Без размислување ѝ понудив на пријателката мои јајце клетки“
На Зоја ѝ биле потребни 12 години и 7 ин витра за да се оствари како мајка, па ја препознала желбата и болката низ која поминувала нејзината пријателка. Денес, иако ѝ донирала свои јајце-клетки и е генетски поврзана со детето, вели дека во нивниот однос не е сменето ништо. „Таа е мајка на тоа дете, а тоа дете за мене е дете на мојата другарка“, вели нашата соговорничка.
Зоја е претседателка на здружението „До бебе по патот на ин-витро“, мајка на петгодишно момче кое го добила после 12 години тежок и мачен пат до мајчинството и како резултат на седмото ин-витро. Затоа својот син си го вика „Мојата седма среќа-мојата седмица на лото“.
Со оглед на својата долгогодишна борба да стане мајка, таа најдобро можела да ја разбере болката на својата другарка кога таа дознала дека има многу ниско АМН (Антимилеров хормон е хормон кој се произведува од страна на фоликулите во јајниците кои содржат јајце клетки. Нивото на Анти-Mullerian хормонот во крвта e директен индикатор за проценка на плодноста кај жените и за следење на реакцијата на пациентите подложени на терапија за фертилизација) и дека единствен начин да се оствари како мајка ѝ е по пат на донација.
„Бев запознаена со цените на дониран материјал и знаев дека мојата пријателка не може да си дозволи да купи. Низ таа голгота поминуваат многу жени кои ги познавам и навистина им е потребна помош од најблиските. Ако жена не помогне на жена, нема кој да ни помогне. Чувството да донираш, да помогнеш, да подариш живот, лично јас го доживеав како еден најубав гест што можеш да го направиш за некого. Кога и кажав дека сакам да ѝ донирам нејзината реакција на неверување и среќа ми го стопли срцето. Кога ми се јави да ми ја соопшти најубавата вест за неа, трицифрена бета и денот кога се оствари како мајка, чувството беше прекрасно. Таа е сега прекрасна и најсреќна мајка на нејзиното најубаво детуле“, раскажува Зоја.
Таа и ден денес го памти тој телефонски разговор кој не се заборава, тој среќен треперлив глас на нејзината пријателка.
За Зоја процесот на донација претставува хуман гест со кој им се помага на паровите и на поединците да се остварат како родители.
„Според законот донорот треба да биде физички и здравствено во добра состојба, да има уредни генетски испитувања (тука спаѓаат и наследни болести), психички да биде подготвен на чекорот што го прави. Посетата кај психолог кој ги објаснува сите придизвици со кои ќе се соочиме во процесот и во иднина е клучна за одобрение за донор. Се посетува нотар и адвокат каде што законски се откажуваш од правата и обврските кон тоа дете.
Во нашата земја, со оглед на тоа што сме мала популација, дозволено е да се биде донор на еден примател и тој примател да роди до 2 живородени деца. За сето ова се води евиденција во Централниот регистар на донори и приматели“, објаснува таа.
Зоја смета дека кога целата јавност би била запознаена со проблемите со кои се соочуваат ин витро пациентите и кога без срам и страв би се зборувало на темата, дека кога родителите кои добиле деца по пат на ин витро не би се срамеле да го кажат тоа, ова не би било повеќе табу тема во нашето општество.
„Затоа е убаво јавно да се говори на оваа тема, за да си помогнеме меѓусебно. Доколку мојата пријателка не разговараше со мене и не ме запознаеше со нејзиниот проблем, немаше да бидам во можност да ѝ помогнам. Затоа мој совет е да не се плашите и да не се срамите, туку отворено да зборувате за своите проблеми, затоа што никогаш не знаете кој може да ви помогне“, вели таа.
Во меѓувреме, таа и нејзината пријателка имаат непроменет однос.
„Секако дека имаме контакт, се дружиме и ништо не е сменето во нашиот однос. Таа е мајка на тоа дете, а тоа дете за мене е дете на мојата другарка“, завршува Зоја.