Секој со своето: Додека Грејс Џонс на 76 врти хулахоп, баба Перса на 80 – со мотика ја копа нивата

Не е дека и јас не ѝ се восхитувам или дека сакам да мешам баби и жаби, само сакам, наспроти сиот тој оправдан восхит од Грејс Џонс која на 76 години пее по гаќи и во чизми и сѐ уште изгледа неверојатно, да го споделам својот восхит и кон баба Перса и другите селски жени кои сѐ уште, на 80 години, со мотика во рака си садат земјоделски култури и наместо вртејќи хулахоп, се прехрануваат сосема сами, со своите две жилави, исушени и збрчкани раце.

502

Една од најпрепознатливите фигури на американската музичка сцена, Грејс Џонс ја дефинира музиката, модата и уметноста речиси четири децении и е неизоставен дел од енциклопедиите на поп културата.

Една од оние кои за нас, во овој дел од светот, беа речиси недостижен сон.

Пејачка, актерка, супермодел, муза, легенда, провокатор, ова се само дел од епитетите со кои би ја опишале неповторливата Грејс Џонс која и на 76 години сè уште изгледа сензационално.

Во едно неодамнешно интервју вели дека повеќе не се занимава со бодибилдинг, кој ѝ ги оштетил зглобовите, туку дека плива и го врти хулахопот.

Нејзините совети како да ја одржите виталноста се следниве: прво, посетете ја Јамајка бидејќи нејзината блага клима и опуштено опкружување ќе ви ги избришат годините; пливајте редовно, по можност во море; гледајте изгрејсонца и зајдисонца; уживајте во неколку чаши црвено вино; грижете се за изгледот, но не опсесивно; и конечно, повремено менувајте ги родовите улоги.

За Грејс Џонс – нема ништо полесно од тоа.

И сега, таа беше во Скопје, а јас бев на село. Сепак, се радував што е тука и се радував за сите оние кои ќе уживаат во шоуто. И потоа, гледам дека нема ниту еден од тие кои биле на концертот, кој пропушти да го спомне хулахопот кој Грејс го врти на своите настапи.

За ова коментираа и Хрватите по нејзиниот настап на 4 јули во Загреб, а сега и оние кои беа на концертот во Скопје.

И не е дека и јас не ѝ се восхитувам или дека сакам да мешам баби и жаби, само сакам, наспроти сиот тој оправдан восхит од Грејс која на 76 години пее по гаќи и во чизми и сѐ уште изгледа неверојатно, да го споделам мојот восхит и кон баба Перса и другите како неа кои живеат сами во пустите македонски села откако нивните наследници си побегнале оттаму без да се свртат и сѐ уште, со мотика во рака си садат земјоделски култури и се прехрануваат со своите две жилави, исушени и збрчкани раце.

Тие никогаш не слушнале за Грејс Џонс, иако им е генерација, а веројатно би биле фрапирани кога би слушнале барем за неколку луди детали од нејзиниот живот, како на пример за оној кога на престижната забава на француските политичари се појавила целосно гола носејќи само огрлица од заби.

Глобализацијата, современиот начин на живот, внатрешната миграција и промените во структурата на семејството доведоа и доведуваат до зголемена изолација на старите лица кои живеат во руралните средини во овој дел од светот и овие луѓе често остануваат заборавени и оставени сами да се снаоѓаат како што знаат и умеат.

Со мотика во рака, подгрбавени и измачени и толку далеку од вртењето хулахоп на жената која ако наместо на Јамајка, се родеше во село Свирипичино, сега како и нашите типични македонски селски жени, наместо со хулахопот, ќе се занимаваше со земјоделски работи или ќе молзеше крави.

И да, знам дека споредувам неспоредливи нешта, ама сакам да кажам: Зарем е толку неверојатно тоа што некој кој никогаш во живот не видел мотика, изгледа како Грејс Џонс? Или зарем е толку неверојатно тоа што на 80 години Мик Џегер сѐ уште растрчува по сцената како да има 20 години?

Впрочем, перцепцијата за староста е нешто што се менува во сите општества.
Има толку многу неверојатни жени над 70 години кои не само што докажуваат дека годините се само бројка, туку дека најдоброто допрва доаѓа.

Жените како Џејн Фонда, Хелен Мирен, Мерил Стрип и многу други покажуваат дека е важно да се грижите за себе – за умот, телото и духот и дека годините не се и не треба да бидат ограничување.

Но зарем не мислите дека се сите тие сепак само жени кои живеат привилегиран живот, во споредба со оној на нашите 80-годишни старици од село?

И зарем не им се чудите и не им се воодушевувате токму на тие наши 80-годишни старици кои изгледаат како да имаат 100 години, не знаат ниту што е тоа хулахоп, но сѐ уште имаат доволно сила за да копаат на плус 35?!

Повеќе