Знаете што е таи чи чуан? За древната борба со стресот, за древната кинеска вештина, за мечот и за нашата Дана Силјаноска

Не е едноставно егзистенцијата да се обезбедува со нешто кое 90% од населението не можат да го изговорат, а останатите 10% само слушнале за тоа, вели Дана Силјаноска, учител по таи чи чуан и чи гонг и авторка на книгата насловена како: „Древната војна со стресот“

439

Нашата соговорничка Дана Силјаноска е магистер по социјална работа, професија со која мислела дека ќе се занимава во животот, сѐ додека пред 22 години не отишла на тренинг по таи чи чуан со другар на нејзиниот брат.
„Јас се интересирав за будизмот и таозмот уште во средношколските денови, а кога пред 22 години првпат отидов на тренинг, не очекував дека ова ќе биде моја професионална ориентација. Но реката на животот е навистина непредвидлива и треба да се следи. Моето унапредување во таи чи чуанот и здравствениот чи гонг го реализирав во Белград, каде полагав за мајсторски чин. Не е едноставно егзистенцијата да се обезбедува со нешто кое 90% од населението не можат да го изговорат, а останатите 10% само слушнале за тоа“, ја почна нашата соговорничка својата приказна за тоа како оваа древна кинеска вештина ѝ влегла под кожа и станала нејзино секојдневје, но и оружје во борбата со стресот.
Искрена е и вели дека кога го основала својот клуб Феи Лонг, во кој низ годините потоа имала ученици од 12 до 83-годишна возраст, немала голема поддршка ниту од фамилијата, ниту од тогашниот партнер.

„Единствена која ме поддржува од самиот почеток е мојата најдобра другарка и соработничка, Елена Ставреска со која заедно го буткаме сизифовскиот камен наречен таи чи чуан. Често знам да кажам дека ми е како сестра. Кога бев дете во мојата зграда сите другарки имаа сестри, само јас брат (кој е лектор на книгата „Древната војна со стресот“), па знаев да си побарам сестра кај моите родители. Желбата не ми ја исполнија, па затоа морав да се потрудам сама да си ја најдам и мислам дека успеав во тоа“, се смее Дана.

Токму Елена е одговорна и за насловот на книгата која ќе биде промовирана во сабота (23.12.2023) во Бифе Тафталиџе.
„Древната војна со стресот е мојата прва книга која всушност беше мој магистерски труд со наслов – Примена на медитативните техники во справување со стресот. Во еден секојдневен и долгометражен телефонски разговор, поврзувајќи се асоцијативно со древните вештини и стресот, нејзината идеја блесна како теслино светло, јас веднаш прифатив и така се роди насловот. Инаку, истражувањето за примената на медитативните техники во справувањето со стресот го правев во мојот клуб Феи Лонг заедно со моите вежбачи, кои многу ми помогнаа да се реализира овој научен труд, засега единствен во Македонија“, раскажува авторката.
Таа вели дека е можеби единствен учител по таи чи чуан и чи гонг кој истовремено е и секогаш достапен социјален работник за своите ученици. Со други зборови, вели, „имам невидливо присуство во нивните животни предизвици и транзиции. Од досегашното искуство секој кој ме избрал за учител сака нешто да промени во животот и се радувам што е така. Кој не е подготвен за промени нема да ме избере мене за учител. Едноставно е“.


Што е таи чи чуан?
Дана објаснува дека таи чи чуан е вештина која може да се вежба од 7 до 77 или до 107, а најважни се мотивот и желбата да се унапреди психофизичкото здравје и да се развива телесната самосвесност.

Самиот термин се состои од два дела – таи чи е врвен принцип на самото постоење, чие суштинско значење се содржи во симболичниот визуелен приказ на двете контрасни енергии Јин и Јанг, кои меѓусебно се надополнуваат тежнеејќи кон постигнување на совршен баланс.
Чуан ја претставува борбената компонента и во превод значи тупаница или врвен ултимативен бокс, со што се нагласува и борбената димензија на таи чи чуанот.
Како што интересот за оваа вештина растел, така настапило и соочување со повеќе видови проблеми и сето тоа придонело таи чи чуанот да добие и нов облик и значење кое се разликува од првобитното. Така, самата подготовка за борба, техниките за смирување на умот и телото, подобрувањето и одржувањето на виталната сила и вежбите за концентрација стануваат сè поголема потреба на луѓето. Со текот на времето и со промените на светско ниво, човекот сфаќа дека најдобрата можна инвестиција е инвестицијата во своето здравје, па така голораките борби и борбите со меч стануваат само дел од рекреативниот тренинг по таи чи чуан. Освен со меч, таи чи чуанот може да се вежба со стап, лепеза, сабја и други традиционални кинески оружја.

Збор – два за потеклото и вежбањето со традиционалниот кинески меч Џијан
Што се однесува до мечот, создаден е од извонредно вештите раце на членовите на една фамилија која живеела пред 4000 години, во времето на владеењето на Династијата Шанг.
„Овој челичен убавец, украсен со симболите на кинеската историја и митологија, со својата префинета елеганција и убиствена моќ бил нарекуван Господин или џентлмен меѓу стотина војници, а во кинескиот фолклор бил нарекуван и Господин меѓу оружјата. Низ кинеската воена историја прeтрпел многу трансформации во изгледот и стандардот, а некое време бил и критериум за општествениот статус. Додека се вежба со Џијанот добиваме чувство дека имаме продолжена рака со која контролираме во просторот, а сето тоа е проследено со совршена телесна статика“, раскажува нашата соговорничка.

Таа ни опиша накусо и во што се состојат лекциите по таи чи чуан.
„Првата лекција на тренингот е за тоа колку телото не ги слуша нашите наредби. Ние точно знаеме какво е движењето кое треба да се изведе, но нашето тело, едноставно, дава отпор. Тука се поставува прашањето: Како со помош на физичко вежбање и изведување на таи чи формите може полесно да се справиме со стресот?“, вели Дана и додава дека одговорот е едноставен доколку сме ја сфатиле теоријата зад симболот на дуалистичкиот концепт Јин и Јанг, како и самите идеолошки и медицински темели на оваа кинеска вештина.
Имено, доколку умот и телото ги поделиме според Јин и Јанг теоријата и на тој начин ги сфатиме како една целовитост, но во рамките на кружниот симбол, тогаш ние почнуваме на нашата психо-физичка состојба да гледаме како на еден цикличен процес во кој едното го поттикнува функционирањето на другото. Така, умот е оној кој ја поттикнува работата на телото, но и обратно. „Според начинот на кој се учи оваа вештина, старите Кинези ќе кажат „Телото помни дури и кога умот ќе заборави”. Ова ја наговестува втората најважна лекција која ја учи секој кој решил да се посвети на изучувањето на оваа древна вештина, а тоа е „Не е доволно движењето да се изведе правилно, туку неопходно е тоа да се изведе повеќе од 10.000 пати, за телото да запомни, а умот да се одмори”. Мускулите имаат своја меморија, или поточно, тие се прилагодуваат на одреден тип на движења и кога ова прилагодување ќе достигне едно оптимално ниво, тогаш тие почнуваат да се одмораат при истите движења за кои претходно се вложувал напор“, објаснува Силјаноска.
Според неа, најголема придобивка од посветувањето на таи чи чуанот како борбена, а потоа и како медитативна вештина, е дисциплината.
„Дисциплината е оската на одговорноста, столбот на мотивацијата, светлото на волјата и реализаторот на визијата. Лежи во сржта на слободата, бидејќи слободата е најголема одговорност. Таа е вештина на пливање во океанот на слободата. Без дисциплина нема саморазвој, нема одговорност, нема самопочитување и нема личен интегритет“, порачува Дана Силјаноска.

Повеќе